Регион
Децата се потсетија на песна која ја слушале со убиениот соученик, вели докторката која пуштала музика во „Рибникар“
Д-р Ранка Радуловиќ, за која татко на едно од убиените деца во „Владислав Рибникар“, изјави дека одржала „мрачна сесија“ со народна музика и „врска со духови“ за учениците од клас VII/2 само два дена по масакрот, вели дека по налог на Министерството за здравство била испратена во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград во петокот. Заедно со група на искусни колеги, додава таа, им пружила прва психијатриска помош за децата, родителите и наставниците.
„Добив конкретна задача да бидам присутна на наставничкиот совет во 13 часот. Во таа прилика одговарав на стручните прашања на вработените, од кои некои имаа потреба да зборуваат за своите чувства. Во 15 часот во ходникот гледам група вработени и деца како се држат меѓу себе и силно плачат, во состојба на голем шок. Учениците дојдоа во училиштето да ги соберат своите работи, за прв пат по масовното убиство“, објасни д-р Радуловиќ.
Д-р Радуловиќ тврди дека целта на средбата била да се смират учениците и наставниците.
„Учесниците имаа потреба да го реконструираат настанот и да ги споделат своите чувства меѓу себе. Учениците кои чувствуваа вина на „преживеани“ ја вербализираа и ја добија мојата и поддршката на групата. На средбата со учениците и наставниците беше спомната заедничка песна од екскурзијата, од фолк жанр, а во врска со сеќавањето на покојниот ученик А.Ч, кој ја пеел песната заедно со нив за време на екскурзијата. Бидејќи не ја знаев таа песна, ги замолив да ја пуштат од мојот телефон. Како психијатар и професионален музикотерапевт проценив дека би било корисно за групата доколку учениците од групата повторно слушнат омилена песна, поврзана со среќниот спомен на загинатите пријатели и ученици, дека ќе придонесе за сплотеност на групата, ќе помогне во процесот на жалост, како и дека помирни ќе го напуштат училиштето“, тврди д-р Радуловиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Политико: Бугарија ја разгледува можноста да бара ослободување од санкциите на САД против „Лукоил“
Бугарија ја истражува можноста да побара ослободување од новите санкции на Соединетите Американски Држави против двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, објави Политико, пренесе бнр.бг.
Рафинеријата за нафта во Бургас, во сопственост на Лукоил, снабдува 80 отсто од горивото во земјата.
Според изданието, бугарската влада испратила барање до Вашингтон со цел да ја разбере можната реакција на американската администрација во случај на барање за ослободување од санкциите откако ќе стапат во сила на 21 ноември. Изданието се повикува на извори кои побарале анонимност.
Бугарските власти се загрижени за опасноста санкциите да доведат до затворање на рафинеријата во Бургас, што пак би можело да предизвика недостиг на гориво и последователни протести во земјата, коментира изданието.
Министерството за енергетика одби да даде коментар за Политико. Претседателската институција, исто така, не одговори.
Регион
Грција затвора 204 пошти
Грција затвора 204 филијали на државната пошта ЕЛТА, што претставува околу 45 проценти од вкупната мрежа. Компанијата го оправдува потегот со низок обем на работа и финансиски загуби, додека локалните жители и опозицијата жестоко реагираат.
Пензионерите од руралните средини, кои преку пошта ги примаат пензиите и лековите, предупредуваат дека ќе останат без основни услуги.
Во повеќе градови се одржуваат протести пред поштенските канцеларии, а клиентите ќе бидат пренасочени кон приватни курирски компании.
Поради растечкото незадоволство, во вторник е закажана вонредна седница на парламентот, на иницијатива на опозицијата.
Регион
Мајка на момче кое пред година загина на железничката во Нови Сад најави штрајк со глад
Мајката на Стефан Хрка (27), кој пред една година загина во трагедијата при уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, најави дека од утре ќе започне штрајк со глад.
На денешниот комеморативен собир во Нови Сад, Дијана Хрка им се обрати на присутните со емотивен говор, истакнувајќи дека не се откажува од борбата за правда и одговорност за загинатите.
„Ова е мојата борба што морам да ја доведам до крај. Благодарам на студентите што ме одржуваат во живот, на сите луѓе што се со мене. Денес Нови Сад плаче, но јас се борам за тоа никогаш повеќе ниту една мајка да не заплаче,“ изјави Хрка, пренесува Индекс.
Таа додаде дека ќе продолжи да се бори самостојно и дека ќе штрајкува со глад пред Градското собрание во Нови Сад.
„Сакам да знам кој го уби моето дете и кој уби 16 луѓе. Некој мора да одговара за ова,“ порача Хрка.
Трагедијата се случи пред една година, кога при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад загинаа 16 лица, меѓу кои и нејзиниот син Стефан. Меѓу загинатите беше и четириесет и петгодишниот Македонец, Васко Саздовски, кој работел како професор во Институт за роботика во Нови Сад. Натстрешницата паднала додека тој чекал воз со кој требал да се врати во Македонија кадешто живеело неговото семејство.

