Македонија
Одговорноста за врсничкото насилство е во целото општество и проблемот треба да се решава системски
Врсничкото насилство не е табу тема, туку реалност која е присутна секојдневно во нашето општество. Факт е дека насилството најмногу е присутно во образовниот процес. Пред овој проблем не треба да се замижува, ниту пак да се префрла одговорноста кај други, да се бараат причините или да се дискутира за начинот на справување со оваа појава. Сите во општеството се виновни и затоа врсничкото насилство треба да се решава системски, а засегнатите страни да настапуваат координирано и да се интензивира меѓуинституционалната соработка. Но, најважна е улогата на семејството, при што комуникацијата и довербата помеѓу членовите треба да се зајакне, за да може да се детектираат причините за промените во однесувањето на малолетниците и навремено да се реагира за да се спречат големи трагедии.
Ова е заклучокот од денешната интерактивна дебата организирана од Американскиот универзитет на Европа – ФОН и женската платформа „Better womеn, better world“, на тема „Стоп на насилството“ на која учествуваа сите засегнати страни во државата, вклучително и претставници од власта, со цел да се подигне свеста и да се спречат несакани последици од големи размери како резултат на врсничкото насилство, по последните случувања во соседна Србија.
![]()
Заменик директорката на АУЕ – ФОН, проф. д-р Александра Србиновска – Дончевски на отворањето на дебатата изјави дека одговорноста за насилството е заедничка кога станува збор за трагедии какви што се случија во соседна Србија. Таа истакна дека за насилството одговорноста ја имаат родителите, старателите, образовните институции
почнувајќи од директорите, педагозите, психолозите и наставниот кадар, но одговорност имаат и претставниците на државните и јавните институции.
![]()
“АУЕ – ФОН како Универзитетот е целосно подготвен да даде придонес, а бевме подготвени и пред да се случи трагедијата во Србија, бидејќи обуките за работа со проблематични деца, работа со деца кои биле мета на малтретирање, работа во насока за подобра комуникација наставник – родител, се најпосетените обуки од професорите од средните училишта кои редовно се одржуваат на нашиот универзитет. Нашиот академски кадар е подготвен да спроведе обуки на сите нивоа и заедно во соработка со Министерството за образование да ги едуцираме наставниците, да работиме со учениците и со родителите. Подготвени сме со академскиот кадар од Факултетот за правни и политички науки да дадеме придонес и во подобрување на законската регулатива кога станува збор за малолетничка деликвенција“, нагласи Србиновска Дончевски.
„Какви генерации созадаваме не зависи само од наставниот кадар или стручните служби во училиштата, туку тоа е процес во кој треба да се вклучат сите чинители во општеството. Затоа, со цел спречување на секаков вид насилство и создавање пријатна стимулативна средина за учење, сите вклучени во образовниот процес се должни да промовираат еднаквост меѓу учениците и активно да се спротивставуваат на сите форми на дискриминација и насилство“, истакна Јетон Шаќири, министерот за образование на денешната дебата при што најави дека Министерството за образование ќе формира тимови составени од надлежните од основните и средните училишта со одговорни лица од Центарот за социјална работа, кои заедно и ефикасно ќе работат за спречување на насилството во училиштата, во сите градови низ државата.
![]()
Заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин на дебатата говореше за активностите кои го превзема министерството околу насилството, но пред сè обрати во улога на родител. Па така, тој ја нагласи улогата на семејството како клучна за справување со насилството како проблем, односно како децата ќе се советуваат и како родителите ќе се грижат за нив, особено во периодот на адолесценција.
Јован Петрески, директор на СУГС „Панче Арсовски“ оцени дека за ефикасно решавање на врсничкото насилство треба активно да бидат вклучени сите засегнати страни: ученик-наставник-родители-психолошко-педагошка служба и социјален работник. Доколку еден од овие чинители не соработува, тешко се доаѓа до решение на проблемот.
„Психолозите и психијатрите сè оние кои според нивните компетенции и стручност, треба да понудат вистинско решение. Тие сè оние кои треба да ги доедуцираат психолошко-педагошките служби во училиштата, да одржат предавање на учениците, наставниците и родителите во врска со врсничкото насилство. Сите засегнати страни треба да настапуваат координирано, а проблемот да се решава системски“, истакна Петрески.
Според Розалија Секулоска, магистер по развојна психологија, советник – психотерапевт, родителите се првите модели на идентификација за детето. Најважно што еден родител може да направи за своето поколение е безусловно да го сака.
„Последните случувања се крик на системот дека нешто не е во ред, дека се распаѓа. Примарната превенција е задоцнета. Затоа, неопходно е секундарната и терцијалната превенција да се остави на стручните лица. Агресијата е глобален проблем. Агресијата се учи! Но и емпатијата и емоционалната интелигенција се учат! Да создадеме здраво поколение! Да создадеме здраво, безбедно општество, да создадеме вистински вредности. Да функционираат постојните закони и да се изгласаат нови кои ќе ја санкционираат агресијата и ќе го контролираме протокот на штетни информации“, порача Секулоска во своето обраќање пред присутните.
Проф. д-р Ана Фрицханд, раководителка на Институтот за психологија при Филозофски факултет од УКИМ, истакна дека негативните ефекти од меѓуврсничкото насилство и малтретирањето во периодите на детство и адолесценција, се видливи и кај насилникот и кај жртвата, а можат да бидат краткорочни и долгорочни.
„Што може да се преземе за да се превенира? Да се следи однесувањето на детето/адолесцентот со цел да се препознаат евентуалните промени кои би биле рани знаци дека можеби се наоѓа во улога на жртва, да се комуницира секојдневно, квалитетно
и отворено, активно да се слуша што детето зборува и/или се обидува да каже, да се гради однос на взаемна доверба и поддршка, детето да знае дека родителот е тука во секој момент за да му помогне, да се пријави кај надлежните институции и секако да се побара стручна поддршка“, истакна Фрицханд.
Елизабета Георгиевски од Министерството за внатрешни работи укажа на потребата на примена на превенција и едукација. „Општеството е дисфункционално, не само во образованието, туку во сите сегменти. Затоа работите треба да ги гледаме со проекција и навремено да се превземааат мерки“, рече Георгиевски која додаде дека сите институции, вклучително и МВР треба да бидат внимателни кога се работи со децата како ранлива категорија.
Адвокатот Дејан Стојчев истакна дека во ерата на нови, модерни форми на врсничко насилство се поставува прашањето дали постоечката негова законска уреденост, во смисла на определување на неговите форми и санкционирање на сторителите од казнено – правен аспект, механизмите на негова превенција, или, во краен случај, сузбивање на повторување на актите изискуваат промени во домашното законодавство, низ преглед на практични примери и компаративен осврт на домашното и меѓународното законодавство.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
,,Реформска агенда и европски пат“: Владата го презентираше напредокот пред ЕУ амбасадорите
Во рамки на брифингот посветен на следењето на напредокот во спроведувањето на Реформската агенда, што се одржа во Владата, а на кој присуствуваа членовите на Владата, амбасадорите на Европската Унија и претставници на меѓународната заедница, беше направен детален осврт на досегашните резултати и идните приоритети во клучните реформски области.
На настанот, свое обраќање имаше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која се осврна на активностите и резултатите на Министерството во делот на праведната транзиција, пазарната интеграција и унапредувањето на енергетската политика во согласност со европските стандарди.
Министерката информираше дека управувачките структури предвидени со Патоказот за праведна транзиција се целосно функционални и дека е успешно усвоен Годишниот план за имплементација за 2026 година, усогласен со стратешките документи и инвестициските приоритети на Владата.
Посебен акцент беше ставен на донесувањето на новиот Закон за енергетика, со кој државата направи значаен исчекор кон целосна усогласеност со Пакетот за интеграција на електричната енергија на Енергетската заедница, како и на напредокот во подготовката на подзаконските акти од страна на АД МЕПСО.
Во своето обраќање, министерката ја истакна и институционалната подготвеност на операторите за практична имплементација на европските пазарни механизми, како и меѓународното признание преку членството во Italian Working Border Table.
Во делот на социјалната димензија, беше потенцирано дека Министерството активно спроведува мерки за заштита на ранливите потрошувачи, со донесена методологија за мерење на енергетската сиромаштија и обезбедена поддршка за илјадници домаќинства.
Дополнително, министерката информираше за усвојувањето на Тригодишниот план за реновирање на објектите на централната Влада. Постигнатите резултати, како што беше истакнато, претставуваат јасна потврда за посветеноста на институциите кон успешна енергетска транзиција, пазарна интеграција и одржлив развој, во интерес на граѓаните и економијата.
Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, редовно ќе се одржуваат циклус на средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската унија, кои што се резидентни во нашата земја, се со цел да се информираат меѓународните претставници во однос на реализираните чекори на Реформската агенда.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со одговорно и транспарентно спроведување на реформите, во тесна соработка со Владата, институциите и меѓународните партнери, со цел обезбедување сигурен, модерен и праведен енергетски систем, додаваат од таму.
Македонија
Минчев: Законот за општа управна постапка е еден од најзначајните системски закони во македонската легислатива
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на промоцијата на публикацијата „Коментар на Законот за општата управна постапка“, која претставува значајно стручно дело од областа на управното право и практичната примена на Законот за општата управна постапка (ЗОУП).
Во своето обраќање, министерот Минчев истакна дека ЗОУП е еден од најзначајните системски закони во македонската легислатива, бидејќи ги уредува односите меѓу граѓаните и јавната администрација во сите фази од животот, како и работата на сите државни органи и институции со јавни овластувања.
„Коментарот на Законот за општата управна постапка претставува неопходна практична алатка за службениците во јавната администрација, која придонесува кон законита, стручна и предвидлива примена на законот и ја зајакнува правната сигурност на граѓаните“ истакна министерот Минчев.
Тој ја нагласи и посебната вредност на публикацијата, која е резултат на заедничка работа на еминентни теоретичари и практичари од областа на управното право, и упати честитки до авторите и издавачот за вложениот труд и професионалност.
Министерството за јавна администрација ја поддржува и ја препорачува публикацијата за широка употреба во јавната администрација, како значаен придонес кон унапредување на квалитетот на управните постапки и услугите кон граѓаните, велат од таму.
Македонија
Љутков на Меѓународниот саем за туризам ЕМИТТ во Истанбул
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и националниот координатор за туризам, Аккан Махмут, присуствуваа на свеченото отворање на 29-тото издание на Меѓународниот саем за туризам ЕМИТТ, кој од 5 до 7 февруари се одржува во Истанбул, Република Турција.
Во рамките на саемот, Љутков оствари средба со претседателот на Турската асоцијација на туристички агенции (ТУРСАБ), Фируз Багликаја, на која се разговараше за унапредување на туристичката соработка, развој на заеднички туристички производи и културни рути, како и промоција на културниот и креативниот туризам меѓу Македонија и Турција. Инаку, досегашната континуирана соработка со ТУРСАБ е насочена кон промоција на нашата земја како туристичка дестинација и развој на туристички бизнис-релации.
Турција е еден од најзначајните туристички пазари за нашата земја, со над 500 илјади остварени ноќевања минатата година од туристичките посети. Македонската туристичка понуда веќе 15 години континуирано е претставена на Саемот за туризам во Истанбул, кој е една од највлијателните туристички изложби во регионот и пошироко. Секоја година обединува околу 30 000 туристички професионалци и љубители на патувањата, и е платформа за промоција на дестинации, туристички производи и нови можности за соработка.
Оваа година, Саемот се одржува во „Експо-центар Истанбул“ (IFM), со учество на над 656 изложувачи од 109 земји и присуство на околу 660 туроператори, што дополнително го потврдува неговото значење како клучен меѓународен настан за развој на туристичката индустрија.

