Економија
Владата ја усвои новата Програма за спроведување на интервентен фонд во земјоделството

На вчерашната седница на Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја усвои Програмата за спроведување на интервентен фонд во земјоделството. Буџетските средства за оваа програма во висина од 317.000.000 денари се предвидени во буџетот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во Потпрограма 21 – Интервентен фонд за земјоделството.
Средствата од оваа програма се наменети за интервентни мерки за финансиска поддршка во земјоделството за ублажување на последици предизвикани од зголемувањето на производните трошоци, за производство на земјоделски култури во растителното и сточарското производство.
По теренските активности на Министерството, прва мерка која што ќе се реализира и е од витално значење за оддржување на земјоделството и намалување на загубите е мерката за трошоци за расадени површини со зимска зелка на отворено или за расадена зимска зелка на отворено и продадено до 15 април 2023 година со најмалку 5.000 килограми по хектар.
Земјоделските стопанства кои имаат производство на зимска зелка, ќе се поддржат со 61.000 денари по хектар за секој земјоделец кој ќе ги исполни условите. За таа цел, секој носител на земјоделско стопанство треба да достави барање до 31 мај, за потврдување на податоци за површина за расадена зимска зелка или откупни белешки за предадена зелка кај регистриран откупувач согласно Закон за земјоделство и рурален развој. Потоа, заклучно со 20 јуни ќе можатда аплицираат за оваа мерка во подрачните единици на министерството.
Планирана е и поддршка за производителите на оранжериско производство, која дополнително ќе се креира во следниов период..
Програмата предвидува во текот на годината да се креираат мерки за финансиска поддршка и во сточарското производство, во оној дел кадешто ќе биде потребна интервенција за да се намалат загубите од работењето на земјоделските стопанства.
Со оваа програма обезбедуваме сигурност кај земјоделците, дека во услови на било каква несакана ситуација, предизвикана од надворешни фактори и како последица на војната во Украина, во буџетот ќе има средства за поддршка и намалување на загубите на земјоделските стопанства. Ова го потврдивме минатата година кога за прв пат и единствени во регионот креиравме Интервентен фонд, со што значително го заштитивме домашното производство. Но, не само тоа, туку успеавме и да го зголемиме домашното производство на пченица, сончоглед и јачмен, што е голем успех особено ако се знае дека ваков резултат сме оствариле во услови на криза, нарушен пазар на репроматеријали, високи цени на вештачките ѓубрива и недостиг на прехранбени производи на пазарот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.