Македонија
Слободен влез во Музејот на македонската борба за Меѓународниот ден на музеите

Влезот во НУ Музеј на македонската борба за самостојност утре ќе биде слободен во чест на Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај.
Музејот ги поканува сите заинтересирани да ја посетат постојаната поставка во редовното работно од 10 до 18 часот.
Оваа година Меѓународниот совет на музеите ИКОМ го одбележува Денот на музеите – 18 Мај со темата „Музеи, одржливост и благосостојба“. Музеите имаат свој придонес во општеството за постигнување на целите за одржлив развој: од поддршка на климатските активности и поттикнување на инклузивноста до справување со социјалната изолација и подобрување на менталното здравје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одбележан 18 Август – Денот на Армијата

Во присуство на највисокото државно и воено раководство, во касарната „Јане Сандански“-Штип, се одржа централната свеченост за воениот празник „18 Август – Денот на Армијата“. На свеченоста беа построени ешалони од сите првопотчинети команди и единици на Генералштабот на Армијата, ешалони составени од новопромовираните офицери и подофицери во Армијата, а беше изложено и вооружување и опрема од Армијата.
На централната свеченост се обратија: претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски.
Претседателката Сиљановска-Давкова во своето обраќање наведе: „Повеќе од три децении Армијата ја пишува својата приказна како востински custos patriae, чувар на татковината.“, притоа истакнувајќи: „Нашата Армија е столб на мирот и стабилноста, од придонесот во мировната мисија УНИФИЛ до ангажманот во мисијата КФОР, каде во ноември 2020 година македонските мировници го достигнаа највисокото ниво на НАТО одговорност. Денес, над 180 армиски припадници под македонското знаме се вклучени во мировни мисии и операции.“
Во ова прилика, претседателката се наврати на предизвиците на денешницата потенцирајќи дека живееме во едни од најнестабилните, најнепредвидливите и најнесигурните времиња, а тоа ја нагласува важноста за самоодржливост, зајакната способност за одвраќање, адаптирање на националните капацитети за кризен менаџмент со оние на НАТО за да бидеме компатибилни со европската безбедност.
Министерот Мисајловски пред присутните им се заблагодари на сите жени и мажи во униформа, сите вработени во одбраната кои имаат свој придонес во развојот на Армијата која е „организирана, високо професионална, исклучително почитувана.“ Тој порача дека столбовите на кои се гради македонската Армија и одбранбените сили стојат цврсто.
„Македонската одбрана инвестира во развојот, се опремува и модернизира, и многу важно – таа се подмладува и пополнува. Тоа е гарант дека нашата сила и способност да бидеме темел на државата денес, ќе биде реалност и во иднина“, заклучи Мисајловски пред државно – воениот врв.
Во своето обраќање началникот на Генералштабот на Армијата наведе: „Армијата, отсекогаш била еден од најважните столбови на државата, таа е симбол на извонредност и професионализам“, притоа ја потенцираше довербата што Армијата континуирано ја ужива кај граѓаните.
Генералот истакна дека во минатиот период Армијата напорно работеше, а со јасното поставување на приоритетите значително ги подобри борбените функции и борбената готовност. За идните чекори на Армијата, генералот нагласи: „Периодот кој следи го посветуваме на постојано зголемување на обученоста, подготвеноста и извежбаноста на сите нивоа на командување и контрола, имплементирајќи ги лекциите од современите војувалишта.“ На крајот на своето обраќање генералот Лафчиски повика заеднички да се продолжи со градење на Армијата како модерна и доверлива сила, сила на мирот, стабилноста и достоинството.
Во рамките на свеченоста, претседателката Сиљановска-Давкова го одликува Центарот за обука на питомци и офицери со „Орден за воени заслуги“. Орденот е доделен за извонредни успеси во исполнувањето во основната мисија – организација, подготовка и реализација на обука со питомците и кандидатите за офицери во Армијата, како и за особениот стратешки и долготраен придонес во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на Армијата преку вложување во образованието и едукација на питомци и кандидати за офицери, со што се изградени генерации посветени и професионални воени лидери.
На централната свеченост присуствуваа и претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министри во Владата, пратеници во Собранието, гости од воено-дипломатскиот кор, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот, генералите во Армијата, претставници од локалната самоуправа, претставници на организации со кои соработува Армијата, пријатели и роднини на новопроизведените потпоручници и други гости.
Македонија
(Видео) Манасиевски: 205 илјади евра од Еразмус + со СДС завршија кај брат на нивен пратеник за дресирање магариња

205 илјади евра од Еразмус + со СДС завршија кај брат на нивен пратеник за дресирање магариња и правење сирење. СДС си ја користеше Еразмус + како своја приватна фондација. Да ја потсетиме јавноста и за скандалот во кој Димова и Заев доделија два проекти на братот на пратеникот Диме Велковски во висина од над 200 илјади евра, обвини Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, СДС и Заев преку Димова и Еразмус + доделиле неверојатни 83 илјади евра за дресура на магариња.
„Нешто невидено и невообичаено, но сепак за СДС и нивното владеење, ништо ново. Проектот беше доделен на брат на пратеникот на СДС, Диме Велковски. СДС тука не запреа, покрај дресурата на магариња, доделија и дополнителни 125 илјади евра од Агенцијата Еразмус +, токму на братот на пратеникот Диме Велковски за проектот „Избери сирење’’. Заев и СДС преку Димова се изживуваа и го цедеа Буџетот на Агенцијата Еразмус +. Проекти се делеа на ним блиски луѓе, на судии, професори, браќа на пратеници. Ниту еден проект не помина незабележителен од страна на Европската заедница и од јавноста. Тоа говори дека СДС, Димова и Заев, не си ја вршеле чесно работата. Затоа е тука и обвинителството кое воедно повторно го повикуваме наместо да ги штити нивните платеници, да ја донесе конечно правдата во државата’, рече Манасиевски.
Македонија
ВЛЕН: ДУИ е приватна партија на тазе богаташи

ДУИ ја губи поддршката меѓу граѓаните. Од избори на избори, ДУИ бележи континуирано намалување на бројот на пратеници и градоначалници. Граѓаните на секои избори сѐ појасно ја испраќаат пораката дека не сакаат повеќе да бидат управувани од корумпирана и истрошена структура. Наместо доверба, ДУИ се соочува со масовно разочарување и гнев кај своето гласачко тело, реагираат од ВЛЕН на обвинувањата од ДУИ.
„ДУИ е скоро без кандидати во албанските средини. На овие локални избори, ДУИ нема свои кандидати во најголем дел од општините каде што Албанците се во огромно мнозинство – Гостивар, Струга, Сарај, Дебар, Врапчиште и многу други. Тие целосно се повлекоа од местата што се симбол на албанското политичко организирање. Таму каде што сѐ уште имаат кандидати, и самите знаат дека ќе изгубат. Ова е најјасниот доказ за длабоката политичка криза во која западна оваа партија.
Се намалуваат и коалициските партнери. ДУИ некогаш се претставуваше како фактор на обединување. Денес е напуштена од речиси сите сериозни коалициски партнери. Секојдневно политички партии и поединци ја напуштаат нивната коалиција, разобличувајќи ги погрешните политики и коруптивните практики на раководството на Али Ахмети. Со ДУИ останаа Данела Арсовска, Левица и неколку поткупени албански политичари“, велат од ВЛЕН.
Според коалицијата, ДУИ е претворена во приватен бизнис и повеќе не е политичка партија, туку приватен бизнис на мал број луѓе од врвот на раководството.
„Тие изградија сопственички империи во енергетскиот сектор, трговијата, нафтениот бизнис, градежништвото и недвижностите. Политичките позиции се користеа за лично збогатување, додека граѓаните остануваа без решенија за своите проблеми. Со оваа партија останаа само оние што се уценети или потплатени. Народот веќе подолго време ја казнува ДУИ. Изборите се најверодостоен репер за политичката сила. На претстојните локални избори ДУИ нема да освои ниту една значајна општина. Нивната линија на политички пад трае со години и тоа е неповратен процес. Граѓаните, и особено Албанците, конечно ја препознаа вистината: дека ДУИ не е алатка за развој и еднаквост, туку пречка и товар за нивниот напредок“, се наведува во реакцијата.