Спорт
ПСЖ со нова победа над Кил до билет за Ф4

Пари Сен-Жермен, предводени од поранешниот македонски селектор Раул Гонзалез, визираа уште еден билет за настап на Фајнал фор турнирот од ЕХФ Лигата на шампионите во обид да ја освојат престижната титула, победувајќи го и вторпат Кил, овојпат со 32:29 (17:15).
Откако првиот меч во Германија заврши со неочекувано лесна 31:27 победа на францускиот клуб, малкумина би прогнозирале дека Кил е подготвен да направи подвиг во Париз. Домаќините доминираа во првото полувреме, во кое неколку пати имаа и пет гола предност, за на крајот да стигнат до рутинска победа.
Уште еден поранешен вардарец, Даинис Криштопанс беше најефикасен за ПСЖ со шест гола, по пет имаа Лук Стеинс и Петар Ненадиќ, додека за Кил, Петер Оверби заврши со пет гола.
Претходно, Магдебург исто така се пласираше на Ф4 по победата над Висла Плоцк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Мурињо: Исходот на првенството беше одреден уште пред почетокот

Фенербахче загуби со 1:0 од Бешикташ во 32. коло од турското првенство, со што заостанува осум бода зад лидерот Галатасарај на четири натпревари до крајот на сезоната.
Тренерот на Фенербахче, Жозе Мурињо е свесен дека Галатасарај и оваа сезона ќе ја освои шампионската титула.
„Нема да зборувам за нив (Галатасарај). Можам да зборувам за лигата. Ниту еден збор не се променил од она што го кажував во текот на целата сезона. Еден од проблемите што ги има Фенер е како да се справи со оваа многу силна структура. Многу е тешко да се справи со тоа. Тоа е многу поголемо од квалитетот и желбата. Играчите исто така го чувствуваат тоа. Тие знаат дека е невозможно да се постигне она што го сакаат“, почна тој и продолжи.
„Моите играчи дадоа сè од себе на теренот. Имаше и разочарувања во текот на натпреварот. Моите играчи се недопирливи затоа што дадоа сè од себе, а не поради квалитетот што го покажаа денес на теренот. Натпреварот што го одигравме денес не беше одлучувачки. Ќе ја завршиме лигата на второто место.“
„Мислам дека исходот на првенството беше одреден пред почетокот. Секако, математички, бодовите што ги загубивме на последните домашни натпревари беа одлучувачки во однос на конечниот пласман. Но, како што реков, епилогот на првенството беше познат пред да започне“, заклучи тој.
Спорт
Среде трката во Мајами, Хамилтон му порача на тимот „да направат пауза за чај“

Возачот на Ферари, Луис Хамилтон, имаше многу да каже за тактиките на својот тим за време на Големата награда на Мајами, а голем дел од разговорите меѓу него и тимот можеа да се слушнат во ТВ преносот.
Меѓу другото, седумкратниот светски шампион им рече на членовите на својот тим да направат пауза за чај за време на трката, која ја заврши на осмото место, зад колегата Шарл Леклер.
Хамилтон стартуваше од 12-та позиција на улиците на Мајами, но се проби зад Леклер, а потоа неколку пати бараше од тимот да му наложат на Леклер да г заменат позициите. По замената на гумите, тој јасно рече: „Премногу ги трошам гумите зад него“.
Сепак, инженерот за трки Рикардо Адами му рече на Хамилтон да остане зад Леклер, на што тој одговори: „Сакате да седам тука цела трка? Ова не е добра тимска работа, тоа е сè што ќе кажам.“
На крајот, Леклер го пушти Хамилтон да помине, но само откако коментираше „Во Кина ја го пуштив него да помине“, а возачите добија наредба да ги заменат позициите, тој му рече на тимот: „Одете на пауза за чај додека сте веќе тука“.
Откако ги смени позициите, Леклер се пожали на валканиот воздух, а бидејќи дури ни Хамилтон не можеше да го стигне Кими Антонели во Мерцедес, му го врати седмото место на својот тимски колега.
Сепак, тоа не беше крајот на интересната, но проблематична комуникација, бидејќи кога му беше кажано дека Карлос Саинц јуниор во Вилијамс е втор и седум десетинки зад него, Хамилтон одговори: „Дали сакате и него да го пропуштам?“.
Ситуацијата е уште поинтересна од фактот дека Хамилтон штотуку го замени Саинц во Ферари и дека двајцата имаа интересен дуел во последниот круг, со контакт, но седумкратниот светски шампион ја задржа осмата позиција.
Патем, победата на Големата награда на Мајами ја освои возачот на Мекларен, Оскар Пјастри, кој ја забележа својата четврта победа во шест трки оваа сезона.
Спорт
(Видео) Вориорс го елиминираа Хјустон, Индијана го изненади Кливленд

Голден Стејт Вориорс се последниот тим што се пласираше во втората рунда од овогодинешните плејоф во НБА лигата.
Во седмиот натпревар, кој се одигра во Хјустон, Вориорс славеа со 103:89 и се пласираа во следната рунда на Западот со вкупен резултат од 4:3. Таму ги чекаат Минесота Тимбервулвс.
Тимот од Сан Франциско стигна до двоцифрена предност во првото полувреме. Хјустон губеше со три поени во третата четвртина, но поискусните Вориорс не дозволија пресврт.
Откако постигна само три поени во првото полувреме, Стеф Кари во вториот дел се разбуди и го водеше својот тим до победа со 22 поени, 10 скока и седум асистенции.
Сепак, херој на победата беше Бади Хилд, кој постигна 33 поени, Џими Батлер имаше 20 поени, осум скока и седум асистенции.
Хјустон го предводеше Амин Томпсон со 24 поени и девет скока, додека Алперен Сенгун постигна 21 поен, 14 скока и пет асистенции.
На Истокот, второто коло од плејофот веќе започна, а во првиот натпревар Индијана Пејсерс ги изненадија домашните Кливленд Кавалирс, кои се први носители, и ги победија со 121:112. Во неизвесен натпревар, решавачка беше последна четвртина.
Ендру Нембхард имаше 23 поени и шест асистенции, а Тајрис Халибартон забележа 22 поени и 13 асистенции за победничкиот тим. За Кливленд, Донован Мичел постигна 33 поени со пет скока и четири асистенции, додека Тај Џером постигна 21 поен со осум асистенции.