Култура
„Вкрстени избори“ на Тања Балаќ во Чифте амам
Самостојно претставување на уметницата Тања Балаќ ќе се одржи на 19 мај во 20 часот во Национална галерија на Македонија, објект Чифте амам. Станува збор за мултимедијален проект – видеоинсталација со наслов „Вкрстени избори“ (Crossing Choices, 2023), која се состои од слика, фотографија, инсталација и видео.
Текстот во каталогот за изложбата е на проф. д-р Ивица Џепаровски и се однесува на експерименталниот филм со наслов „Вкрстени знаци“ (Crossing Signs), оформен врз основа на ликовната подлошка на сликарските дела на Тања Балаќ и на анимацијата и визуелните ефекти на Никола Дрвошанов.
Филмот е неодамна селектиран од огромниот број пристигнати дела од страна на стручното жири во рамките на 13. издание на интернационалниот фестивал за видеоарт „Магмарт“ од Неапол, Италија. На тој начин овој седумминутен филм, заедно со уште 31 сродно дело, стана составен дел од постојаната колекција на музејот ЦАМ и на „Магмарт“, меѓународен фестивал на видеоарт, на кој во изминатите години учествувале повеќе од 1.400 уметници од над 80 земји од светот.
На отворањето на изложбата во Чифте амам ќе се обрати универзитетскиот професор д-р Ивaн Џепаровски.
„На границата и на преминот од сликарството кон ангажираниот документарен филм, но и кон уметничкиот видеоарт, може да се толкува последното остварување на Балаќ филмот ‘Вкрстени знаци’ (Crossing Signs), дело што е во непосредна творечка и имагинативна врска и со нејзините претходни документаристички и видеоарт-остварувања… А токму овој последен филм на Балаќ како да отвора и едно далеку поинтригантно прашање сврзано за односот меѓу уметноста и стварноста, имено што се случува кога се остварува вкрстувањето на брзината и на забрзувањето на светот – со возвишеноста и со бавноста на уметноста и на видеоартот?“, пишува Џепаровски.
Според него, во филмот „Знаци на вкрстување“ како да се остварува постмодерното чувство на возвишеното што нè воведува во еден свет на негативната дијалектика и на фасцинирачката отуѓеност, свет во кој човештвото како да е распнато на крстот на уништувањето – било да станува збор за глобалното еколошко уништување или, пак, за глокалната (глобална, ем локална) општествена аномија и бесчувствителност.
Тања Балаќ (Скопје, 1968) од своето дипломирање на одделот за сликарство во 1991 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (ФЛУ) и магистрирањето во 2008 година на истиот факултет, па сè до денес, со иста нестивнувачка енергија се вградува во нашата современа уметничка сцена, постојано стилски и жанровски експериментирајќи, со што успешно ги оформува и својот уметнички и својот професионален статус. Балаќ е активен член на Друштвото на ликовните уметници од 1991 година, а подоцна, во периодот од 2006 до 2013 година, е и негова претседателка. Таа има остварено и многубројни професионални посети надвор од границите на својата земја, а меѓу нив треба да се истакне студиската посета на Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство Балаќ го оформува и постојано го збогатува и надградува и преку учествата на многубројни меѓународни фестивали и изложби во Србија, Словенија, Шведска, Бугарија, Германија, Романија, Англија, Австрија, Франција итн., а таму повеќекратно добива низа меѓународни признанија и награди. Покрај своите основни определби во рамките на сликарството, Балаќ во новиот век активно истражува и на полето на новите медиуми и на видеоартот, но се пројавува и со свои инсталации и експериментални и документарни филмови.
Проектот е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од својот колега актерот Лазе Манасковски
Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерот Лазе Манасковски е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Лазе Манасковски од 11:30 до 12:30 часот во капелата на гробиштата.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година, тој се вработил во Драмски театар Скопје каде бил професионално ангажиран сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Kомеморација во чест на починатиот актер ќе се оддржи во неговата матична куќа, Драмски театар Скопје на 24 декември (среда) во 12 часот.
Култура
Новогодишен концерт „Кадифено“: Зарина Првасевда ја исполни Филхармонијата со традиција и современ звук
Во саботата, 20 декември се одржа новогодишниот вокалната уметница и интерпретаторка на традиционална музика Зарина Првасевда, со наслов “Кадифено”. Во преполната сала на Филхармонија, беше отсвирен репертоар кој вклучи македонски традиционални песни, но и песни од албанската, турската, влашката традиција, односно песни кои се дел од културата на нашите простори.
Гости на концертот беа перкусионистот Ахмет Алан, како и гитаристот Џенк Ердоган, кој по неколку минутниот аплауз од публиката, повторно се вратија на бис.
“Бев многу среќен на концертот, најмногу поради комуникацијата која се оствари меѓу нашите култури и традиции. Многу ми се допадна музиката која ја отсвиревме, ми се допаднаа и приказните зад секоја од композициите, особено бидејќи Зарина беше доволно љубезна да ја раскаже приказната зад секоја од песните. Со тоа, јас дополнително се внесов во интерпретацијата на секоја од нив, бидејќи ги бирав акордите во зависност дали е љубовна песна или песна со трагичен крај. Целиот амбиент, салата, декорацијата на бината направи да се чувствувам како дома, како да седиме со моите пријатели и свириме од срце. Би сакал да дојдам повторно, се радувам на таа идеја” – изјави Џенк Ердоган, виртуозот на фретлес гитарата од Турција кој е Греми награден артист и еден од гостите музичари на концертот.
„Настапот со уметници со светско значење како Џенк, Ахмет, Андреа и Тони претставува исклучителна чест и задоволство. Концертот отвори можност традиционалната музика да се согледа од поинаков агол и пред публиката да се претстави еден современ пристап кон народното музичко наследство. Особено ме радува што публиката имаше можност преку овој настан да се поврзе со светот и да доживее музичко искуство исполнето со нова енергија и чувствителност. Атмосферата беше навистина магична, а големата посетеност и бројните пораки исполнети со топлина, мекост и милина кои ги добив по концертот потврдуваат дека оваа идеја беше препознаена и прифатена.Искрено сум благодарна на сите кои со својата посветеност и поддршка придонесоа за успешната реализација на овој концерт.“ – изјави Зарина.
На концертот настапија и професорот и музичар Тони Арслан, македонскиот виртуоз на виолина како и младата и надежна контрабасистка, Андреа Мирческа.
„Кадифено“ е концертен настан што создава дијалог меѓу традиционалната музика, модерниот звук и интернационалната музичка извонредност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт претставува само почеток на концертниот циклус на Зарина, кој ќе продолжи и во текот на следната година, кога се планирани снимање и издавање на нов албум, како и нов концертен проект.
Фотограф: Стефан Рајхл, соопштение „Друга страна“
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасковски
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасковски.
„Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасковски почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!“, наведуваат од Драмски театар.
Манасковски е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.

