Скопје
Уште еден ученик од Центар спремил список како на српскиот убиец, па кажал дека е шега – случајот стигна до МВР
Уште еден ученик од центарско основно училиште правел список со ученици, а на кој имало и наставник, што предизвикало загриженост кај родителите, дознава „Макфакс“. Случајот бил во основното „св. Кирил и Методиј“, а за случајот е известена и полицијата. Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски за „Макфакс“ посочува дека на разговорите кои психолог и директор ги имале со ученикот – тој кажал дека списокот го направил на шега.
„Од целата ситуација почнаа да прават детска игра. Пријавено е во МВР. Повикан е родителот. Седел во училиштето и правел список, како што го нашле во Белград – список со наставник и дечиња ставени. Повикан е родителот, сослушан е од психолог и директорката. Кажал дека е шега, преземена од таму. Сето ова го сфаќаат како игра, а не треба така. Од наша страна направено е се, имав состанок со директорките од осите осум училишта. Дадов насока да се свикаат состаноци со сите училишни тела – совет на родители, училиштен одбор, родителски средби. За да се разговара и со родителите, за и ние да обрнеме време и грижа за децата“, вели Герасимовски за „Макфакс“.
И во текот на вчерашниот ден, кога ученик од основото „Кочо Рацин“ подготвил список на ученици со закана дека ќе ги повреди, Герасимовски посочува дека интервенирал.
„Дадени се насоки да се отпочне со состаноците, дополнително во делот на булингот планираме обуки, како за наставниците така и за децата. Но и да се зборува за другарство бидеќи децата заборавија што е другарство. Дадена е насока на класен час во понеделник, каде се губи времето кој колку пати бил или не бил или отсуствувал од училиштето да се зборува за овие теми – другарство, дека има деца со различна боја на кожа, етничка припадност и тн. Но и да се разговара дали некое дете трпи булинг преку разговори, бидејќи кога се сите заедно, обично не можат да сокријат ништо“,
Тој додава дека не може да се очекува само училишниот систем и наставниците да водат грижа. Посочува дека тоа го споделил и со директорките на училиштата.
„Сето ова што се случува е од домашна грижа. Почнувајќи од Белград каде некој чувал оружје дома и го вежбал детето да пука со пиштол“, додава Герасимовски.
Градоначалникот посочува дека разговарал со полицискиот командир од „Беко“, министерот Оливер Спасовски и останатите надлежни, за да се зголеми бројот на полицајци. Додаде дека има и обезбедување во сите училишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Левица: Лицата со аутизам и даунов синдром ќе добијат бесплатен паркинг во Скопје
Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе амандмани за измена на Програмата за повластен паркинг за лицата со попреченост.
Оваа Програма опфаќа одредени категории на лица со попреченост, но лицата со аутистичен спектар и Даунов синдром не беа опфатени, велат од партијата Левица.
„Четири години од оваа говорница се бориме за измена на оваа Програма.Секогаш се наоѓаше некаков изговор да не се направи тоа.На лицата со попреченост им е доста од изговори.Родителите на деца со аутизам и Даунов синдром и онака имаат големи финансиски издатоци за лекување на нивните деца кои Фондот за здравство не ги рефундира, плаќаат приватно дефектолози и сл.така да плаќањето на паркинг простор им е дополнителен товар, бидејќи некои од нив оваа услуга ја користат секојдневно” – истакна во своето излагање Катерина Јовановска- координаторот на советничката група на Левица.
„Иако првично од страна на Градот амандманите не беа прифатени, по аргументираното излагање на Јовановска Советот едногласно изгласа Заклучок – Програмата да биде изменета и лицата со аутистичен спектар и Даунов синдром да добијат повластен паркинг.
Истово ќе важи и за лицата со попреченост кои што не живеат во Скопје, а доаѓаат во главниот град за лекување“, се додава во соопштението на партијата Левица.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на улиците: Урош Џудовоќ, Осло, Будимпештанска, Лубица Георгиева (Општина Карпош)
Македонија
Кисела Вода и Агенцијата за катастар на недвижностите: Засилена соработка за поефикасна услуга
Денес, во Општина Кисела Вода се одржа средба меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и директорот на Агенцијата за катастар на недвижностите на Република Македонија, Иван Живковски.
Како што известуваат од Општината, разговорот бил насочен кон зајакнување на соработката меѓу двете институции, со фокус на подобрување на услугите кон граѓаните, поголема достапност до податоци и унапредување на дигиталните процеси. На средбата беше договорено дополнително зајакнување на оваа соработка, особено во делот на дигиталните сервиси, со што граѓаните ќе добијат побрзи административни постапки и намалени трошоци, без потреба од непотребни чекори и обраќања кон повеќе институции, велат од Општината.

Беше констатирано дека модерното и транспарентно управување со податоци е неопходно за развој на општината, подобро планирање и подигнување на квалитетот на услугите. Посебен акцент беше ставен на можностите за интеграција на дел од дигиталните системи со олеснет пристап на Општината до катастарските податоци, што ќе придонесе за побрзо постапување по барањата на жителите и поголема ефикасност при издавање документи и спроведување урбанистички процеси, информираат од Општината.

„Како општина што силно инвестира во дигитализација, наш приоритет е граѓаните да добиваат услуга брзо, ефикасно и без непотребни административни бариери. Со Агенцијата за катастар на недвижностите имаме заедничка цел – да обезбедиме поголема достапност на услугите и унапредено управување со податоците. Денешната средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижностите, Иван Живковски, ја гледам како значаен чекор напред бидејќи интегрирањето на системите и размената на информациите ќе овозможи побрзо решавање на имотно-правните и на урбанистичките постапки. Сето ова е дел од нашата заедничка стратегија да ја направиме општина Кисела Вода модерна, ефикасна и лесно достапна за сите жители, каде што граѓаните ќе може брзо и безбедно да ги завршуваат своите административни обврски“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска.

