Топ
Вработен во Идризово ослободил затвореник, кој откако побегнал ограбил казино
Вработен во затворот Идризово ослободил затвореник, овозможувајќи му да избега од установата.
Според информациите од МВР, вработениот му дал службена картичка за отворање на безбедносна врата. Откако побегнал од затворот, влегол во казино и го ограбил со закана со пиштол.
„Имено, Ј.Ј. на 20.05.2023, додека бил на смена, го ослободил Д.К., осуден на издржување казна затвор до 2027 година за сторени кривични дела по чл.237 ст.1 и чл.396 ст.1 од Кривичниот законик, кој имал затворен третман од категорија Б2. Осуденикот, искористувајќи ја довербата на Ј.Ј., му ја побарал службената магнетна картичка за отворање на безбедносната врата од Отвореното одделение, со образложение дека ќе оди во друг дел од одделението каде претходно бил работно ангажиран. Откако осуденото лице ја отворило безбедносната врата, му ја вратило картичката на сопственикот, а потоа се оддалечило кон „зелената капија“. Нешто подоцна, при извршена проверка на бројната состојба, било констатирано дека осуденото лице недостасува, односно дека побегнало од затворот.
Истиот ден, околу 09.16 часот во казино на ул„Благоја Стефковски“, осуденикот извршил разбојништво со закана со пиштол, при што од вработениот одзел пари и избегал. За кусо време бил пронајден од страна на полициски службеници и лишен од слобода, а кај него биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривичното дело и еден пиштол „Чешка Зброевка ЦЗ 85““ соопшти МВР.
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Ј.Ј.(47) од Скопје, за сторено кривично дело „противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“, предвидено и казниво по член 373 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Двајца гардисти застрелани во близина на Белата куќа; Трамп: Животното што го изврши злосторството ќе ја плати највисоката цена
Двајцата војници на американската Национална гарда кои беа застрелани во близина на Белата куќа во среда се во критична состојба, изјави директорот на ФБИ, Кеш Пател, на прес-конференција, цитирана од агенцијата Франс прес.
„Она што го знаеме е дека истрелите биле насочени. Се чини дека едно лице пукало кон овие членови на Националната гарда. Тоа лице е уапсено“, изјави градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Баузер, на истата прес-конференција.
Претходно, гувернерот на Западна Вирџинија, од каде што потекнуваат жртвите, на социјалните мрежи изјави дека тие починале од повредите. Сепак, информацијата беше демантирана . Малку подоцна, тој рече дека има „конфликтни информации“ за нивната здравствена состојба.
Пукањето се случило во близина на метро станицата Фарагут, во близина на Белата куќа. Мажот за кој се верува дека е убиец пристигнал во Соединетите Држави од Авганистан во 2021 година.
Белата куќа беше ставена во блокада, а ФБИ и Тајната служба беа испратени на местото на настанот. На жителите им е советувано да ја избегнуваат областа. Националната гарда не одговори веднаш на барањето за коментар. Околностите околу пукањето се нејасни.
Претседателот Доналд Трамп е информиран за пукањето, изјави портпаролката Каролин Левит.
„Белата куќа е свесна за оваа трагична ситуација и активно ја следи“, рече Левит. „Претседателот е информиран “, додаде таа.
Малку подоцна, самиот Трамп коментираше за пукањето: „Животното што ги застрела двајцата гардисти – двајцата во критична состојба и веќе се во две различни болници – е исто така сериозно повредено, но без оглед на тоа – ќе плати многу висока цена“, напиша Трамп на Truth Social.
Војници на Националната гарда од неколку држави се наоѓаат во Вашингтон со месеци како дел од кампањата на претседателот Трамп против криминалот во главниот град.
„Сите странци кои влегле во Соединетите Држави од Авганистан под поранешниот претседател Џо Бајден ќе бидат проверени“, рече Доналд Трамп по пукањето и објави дека наредил распоредување на уште 500 војници од Националната гарда во Вашингтон.
„ Овој брутален напад беше чин на зло, чин на омраза и чин на терор. Ова е злосторство против целата наша нација, против човештвото. Како претседател на Соединетите Американски Држави, јас сум решен да се осигурам дека животното што го изврши ова злосторство ќе ја плати највисоката можна цена“, коментираше и американскиот претседател.
Свет
(Видео) Најмалку 44 мртви, 279 исчезнати во стравичниот пожар во Хонг Конг
Стравичниот пожар што беснееше во станбен комплекс во Хонг Конг одзеде најмалку 44 животи. Пожарникарите сè уште се борат со огнот.
Најмалку 279 лица сè уште се водат како исчезнати, додека пожарникарите и спасувачките екипи почнуваат да пребаруваат некои од облакодерите. 45 лица се во критична состојба.
Повеќе од 900 луѓе се евакуирани во привремени засолништа, додека спасувачките напори продолжуваат. Полицијата уапси двајца директори и еден консултант за градежна компанија под сомнение за убиство од небрежност.
Комплексот е дом на околу 4.600 луѓе, претежно постари лица
Речиси 40% од 4.600 луѓе што живеат во станбениот комплекс Ванг Фук Корт се на возраст од најмалку 65 години, покажува пописот од 2021 година.

Smoke billows from an apartment fire in the Tai Po district of Hong Kong, China, 27 November 2025. The fire, which started on 26 November, has killed at least 44 people, and left 279 missing. EPA/LEUNG MAN HEI
Некои од нив живеат во субвенционираниот јавен станбен комплекс откако е изграден во 1980-тите
Ова е најсмртоносниот пожар во градот во повеќе од шест децении
Според најновите информации, најмалку 44 лица ги загубиле животите, додека 279 сè уште се водат како исчезнати, што го прави овој најсмртоносен пожар во градот во повеќе од шест децении.
фото: епа
Свет
Девојка убиена, млад маж повреден во напад на ајкула во Австралија
Една жена загина, а еден маж е сериозно повреден во напад од ајкула во близина на популарно место за сурфање на источниот брег на Австралија, соопштија властите.
Итни служби беа повикани на плажата Кроуди Беј во близина на Порт Маквари, околу 350 км северно од Сиднеј, денеска откако две лица беа нападнати од ајкула, соопшти државната полиција на Нов Јужен Велс. Девојката, за која се верува дека имала околу 20 години и сè уште не е официјално идентификувана, починала на местото на настанот. Мажот, за кој исто така се верува дека има околу 20 години, бил префрлен во болница со хеликоптер во критична состојба.
Минувачи се обиделе да им помогнат на двојката пред да пристигнат службите за итни случаи, но жената не можела да биде спасена. Плажата е затворена додека властите се обидуваат да утврдат за каков вид ајкула станува збор, соопштија властите. Извршниот директор на „Сурф Лајф Савинг Нов Јужен Велс“, Стивен Пирс, изјави дека инцидентот се случил на „прилично оддалечена локација“.
„За жал, една млада жена почина, а еден маж е однесен во болница“, изјави тој за 2GB. „Овие инциденти се ужасни за сите и за жал имавме голем број од нив оваа година“, додаде тој. Оваа година во Австралија имало пет смртни случаи од каснувања од ајкули.
Имало 13 нефатални напади во 2024 година, четири смртни случаи во 2023 година и седум фатални напади во 2020 година.
„Севкупно, има зголемување на каснувањата од ајкули низ Австралија во последните две децении“, изјави за Guardian Australia професорот Чарли Хувенирс, директор на Конзорциумот за морски и крајбрежни истражувања на Универзитетот Флиндерс.
фото: епа

