Македонија
(Видео) Заменик-министерот Нухиу се паркира на булевар во спротивна насока, има флешери и се правда дека било инцидентно
Заменик – министерот за образование, Агим Нухиу, повеќе од две недели службеното „бмв“ место на паркинг си го остава на крајната десна лента на булеварот „Св. Кирил и Методиј“, пред влезот на Министерството сместено во поранешна НИП „Нова Македонија“. Вработени во истата зграда велат дека со часови, секојдневно, автомобилот стои паркиран на коловозот. Има и уште неколкумина, охрабрени од заменик – министерот кои си ги оставаат автомобилите пред или зад неговиот и постојано се прави тесно грло во сообраќајот во тој дел на булеварот.
„Речиси без исклучок се паркира пред влезот и тоа во спротивна насока. Доаѓа од Тетово, преминува преку двете полни ленти на булеварот, но никој не го чепка. На автомобилот има и флешери, па очигледно никој не се осмелува ниту да го сопре“, велат вработени во зградата во која има неколку државни институции.
Во изјава за „Макфакс“ Нухиу се правда дека е можно автомобилот инцидентно да бил оставен на улицата. Го добил пред скоро време, како службен и ги наследил флешерите.

„За службениот автомобил има паркинг место зад зградата и тој не треба да стои паркиран пред влезот. Може се случило нешто инцидентно, за кратко време да остане таму, но се трудиме да не го спречуваме сообраќајот. Јас имам возач и не сум посветил посебно внимание дали кога врти преминува преку двете полни ленти. Правилата треба да се почитуваат и важат и за моето службено возило. Во ниту еден случај не би го искористил моето претходно искуство како министер и заменик-министер во МВР за да спречам да ме казнат, а тоа што возилото има флешери е само поради тоа што такво го добив“, вели заменик – министерот Нухиу.
Од Министерството за образование, пак, велат дека флешерите се веќе отстранети од автомобилот на заменик – министерот.
„Службените возила никогаш не се паркираат пред зградата на МОН, затоа што за сите се обезбедени паркинг места на просторот на ЈП ‘Градски паркинг’ од другата страна на улицата, додека за министерот и заменик – министерот се обезбедени паркинг места од задната страна на зградата.
Може да се случи возило при итна или непредвидена ситуација за момент да застане за да се симне лице кое се вози во истото, каков што бил и случајот со заменик министерот. Инаку, заменик министерот има еден возач на располагање, а флешерите кои сте ги забележале, биле во возилото инсталирани пред неговото назначување на работната позиција и истите се веќе отстранети“, велат од Министерството.
Агим Нухиу е поранешен заменик – министер за внатрешни работи, а беше и министер за внатрешни работи во пржинската Влада. Тој до март беше и заменик – министер за правда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

