Македонија
Вторпат пропадна судењето за пеплосаната болница во Тетово – овој пат не дојде адвокат, судењето на чекор до пресуда
Втор неуспешен обид да се дадат завршни зборови за случајот поврзан со пожарот во модуларната болница во Тетово. Ако пред 15 дена рочиштето се одложи поради отсуство на тогашниот директор на модуларната болница во Тетово, Флорим Бесими, сега се одложи бидејќи на рочиште не се појави адвокатот на економскиот директор, Артан Етеми.
Следното рочиште е закажано за крајот на мај кога третпат Обвинителството ќе има обид да даде завршни зборови. Судењето е пред носење пресуда.
Ексдиректорот на тетовската болница, Флорин Бесими, и поранешниот економски директор, Артан Етеми, не се гонат поради причината за пожарот во тетовската модуларна болница, туку бидејќи не ставиле пропишани уреди за гаснење пожар. На докторот Бобан Вучевски му се суди бидејќи дозволил влез на роднини во болничките соби иако тоа било забрането. Ова е суштината на обвинението за пожарот по кое се судат директорите и докторите, чие судење двапати се одлага. Првиот пат поради отсуство на обвинетите, а вториот бидејќи обвинетите дојдоа без адвокат.
Обвинетите Ф. Б. (Флорин Бесими) А. Е. (Артан Етеми) и обвинетото правно лице (Општа болница Тетово) не постапиле во согласност со мерките и активностите што произлегуваат од договорот за заем склучен помеѓу Република Северна Македонија и Меѓународна банка за обнова и развој – Светската банка, според кој, иако биле должни да имаат соодветни уреди и инсталации за заштита од пожари и експлозии, друга противпожарна опрема, средства за гаснење пожари и противпожарни апарати, на денот на пуштање во употреба на модуларната болница во Тетово, па сè до денот на настанување на пожарот во модуларната болница, не поставиле соодветни уреди за заштита од пожар – противпожарни апарати, па како резултат на нивното непостапување, на 8.9.2021 година, околу 21 часот, и како последица од настанатата куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел од дефибрилаторот, со кој се вршела реанимација на пациентката Марија Димовска, во соба број 3, кревет број 1, од прегревање на кабелот настанало палење на приклучната кутија од продолжниот кабел на синтетичките материјали од кои се изработени втикнувачите, полначот за мобилен телефон и куќиштето од продолжниот кабел, па по забележаната појава на пламен, настанало бурно ширење на пожарните дејства од соба број 3 кон соба број 2 и потоа во целиот објект простирајќи се по покривните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар“, стои во обвинението.
Пожарот се гаснел со ќебе и вода. За животот на пациентите се бореле двајца доктори, три медицински сестри и болничарка. Сите барале противпожарни апарати, но не успеале да ги најдат.
„… Но, сите во обидот да го изгаснат огнот не успеале по што се развиле пожарни дејства и пожарот за краток период се проширил во целиот објект, па како резултат на настанатиот пожар пациентите болни од Ковид-19 и членовите на нивните семејства, погоре наведени, како придружни лица починале“, се додава во обвинението.
За докторот Вучевски, има само еден пасус, во кој се бара одговорност од него. Но, не за пожарот, ниту за причините ниту за последиците од немањето противпожарни апарати.
„Обвинетиот Б. В. (Бобан Вучевски) како одговорно лице за време на епидемија не постапил според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за нејзино сузбивање и спречување и не постапил во согласност со наредбата донесена од страна на медицинскиот директор при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово за забрана на посета на неовластени лица во болничките простории поради појава на сезонски грип и глобални случувања поврзани со Ковид-19 и дозволил влез на неовластени лица – членови на семејствата на болните од Ковид-19 како придружници во модуларната болница“, стои во обвинението.
Директорите се гонат за две кривични дела, и тоа за тешки дела против општата сигурност и непостапување според здравствените прописи за време на епидемија, а докторот само за непостапување според здравствените прописи во време на епидемија.
Застапник на обвинението е тетовскиот обвинител Бесир Алиу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

