Македонија
Мицкоски: Маричиќ да си поднесе оставка, наместо да ги почитува законите, признава дека поддржува кршење со криминалниот потфат на ДУИ и СДС
По изјавата, тој човек треба веднаш да си поднесе оставка и да замине бидејќи не е достоен за позицијата што ја врши во овој момент и парите што им ги троши на граѓаните, односно даночните обврзници во Македонија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, запрашан за став за вчерашната изјава на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, за злоупотребата на европското знаменце за носење на законските измени за коридорите 8 и 10 д, кои веќе се поднесени во македонското Собрание.
Мицкоски истакна дека Маричиќ е поставен на таа функција за да ги почитува законите и процедурите, а тој јавно признава дека поддржува кршење за што, како што рече, еден ден, кој е сè поблиску, ќе одговара за тоа.
Второ нешто што покажа и докажа, додаде Мицкоски, дека проектот за изградба на дел од коридорите 8 и 10 д, кој силно го форсира Владата на ДУИ поддржана од помалиот коалициски партнер СДСМ, не претставува ништо друго, освен еден голем криминален епски потфат на оваа Влада.
„Како прво, тој таму е поставен за да ги почитува законите и процедурите и тоа е многу важно. А тој јавно признава дека поддржува кршење на процедурите и треба да е свесен дека еден ден, а тој ден е сè поблиску, ќе има и одговорност за таквото однесување. И, второ, покажа и докажа дека проектот за изградба на дел од коридорите 8 и 10 д, кој силно го форсира Владата на ДУИ поддржана од помалиот коалициски партнер СДСМ, не претставува ништо друго, освен еден голем криминален епски потфат на оваа Влада. А соучесник во тој опфат е вицепремиерот, кој би требало да биде задолжен за евроинтеграциите на Македонија и се потврдува тезата дека тие го користат или, да бидам попрецизен, го злоупотребуваат името на Европската Унија само кога треба да крадат. Кога треба нешто да се сработи и да се почитуваат законите, можам да кажам дека тие ни од далеку не се достојни на европските вредности и на тоа што треба да значи Европа за граѓаните во Македонија“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски и раководството на Централна Кооперативна Банка садеа дрвца во паркот во 11 Октомври Бараки
Во заедничка акција со раководството на Централна Кооперативна Банка, денес градоначалникот Орце Ѓорѓиевски садеше дрвца во паркот во 11 Октомври Бараки. Едновремено беше поставена и нова урбана опрема, обезбедувајќи удобна и пријатна средина за сите граѓани кои тука можат да одмараат и да се рекреираат.
-Денес, заедно со раководството на Централна Кооперативна Банка, сме во новоизградениот парк во населбата 11 Октомври Бараки, каде садиме дрвца и поставуваме нови клупи. Дополнувањето на зеленилото и содржините во оваа нова локација за одмор и рекреација придонесуваат кон зголемување на естетскиот и еколошкиот аспект, но и кон креирање на удобно место за одмор на нашите граѓани, кои, се надевам често ќе го посетуваат во своето слободно време. Нашата јасна визија и ангажман за зголемување на зелените површини и урбаната опрема во општина Кисела Вода е евидентна преку изградбата на 15-тина паркови и спортско-рекреативни центри во овие 2.5 години и ова е нешто што ќе продолжи да се случува со зголемена динамика на работа. Сакам да се заблагодарам на Централна Кооперативна Банка за нивниот придонес кон унапредувањето на квалитетот на живот на нашите жители. Се надевам дека оваа соработка, како чин на општествена одговорност ќе биде инспирација и за останатите деловни субјекти и дека ваквиот начин на вложување во развојот на општината, во иднина. ќе стане стандард за соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
Европскиот фронт: Ниту една влада не може да го раскине договорот со конзорциумот Бехтел и Енка
Европскиот фронт смета дека е неприфатлив и невозможен чин раскинувањето на договорот со Бехтел и Енка.
„Ниту една влада не може да го раскине договорот со конзорциумот Бехтел и Енка“, велат од Европскиот фронт, предводен од ДУИ.
Оценуваат дека ваквиот став е обид да се минимизира големата работа и, како што велат, најголемиот проект во историјата на државата што досега прогресивната и проевропската Влада го реализираше.
Договорот со Бехтел и Енка, како што се додава, е потпишан според сите законски одредби, коректен е од секој аспект и никој не може да ја оцрни неговата содржинска исправност и бенефитот што неговата реализација и го носи на државата.
„Јавно прашуваме, дали е ист ставот против Коридорот 8 и на албанската опозиција “Вреди”, губитниците на парламентарните и претседателските избори?! Досега во овие неколку дена не нарекоа “македонски албанци“, рекоа дека нема уставни измени, дека нема европска перспектива, дека Охридскиот договор ќе биде суспендиран и дека опозицијата што ги изгуби изборите нема ниеден услов за формирање на идната Влада. Дали и лидерите на албанската опозиција ги делат овие ставови?“, велат од Европскиот фронт.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера најави дека ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“
За договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – или да се раскине или да се репреговара. Едната е договорот да се раскине и да се оди на арбитража, да платиме стотици милиони евра и да немаме автопат, а втората е договорот да се оптимизира за што веќе имаме почетни разговори, со што би се забрзал и реализирал проектот, изјави Мицкоски.
Додаде дека ВМРО-ДПМНЕ се повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран.
„Ваков каков што е, потпишан од оваа влада, за жал, е во одредена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме“ рече Мицкоски.
Во март, минатата година, потпишан беше договорот за изградба на коридорите 9 и 10-д, кои ќе ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Станува збор за проект вреден 1,3 милијарда евра, а опфаќа изградба на вкупно 110 километри автопат, во рок од шест години.
Коридорот 8 предвидено е да се протега на должина од 68 километри со автопат со 6 ленти, кој ќе ги поврзува Тетово со Гостивар, Кичево, Струга до Ќафасан, а Коридорот 10-д, автопат со 6 ленти во должина од 40 километри, ќе го поврзе Прилеп со Битола.
Владата го нарече проектот историски и најави дека ќе се финализира во период од 6 години од почетокот на работите.
Македонија
Викедов преку ден топло, а попладне нестабилно со дождови и град
Во следните денови времето ќе биде значително потопло, но во попладневните часови наместа нестабилно со пороен дожд и грмежи, јавува УХМР.
Од Управата прогнозираат дека локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со силен ветер, интензивен пороен дожд и изолирана појава на град.
Во Скопје во следните дена сончево и топло, во попладневните часови во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи и со услови за краткотрајно невреме.
УХМР препорачува поголема внимателност во случај на појава на електрични празнења, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.