Европа
Кина: ЕУ не треба да ни кажува што да правиме кога станува збор за правата на ЛГБТ заедницата

ЕУ не треба да и кажува на Кина што да прави кога станува збор за правата на ЛГБТ луѓето на нејзина територија.
Ова е краток коментар од кинеското Министерство за надворешни работи по вчерашното соопштение на претставништвото на ЕУ во Пекинг.
На Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата, делегацијата изјави дека сите ЛГБТ лица во Кина треба да ги имаат истите права како и сите други луѓе и дека треба да им се дозволи да отворат различни организации кои ќе се борат за заштита на нивните права.
Од Кина денеска накратко одговараат:
„ЕУ не треба да дава наредби на оваа тема. Следно прашање?“.
Неколку дена претходно, во понеделникот, медиумите објавија дека главниот градски ЛГБТ центар е затворен во Пекинг поради причини кои тие не можат да ги контролираат. Центарот бил активен 15 години, а „Блумберг“ повикувајќи се на својот извор објави дека притисоците врз организацијата биле присутни многу порано.
Во соопштението на центарот за 2022 година, се наведува дека организацијата наишла на многу непријатни појави, како што се принудни преселби и други проблеми со работата, како и „оцрнување“ на личностите на оние кои работат во центарот, како и нивните семејства.
„Сите овие настани доведоа до колективен емоционален пад и би било нечесно ако кажеме дека се уште сме многу заинтересирани за нашата работа во оваа ситуација“, вели од овој ЛГБТ центар во својот извештај за минатата година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на „Телеграм“ градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона Шхидни. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база не само за стоки туку и за опрема и персонал, со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата почна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.