Култура
Драмски театар гостува во Приштина
Драмски театар Скопје со претставата „Диши“ утре ќе гостува во Приштина. На седмиот по ред Интернационален театарски фестивал Приштина 2023 што се одржува од 22 до 28 мај, освен актерите на Драмски, учествуваат ансамбли од театри од Шпанија, Турција, Хрватска, Албанија и Косово.
![]()
Текстот „Диши“ (Бели дробови) на Данкан Макмилан е напишан во 2011 година. Режисер на претатсвата е Димче Николовски, а драматург Александра Бошковска. Преводот го направи Благоја Бошковски – Буцко. Сценографијата е на Илија Николовски, а костимограф е Раде Василев. Улогите во претставата ги толкуваат Јасмина Василева и Димитрија Доксевски.
![]()
„Диши“ е современа, длабоко интимна, истовремено универзална и еколошка – глобална драма. Lungs (Бели дробови), низ повеќе животни циклуси на љубовната врска, на духовит и прониклив начин, го следи релативно младиот пар М и Ж (M&W) додека контемплира на различни прашања за смислата и бесмисленоста, за надежта и предавствата, за промените и за смртта, за создавањето на нов живот и за крајот на светот.
![]()
Актерите Јасмина Василева и Димитрија Доксевски за „Диши“ истакнуваат дека претставата навигира низ сите погоре поставени прашања, толкувајќи ги токму во „еден здив“ преку експериментирање со минималистички актерски израз зададен од самиот автор. Оваа драма е напишана за да се изведе на празна сцена. „Нема сценографија, нема мебел, нема реквизити и нема беспредметно дејствие. Нема промена на костими. Не би требало да се користи светло и звук за да се укаже на промена на времето или просторот“ – велат актерите.
„Претставата „Диши“ ја создававме во неизвесноста на пандемијата, во неудобноста и осаменоста од наметнатата социјална дистанца, во постојаната промена на расположенијата помеѓу болката и надежта, со секој нов здив преиспитувајќи се: Дали од ова ќе излеземе како подобри луѓе? “ – се навраќаат на процесот на создавање и премиерата на претставата во декември 2020 година, актерите Василева и Доксевски. Утре во Приштина претставата ќе ја има својата 15 изведба, а потсетуваат дека минатата година имале одличен прием на гостувањето во Сараево во рамките на фестивалот РУТА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Концерт на Георги Шарески – Есенски музички свечености
Фестивалот „Есенски музички свечености“ продолжува на 31.10.2025г. (петок) со концерт на Георги Шарески – соло гитара со авторска музика, кој ќе се одржи со почеток во 20:00 часот во Салон 19:19.
Георги Шарески е гитарист, композитор и аранжер кој се истакнува со својот препознатлив стил, спојувајќи балкански ритми со џез, фјужн и современа класична музика. Неговата музика се карактеризира со длабока емоционалност, комплексна хармонија и суптилна виртуозност. Со девет авторски албуми, Шарески настапува како соло артист и со врвни музичари од Македонија и пошироко. Неговите проекти ги надминуваат жанровските граници, спојувајќи традиција и современ израз. Редовно настапува на реномирани фестивали и сцени во Европа и светот,
придонесувајќи за меѓународната афирмација на македонската современа музика.
Билетите се во продажба на karti.com.mk.
Култура
Македонската филхармонија во Златната сала на „Музикферајн“ – Виена аплаудира на македонската уметност
Во чест на 80-годишниот јубилеј, Македонската филхармонија синоќа одржа концерт во престижната Златна сала на Музикферајн во Виена – еден од најзначајните храмови на класичната музика во светот.
Касинос Австрија Интернешенал Македонија со гордост ја поддржа оваа исклучителна музичка вечер, потврдувајќи ја својата долгорочна заложба за унапредување на културниот живот и промоција на македонската уметност пред светот.
Настапот под диригентство на Јерухам Шаровски, со солистите Ана и Игор Дурловски, донесе импресивен спој на македонска и европска класика, кој ја воодушеви виенската публика. Преполната сала со стоечки овации и долги аплаузи ја поздрави изведбата на нашите музичари, особено делата на Глигор Смокварски, Бете Илин и петте традиционални македонски песни во аранжман на Сони Петровски.
На сцената во срцето на Виена, градот каде што се роди класичната музика, оркестарот на Македонската филхармонија приреди незаборавна вечер исполнета со страст, емоции и музичко совршенство.
Култура
Операта „Палјачи“ од Руџеро Леонкавало на 7 ноември на сцената на Националната опера и Балет
На сцената на Националната опера и балет на 7 ноември со почеток во 20.00 часот, ќе биде изведена драматичната опера „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало – едно од највеличествените дела на оперскиот веризам, кое со децении ја освојува публиката ширум светот.

Приказната за љубовта, страста и одмаздата, преточени во операта „Палјачи“ на нашата сцена ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Унгарија, Кочар Балаж, во режија на Дејан Прошев, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата е на Никола Булески, кореографијата е на Олга Панго, концерт – мајстор е Климент Тодороски, а хор – мајстор: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.

Во солистичката екипа настапуваат: Дешира Амети Крлиу (Неда), Антонело Паломби од Италија (Канио/Палјачо), Марјан Јованоски (Тонио), Драган Ампов (Силвио), Јане Дунимаглоски (Арлекин), заедно со хорот, оркестарот и балетските солисти на Националната опера и балет.

Операта „Палјачи“ е едно од најпознатите дела на италијанскиот веризам. Премиерно е изведена во Милано во 1892 година, а Леонкавало сам го напишал либретото, инспириран од вистински настан. Делото ја ја открива тенката линија помеѓу уметноста и реалноста, љубовта и љубомората, смеењето и солзите. Со незаборавната арија „Vesti la giubba“, ова ремек-дело го допира секое срце и потсетува дека и зад маската на насмевката може да се крие болка. „Палјачи“ претставува едно од најемотивните и најизведуваните оперски дела во историјата.

