Македонија
Трајанов: Оние што потпишале со „Бехтел и Енка“ имаат кривична одговорност, сега е јасно дека договорот не е усогласен со нашите закони
Пратениците бараат да бидат вратени на владина седница петте закони со кои се олеснува изградбата на коридорите 8 и 10 д, кои Владата ги предложи со европско знаменце за да избегне блокади од опозицијата. Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, предупреди дека со носењето на законите со европско знаме се кршат Уставот и Деловникот на Собранието и не се почитува ставот на делегацијата на ЕУ.
„Моето процедурално е за целата оваа постапка, оваа лакрдија. Гледам дека се продолжува да се тера оваа седница на начин на кој не треба да се тера. Денеска сведочиме на нов егзибиционизам на оваа ненародна Влада. Уште еднаш гледаме како ова мнозинство ќе го крши највисокиот акт во државата, Уставот, заедно со Деловникот на Собранието на Република Македонија. Денеска, пред нас се наоѓаат пет закони, кои се однесуваат на градбата на коридорите 8 и 10, кои оваа Влада се одлучи, којзнае кој пат, да го злоупотреби европското знаменце“, рече пратеникот Мицевски.

Уште еднаш гледаме како ова мнозинство ќе го крши највисокиот акт во државата, Уставот, заедно со Деловникот на Собранието, рече пратеникот Мицевски
Тој, а по него и уште неколкумина пратеници, потсети дека членот 135 од Деловникот за законите што се носат со европско знаме предвидува посебна процедура, која не се почитува.
„Треба да се наведат податоци од изворниот акт на Европската Унија, со полн назив, број, датум, како и изјава за усогласеност, потпис на надлежниот министер и јасно наведување на правниот акт на кој се однесува извршеното усогласување. Тоа го немаме. Празни се коресподентните табели. Ништо од ова не постои во содржината на законите и токму поради овие неправилности требало овие закони да бидат вратени на владина седница, а не да продолжат со продолжена процедура по нив. Изјавите за усогласеност стојат празни, само со потпис од предлагачот. Конкретно, во одредени закони, Законот за градењето, нема ни податок кој ја потпишал изјавата, има потпис, но нема податок. Во Законот за работните односи барем името и презимето на заменик-министерот стои затоа што министерката немала храброст да се потпише. Ова е скандалозно и навредливо кон сите пратеници. Со вашите постапки вие сте поблиску до реализација на вашите коалициски и бизнис-интереси, но секој ден сè повеќе граѓаните ги оддалечувате од Европската Унија. Ова не е европски фронт за кој зборувате, ова е европски криминален фонд“, рече Мицевски и побара и во оваа фаза законите да бидат вратени и предлагачот да ги усогласи.
Пратеникот од Левицата, Борислав Крмов, имаше забелешки и за роковите. Рече дека петте закони, кои ги нарече лажни, експресно дошле на седница, а нивните предлози, како оној за намалување на платите на функционерите поднесен на втори, сè уште се чуваат во фиока.
За пратеникот Павле Трајанов, петте закони се носат за да се покрие и амнестира корупцијата од договорот со „Бехтел и Енка“.
„Се работи за да се покријат коруптивните елементи на договорот со ‘Бехтел и Енка’. И овие пет закони се закони за амнестија на договорот со ‘Бехтел и Енка’. Сè е наопаку, прво се потпишува договор, а потоа се носат закони што се усогласуваат со договорот иако е сосема логично првин да се донесат законите, а потоа да се потпише договорот. Сега е сосема јасно дека се работи за договор што не е усогласен со законите во Македонија. Оние што го потпишале договорот прават злоупотреба на службената одговорност и за тоа треба и ќе одговараат бидејќи има елементи на кривична одговорност. Се случува, всушност, институционален криминал, да се покријат криминалните дејства што ќе резултираат со имплементација на договорот“, рече Трајанов.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на забелешките за роковите објасни дека се работи за закони предложени во скратена постапка и за постапката ќе одлучува пленумот.
Опозицијата најави дека нема да биде во салата кога на дневен ред ќе бидат предложените закони за коридорите, но останува внатре сè додека не ги искористи и последните шанси за блокада на дневниот ред.
Откога опозицијата ги блокира осумте закони за олеснување на изградбата на коридорите предложени од пратеници, Владата се досети пет од нив да ги предложи со европско знаменце за да се избегнат блокадите. Со европско знаменце, иако не се работи за усогласување со ЕУ-регулатива, се предложени измени на Законот за работните односи, Законот за експропријацијата, Законот за урбанистичкото планирање, Законот за градењето и на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на коридорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ДИК со првични неофицијални резултати од повторените локални избори во четири општини
Државната изборна комисија (ДИК) вечерва ги објави првичните, неофицијални резултати од повторените избори во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово Ростуше и Центар Жупа.
Врапчиште (излезност 32,37%)
– Исен Шабани (НАИ) – 5.355 гласа
– Зулхајрат Демири (Група избирачи) – 3.028 гласа
Гостивар (излезност 30,34%)
– Ваљбон Лимани (НАИ) – 14.519 гласа
– Невзат Бејта (ВЛЕН) – 7.174 гласа
Маврово Ростуше (излезност 28,51%)
– Онер Јакуповски (ВМРО-ДПМНЕ) – 1.906 гласа
– Анес Ахмети (СДСМ) – 938 гласа
Центар Жупа (излезност 13,26%)
– Аријан Ибраим (Демократска партија на Турците во Македонија) – 973 гласа
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, рече во текот на утрешниот ден Комисијата ќе ги соопшти првичните официјални резултати, по приемот и обработката на записниците од сите избирачки места.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Победата во Маврово-Ростуше е знак дека граѓаните наградуваат резултати, а кланот на Филипче доживува нов дебакл
„Денешниот изборен ден во четирите општини помина во демократска, мирна и достоинствена атмосфера. И покрај тешките временски услови и одредени технички предизвици, граѓаните слободно и одговорно го остварија своето право на глас. Тоа е јасна и недвосмислена потврда за демократскиот капацитет на државата и важна инвестиција во нејзината стабилност“, кажа на прес-конференција, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Овие избори покажаа дека институциите функционираат и дека демократските процеси се зацврстуваат. Во време на сериозни регионални и глобални предизвици, ова е вредност што мора да се чува и надградува, без разлика на политичките разлики. Во општина Маврово-Ростуше, ВМРО-ДПМНЕ оствари убедлива и многу важна победа. Онер Јакупоски е новиот градоначалник! Победа повеќе од двојна со над 1000 гласови разлика. Честитки за Онер, за сите симпатизери и за сите граѓани на Маврово-Ростуше. Оваа победа не е само локален резултат. Таа е јасна политичка порака. Порака дека граѓаните препознаваат работа, присуство на терен и одговорност. Порака дека не се наградуваат празни зборови, туку резултати“, истакна Мицкоски.
Оваа победа, вели тој, е „резултат на концептот што доследно го градиме: скромност, многу работа и реални решенија за секојдневните проблеми на граѓаните“.
„Во другите општини, изборната трка се водеше меѓу кандидати на други политички партии. Но целокупната политичка слика е повеќе од јасна. Со денешниот ден се заокружува резултатот од локалните избори во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ победи во вкупно 56 општини во државата. СДСМ во 6. Тоа не е случајност. Тоа е јасен политички суд на граѓаните. Ова претставува уште еден тежок дебакл за СДСМ и за актуелното раководство на таа политичка партија. По историскиот пораз на локалните избори во 2025 година, денешните избори се само потврда дека изиграната доверба има последици. Партијата која на национално ниво освои околу 140 илјади гласови не може сериозно да зборува во име на мнозинството, ниту да се претставува како силна и кредибилна опозиција“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, „проблемот на СДСМ не е само во изборните бројки“.
„Проблемот е многу подлабок. Тоа е пораз на политика што со години произведуваше криминал, конфликти, национални предавства и деструкција. Политика што ја држеше државата во место и ја трошеше енергијата на граѓаните. Затоа мора јасно да се каже: не станува збор само за блокади. СДСМ мора конечно да се соочи со сопственото коруптивно минато и со криминалците во своите редови. Без тоа расчистување, без јасна дистанца од корупцијата и криминалот, нема ниту кредибилитет, ниту доверба, ниту иднина оваа политичка партија. Македонија нема потреба од политика на навреди и ниски удари. Граѓаните се презаситени од политиканти кои бараат заштита во политиката за сопствените гревови. Оваа држава има потреба од борба на идеи, визии и програми. Од одговорна политичка конкуренција, а не од тоа кој погрубо и поневоспитано ќе навреди. Од другата страна е концептот што победува. Концептот на ред, стабилност и одговорност. Концептот на проекти, мерки и резултати. Концептот на држава што стои исправено и работи за своите граѓани, а не за тесните клановски интереси. Кланот на Венко Филипче доживува нов дебакл и тоа е резултатот кога се води политика на соопштенија напишани во други држави, а не борба на концепти и интересите за своите граѓани“, вели Мицкоски.
Македонија
МВР: Повторените локални избори завршија без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржаа во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера, информираат од Министерството за внатрешни работи.
„МВР во текот на целиот ден презеде мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. Не беа регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир“, стои во известувањето од МВР.

