Свет
Освен од Нагорно-Карабах, Ерменија би се откажала и од ОДКБ
Ерменскиот премиер Никол Пашинјан најави во понеделникот дека неговата земја би можела да се повлече од Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) предводена од Москва во најнов изблик на незадоволство поради недоволната поддршка од нејзиниот сојузник Русија, пишува „Москоу тајмс“.
Ереван е сè пофрустриран поради, како што го нарекува, неуспехот на Русија да ја заштити Ерменија која е соочена со воение закани од Азербејџан.
„Не исклучувам дека Ерменија ќе донесе одлука да се повлече од ОДКБ“ ако блокот не ги почитува обврските од договорот,“ рече тој на прес-конференција во Ереван.
Коментарите на Пашинјан дојдоа пред најавените разговори со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев во четврток во Москва, каде домаќин ќе им биде рускиот претседател Владимир Путин.
Претходно, ерменскиот премиер најави и големи промени во политиката на неговата земја во однос на нејзиниот клучен непријател Азербејџан по прашањето на мнозински ерменскиот регион Нагорно-Карабах.
„Ерменија е подготвена да ја признае енклавата Нагорно-Карабах како дел од Азербејџан ако Баку ја гарантира безбедноста на своето етничко ерменско население,“ посочи Пашинјан цитиран од руската државна новинска агенција ТАСС и рускиот медиум „Осторожно“.
Во 2020 година, Азербејџан ја презеде контролата врз областите што беа контролирани од етничките Ерменци во и околу планинската енклава и оттогаш периодично го затвора единствениот пристапен пат што го поврзува Нагорно-Карабах со Ерменија, на кој енклавата се потпира за финансиска и воена поддршка.
„Нагорно Карабах опфаќа 86.600 квадратни километри од територијата на Азербејџан. Ако се разбераме како што треба, Ерменија ќе го признае територијалниот интегритет на Азербејџан во наведените граници, а Баку – територијалниот интегритет на Ерменија на 29.800 квадратни километри “, рече Пашинјан.
Нагорно-Карабах е извор на конфликт меѓу двата кавкаски соседа уште од годините пред распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, а меѓу етничките Ерменци и туркиските Азербејџанци повеќе од еден век.
Заглавени во повеќедецениски територијален конфликт, двете земји сега се обидуваат да преговараат за мировен договор и со помош на ЕУ и САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Путин повторно го насамари Трамп, објави „Њузвик“
Претседателот Доналд Трамп минатата недела објави дека посредувал во еднонеделно примирје меѓу Русија и Украина, истакнувајќи го својот личен однос со рускиот претседател Владимир Путин.
Трамп рече дека го убедил својот руски колега да ги запре нападите врз украинските градови и енергетската инфраструктура за време на бруталниот студен бран.
Проблемот за Трамп е што немало вистинско прекинување на борбите, барем од руска страна. Амбасадорката на Украина во Соединетите Држави, Олга Стефанишина, официјално му достави на Стејт департментот детални докази за бомбардирањето што следеше по наводното примирје.
Притоа, руските ракети погодија не само украински цели, туку и самоуверените тврдења на Трамп за хуманитарна пауза во борбите. Притоа, Путин му послужи на својот наводен пријател уште еден TACO момент (акроним за „Трамп секогаш се плаши“ – Trump Always Chickens Out) и повторно го измами, објави „Њузвик“.
Таканареченото „енергетско примирје“ на Трамп со Русија требаше да го покаже неговиот препознатлив талент за склучување договори. Наместо тоа, го стави во многу незгодна политичка позиција.
„Јас лично го замолив претседателот Путин да не го напаѓа Киев и тие градови и места една недела за време на ова… екстремно студено време“, рече Трамп на состанокот на кабинетот во Белата куќа кон крајот на минатата недела. Путин „се согласи“, рече Трамп.
Но, Белата куќа не понуди јасно објаснување за обемот или временската рамка на каква било потенцијална пауза. Тврдењето дека Русија се согласила на примирје само послужи за да ја нагласи нејасноста на пристапот на Трамп.
Иако Трамп сугерираше дека Путин се согласил на целосно примирје во траење од една недела, Кремљ подоцна тивко го претстави договорот како ограничен и краткотраен, кој истекува веќе на 1 февруари.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во петокот изјави дека Трамп упатил „лично барање“ до Путин да ги запре нападите врз Киев до 1 февруари, опишувајќи го потегот како обид за „создавање поволни услови за преговори“.
Споменувањето на 1 февруари веднаш покрена прашања, бидејќи тој датум беше само два дена оддалечен. Покрај тоа, временските прогнози покажаа дека најстудените денови од зимата не се очекуваат до викендот, што ја отежнува разбирањето на логиката на толку тесно дефинираното примирје.
Свет
Трамп за можноста за трет мандат: „Тоа би било интересно“
Претседателот на САД, Доналд Трамп, одби да заземе страна во дебатата за тоа дали неговиот потпретседател Џ.Д. Венс или државниот секретар Марко Рубио треба да бидат негов наследник во претседателската кампања на Републиканците во 2028 година. Венс, републиканскиот сенатор од Охајо, рече дека ќе разговара со Трамп за можноста да се кандидира по среднорочните избори во ноември.
Во информираните републикански кругови се шпекулира и дека Рубио, сенаторот од Флорида кој загуби од Трамп во трката во 2016 година за републиканската номинација, би можел да се кандидира и за претседател. Рубио го фали Венс како силен потенцијален кандидат, иако самиот не ја отфрлил идејата за кандидирање во 2028 година.
Запрашан за тоа, Трамп изјави за NBC News дека „би бил склон“ да го поддржи својот наследник, но додаде дека не сака да навлегува во тоа во моментов.
„Имаме уште три години. Не сакам, бидејќи знаете, имам двајца луѓе кои одлично ја вршат работата. Не сакам да се расправам со нив и не сакам да го користам зборот „расправија“ – тоа не би било расправија. Но, погледнете, Џ.Д. е фантастичен и Марко е фантастичен“, рече Трамп.
Трамп често вели дека двајцата треба да се кандидираат заедно на ист список. Изборите во 2028 година ќе бидат обележани со масовна трка и се очекува голема конкуренција и на републиканската и на демократската страна, пишува „Ројтерс“.
Но, се чини дека Трамп суптилно поддржал еден од двајцата, имено шефот на американската дипломатија. „Би рекол дека едниот е малку подипломатски од другиот“, рече претседателот за двајцата политичари. Тој ги нарече двајцата многу интелигентни луѓе.
„Мислам дека има разлика во стилот“, рече Трамп. „Знаете, можете сами да го видите стилот. Но, двајцата се многу способни. Но, мислам дека ова е: Комбинацијата на Џ.Д. и Марк би била многу тешко да се победи, мислам. Но, никогаш не се знае во политиката, нели?“
За време на интервјуто за NBC, Трамп повторно се чинеше дека си игра со можноста да бара неуставен трет мандат, објавува „Ројтерс“.
Тој зборуваше за идејата минатата година, само за подоцна да се откаже од концептот. На прашањето дали гледа „некакво сценарио“ во кое тој сè уште би бил претседател во јануари 2029 година, Трамп рече: „Не знам. Тоа би било интересно“.
фото/depositphotos
Свет
(Фото/видео) Руски беспилотни летала го нападнаа Киев, две жени повредени, неколку станбени згради оштетени
Две лица се повредени во руски напад што беше извршен синоќа со беспилотни летала врз Киев. Остатоци од беспилотните летала предизвикаа штета на станбени згради и автомобили во неколку градски области, објави Националната полиција на Украина.
Според првичните информации, пријавен е пожар и едно лице е повредено.
Полицијата објави дека во областа Соломијански, остатоците од беспилотното летало ги оштетиле фасадите и ги скршиле прозорците на четири повеќекатници.
„79-годишна жена е повредена и однесена во болница. 89-годишна жена е хоспитализирана на местото на настанот“, се вели во соопштението.
Во областа Дарницки, остатоци од беспилотно летало ја оштетиле фасадата на станбена зграда.
На паркинг во областа Оболонски, два автомобила се запалиле откако паднале остатоци од беспилотно летало.
Дрон удри во покривот на деловна зграда во Шевченковскиот округ. Пожарот што произлезе од него е изгаснат.
„Истражните и оперативните тимови, деминерите и службите за итни случаи работат на местото на настанот. Полицијата ги документира последиците од руските воени злосторства“, соопшти полицијата.

