Македонија
Државната матура ќе доцни сосе резултатите: Ако државата смета дека не сме важни, зошто ние да се жртвуваме и да работиме по 20 часа

Неуспешни се преговорите за покачување на платите на вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ), а штрајкот продолжува. Тие посочуваат дека веќе е неизводливо да се реализираат државните матури во согласност со датумите, а тоа ќе значи пролонгирање и на времето во кое ќе се објават и резултатите. Емилија Бошковска, претседател на Синдикалната организација при ДИЦ, посочува дека пролонгирањето нема да биде подолго.
„Имавме два неуспешни состанока. Последниот беше со министерот за образование, во присуство на лице од Министерството за финансии. На тој состанок не добивме ништо ново. Предлогот на Министерството за финансии е покачување од речиси 1.000 денари и дека тоа се нивните црвени линии. Некои 300.000 денари од нашиот буџет се резервирани за платите на функционерите. Од таа причина, бидејќи истекоа роковите, пресметките се дека веќе е невозможно да се постигнат датумите од календарот за државна матура. 27 мај е воопшто неизводлив. Бараме промена на датумите за државна матура. Тоа значи и пролонгирање на резултатите. Бараме министерот да види кои се опциите за државна матура“, вели Бошковска.
Таа посочува дека има вработени што продолжиле со извршување на своите задачи наместо да штрајкуваат, но поголемиот дел и натаму не работи сè до покачување на платите.
„Се надевам дека ова пролонгирање нема да биде подолго. Има несогласувања, но сè уште сме здружени. Повеќето од вработените сè уште се во штрајк. Спремни сме да работиме деноноќно за да ги реализираме активностите за државна матура, но во прашање се веќе минути, а не денови. До петокот, ако прекинеше штрајкот, беше возможно да се реализира. Ако државата смета дека не сме важни, зошто ние да се жртвуваме и да работиме по 20 часа“, додава таа.
Штрајкот на Државниот испитен центар влегува во трета недела. Тие на 24 април известија дека почнуваат штрајк оти 11 од вкупно 29 вработени, кои се на разни позиции, се изедначени и земат минимална плата од 20.000 денари. Синдикалната организација на Државниот испитен центар најави дека ќе штрајкуваат сè додека не добијат согласност од Министерството за финансии за покачување на платите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски вечерва на Македонскиот фолклорен фестивал во Пустец, Албанија

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва ќе ја посети Општина Пустец, Албанија. Генералниот секретаријат најави дека премиерот ќе се обрати на Македонскиот фолклорен фестивал Преспа кој се огранизира во Пустец, Албанија.
Фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Гоце Делчев“ во Пустец со почеток во 18 часот. Ќе настапат фолклорни групи и културно-уметнички друштва од Северна Македонија и Мала Преспа, кои ќе ги претстават богатствата на македонското културно наследство.
Настанот се одржува под мотото „Единство, традиција и гордост на едно место“, а го организираат Општина Пустец, македонското друштво „Преспа“, и институции од Албанија и Македонија, со поддршка од Министерството за економија, култура и иновации на Албанија.
Македонија
Денес се евидентирани вкупно 22 пожари на отворен простор

На територијата на државава денеска до 18 часот се евидентирани вкупно 22 пожари на отворен простор, од кои 14 се активни, а по четири се под контлола и изгаснати.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни пожари има: во Општина Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино, планината Голем Готен и Малешевските планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки, ниска вегетација); Општина Прилеп 1 – с. Бешиште, Бешишки Рид, крак према с. Градешница и границата со Р. Грција (мешана шума); Општина Прилеп 2 – активен кракот кон с. Дрен, проширен кон с. Галиште (Кавадарци), додека делот помеѓу Царевиќ и Смолани е под контрола (мешана шума и ниска вегетација); Општина Македонски Брод – помеѓу с. Црешево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума, грмушки, ниска вегетација); Општина Желино – меѓу с. Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума); Општина Струмица – с. Баница и нас. Софилар (висока трева); Општина Петровец – с. Средно Коњаре, кај реката Пчиња (ниска вегетација и ниска шума); Општина Крива Паланка – с. Нерав (висока борова шума); Општина Старо Нагоричане и Куманово – с. Облавце кон с. Бењаковце (ниска вегетација); Општина Старо Нагоричане 2 – с. Руѓинце (ниска вегетација); Општина Куманово – нас. Бедиње (ниска вегетација); Општина Гази Баба – с. Трубарево (ниска вегетација); Општина Зелениково – с. Гумалево (ниска и мешана вегетација); и Општина Василево 2 – с. Сушево (ниска вегетација).
Под контрола се ставени пожарите во Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и сува трева); Македонски Брод 2 – с. Латово (ниска вегетација и деградирана шума); Карбинци – с. Јунузлија (шума); и Штип – помеѓу с. Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева);.
Изгаснати се пожарите во Струмица – м.в. Три Води (ниска вегетација и мешана шума); Василево – с. Василево (ниска вегетација); Струга – с. Калишта (ниска вегетација и ѓубриште); и Шуто Оризари – ул. Брсјачка Буна (дива депонија).
Македонија
Родителите на загинатите деца во „Пулс“ прашуваат до каде е постапката за полициските службеници за пожарот

Родителите на загинатите деца во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ на денешниот 16. Марш на ангелите пред зградата на Полициската станица во Кочани побараа одговор од ОЈО ГОК, кое ја води постапка за над 20 те полициски службеници од ОВР Кочани и СВР-Штип, до каде е истрагата за нив и формирање на обвинителен предлог.
-Сакаме да ги прашаме до каде е постапката на ОЈО ГОК или чекат одмори, да си одведат нивните деца на одмор, на вода, а ние на нашите деца врз гробовите да им фрламе вода за да ги освежеме. Блазе си им, нека им служи на чест, оти развлекуваат само, вели мајка на загинато момче.
На денешниот Марш на ангелите главната порака им беше „Слушнето го гласот на оние што повеќе не можат да зборуваат“. Родителите и семејствата на загинатите деца што учествуваа на протестниот марш се револтирани што нивниот настан денеска имаше убедливо најслаб одѕив. Револтирано им се „заблагодарија“ на поддршката на граѓаните и семејствата кои имаат настрадано деца, а денеска не учествуваа на маршот кој почна во 18.05 часот од Паркот на револуцијата, а заврши пред зградата на Судот и Обвинителството во Кочани.
Една од мајките пред зградата на Општина Кочани истакна дека на денешен ден се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје, кој однесе голем број на човечки животи и направи материјални штета. Посочи дека на денешниот Марш на ангелите им одаваат почит на загинатите во земјотресот во Скопје во 1963 година, но истовреме се сеќаваат и на оние кои помогнале да се обнови градот Скопје.