Регион
Владата на Србија со најава за нови ригорозни мерки по масовното убиство во училиштето
Владата на Република Србија донесе заклучоци по денешната седница, на која се предлагаат неколку измени на законот, по вчерашниот масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“.
Како што дознава „Блиц“, меѓу другото, се предлага мораториум за издавање дозволи за чување и носење кратко огнено оружје за две години, а прегледот на сите издадени дозволи за чување оружје мора да заврши во рок од три месеци.
„Во рок од шест месеци да се заврши контролата за тоа како лицата со дозволи го чуваат оружјето, а особено контролата дали се исполнети законските барања за безбедно складирање оружје, дали оружјето се чува одделно од муницијата и дали пристапот до оружје е соодветен и е заштитен од малолетни и други неовластени лица.
Контрола на сите стрелишта на територијата на Република Србија да заврши во рок од 3 месеци, во рок од еден месец да се подготват прописите за условите и начинот на користење на стрелиштата, вклучително и забраната за пристап на малолетници.
– Се наложува Министерството за правда да подготви, во рамките на постојната работна група за измени на Кривичниот законик, измени на законот, со кои ќе се пропише кривична одговорност за лицата што овозможуваат малолетници и други неовластени лица да набават огнено оружје и кои обучуваат малолетници и други неовластени лица да ракуваат со огнено оружје со оружје.
– Се наложува Министерството за правда да ја разгледа можноста за измена на Кривичниот законик со цел намалување на старосната граница за кривична одговорност на малолетниците од 14 на 12 години, притоа почитувајќи ги меѓународните и европските стандарди.
– Се наложува Министерството за образование и Министерството за здравство да соработуваат и во рок од еден месец да подготват прописи со кои ќе се овозможи воведување задолжителни тестови за наркотици во средните и основните училишта за учениците од седмо и осмо одделение.
– Владата во рок од десет дена ќе формира совет за спречување врсничко насилство, кој, меѓу другото, ќе обезбеди организирање мобилни тимови за врсничко насилство преку протоколи помеѓу центрите за социјална работа и други служби (образовни и здравствени установи, полиција), која итно би реагирала на случаи на врсничко насилство и во консултација со синдикатите на воспитно-образовните работници и здруженијата на родители на ученици да ја разгледаат целесообразноста од донесување мерка за забрана за употреба на мобилни телефони во училиштата.
– Се наложува Министерството за правда и Министерството за информации и телекомуникации во соработка во рок од еден месец да ја разгледаат можноста за заострување на санкциите за непочитување на пропишаните обврски на давателите на медиумски услуги, вклучително и интернетот и другите електронски платформи, како и социјалните мрежи, во однос на забраната на програмски содржини што нагласуваат и поддржуваат насилство, криминално и друго незаконско однесување, емитување сцени на брутално насилство и други содржини, кои може сериозно да му наштетат на физичкиот, психичкиот или на моралниот развој на малолетниците.
– Владата во рок од десет дена ќе формира работна група за безбедност на децата на интернет, која ќе го разгледа воведувањето мерки за забрана на пристап до веб-страниците (ДАРК НЕТ и слично), кои содржат совети како да се изврши убиство, набавка на дрога или огнено оружје“, пренесуваат српските медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Крвава ноќ во Калуѓерица, маж по расправија со девојка се прободел со кујнски нож
Д.Г. (40) се повредил со нож во пределот на стомакот по расправија со девојка. Инцидентот се случил во белградската населба Калуѓерица, по што повредениот бил пренесен во Ургентниот центар.
По жестока расправија со девојка, во белградската населба Калуѓерица се случил инцидент кога Д.Г. (40) си забодел кујнски нож во стомакот. Повредениот маж веднаш бил пренесен со возило на брза помош во Ургентниот центар, каде што добил итна медицинска помош.
Инцидентот се случил пред две ноќи, а припадници на полицијата веднаш излегле на местото на настанот и ги испрашале момчето и девојчето кои биле присутни во куќата во моментот на инцидентот кога мажот се самоизбодел.
Девојката потврдила за полицијата дека имале жестока расправија, по што Д.Г. го зел сечилото и го забодел во стомакот. Откако лекарите во Ургентниот центар ја санирале раната, Д.Г. бил пуштен на домашно лекување. Случајот е окарактеризиран како несреќен настан по семеен разговор, а понатамошната истрага ќе ги утврди сите релевантни факти.
Регион
Бугарскиот уставен суд ја прифати оставката на Радев, Јотова ја презема функцијата
Уставниот суд ја прифати оставката на бугарскиот претседател Румен Радев, јавуваат бугарските медиуми.
Според одлуката на судиите, овластувањата на Румен Радев како претседател престануваат предвреме со потврдувањето на неговата оставка од страна на Уставниот суд . Одлуката стапува во сила денес, 23 јануари.
Уставниот суд го разгледа барањето на Радев без да мора да го сослуша или да побара дополнителни докази, бидејќи испитувањето беше ограничено на утврдување на лична изјава за волја – прашање кое, според судот, нема сложени правни пречки.
На расправата учествуваа 12 уставни судии, а за уставниот случај извести судијката Павлина Панова.
Оставката ја поднесе Радев по обраќањето до бугарскиот народ на 19 јануари, во кое објави дека се повлекува од функцијата со цел активно да учествува на претстојните предвремени парламентарни избори и евентуално да учествува во политички проект или партија.
„Инвестор.бг“ потсетува дека одлуката на Уставниот суд е историска – ова е прв случај во поновата историја на Бугарија во кој актуелен претседател поднесува оставка пред истекот на мандатот, а судот го разрешува од функцијата.
Потпретседателката Илијана Јотова автоматски ја презема функцијата нов шеф на државата до крајот на нејзиниот мандат на 21 јануари 2027 година. Таа ќе ги извршува функциите на претседател, вклучително и назначување на привремена влада и подготовка за следниот изборен процес.
Фото: ЕПА
Регион
Дедото уапсен под сомнение за обљуба над малолетната внука во Белград
Полицијата на територијата на Белград го уапси Г. М. (57) бидејќи постоеле основи на сомнение дека сторил кривично дело обљуба над дете.
Жртвата е неговата четиринаесетгодишна внука, која ја дала изјавата во присуство на нејзината мајка, според медиумите во соседството.
Осомничениот е задржан од полицијата до 48 часа, во кој период ќе биде приведен на сослушување.
Според написите, се сомнева дека дедото наводно го сторил ова тешко кривично дело врз својата внука во неколку наврати.
Случајот го презеде Вишото јавно обвинителство во Белград, кое ќе спроведе понатамошна истрага. Бидејќи жртвата е малолетно лице, истражните органи ќе ги преземат сите мерки за заштита на интегритетот на детето, а изјавата ќе биде земена во присуство на експерти и психолози.
Кривичниот законик на Србија предвидува исклучително строги санкции за злоупотреба на деца. За најтешките форми на ова кривично дело, особено кога има роднинско сродство или злоупотреба на положбата, се заканува затворска казна од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Сите надлежни служби, вклучително и Центарот за социјална работа, се вклучени во обезбедување поддршка и заштита на жртвата од самиот момент на пријава, според медиумите.

