Топ
Пешак загина на патот Прилеп-Битола, повредено и дете кое било во автомобилот

Тешка сообраќајна несреќа се случи синоќа на патот Битола-Прилеп кај селото Долно Српци.
Автомобил “форд“ со бугарски регистарски ознаки, управувано од Д.И.(45) од Битола, удрило во Џ.Ф.(52) од Албанија.
„На местото на несреќата починал пешакот, а смрт била констатирана од страна на лекар од Итната медицинска помош. Со телесни повреди се здобила малолетна сопатничка од возилото, констатирани во Клиничката болница Битола“, јави МВР.
Извршен бил увид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Украина за стратешкиот договор со Америка: „Ова е пресвртница“

Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, го поздрави договорот за минерали потпишан со Соединетите Американски Држави како важна пресвртница во односите со Вашингтон и рече дека за тоа го информирал шефот на дипломатијата на Европската унија.
Договорот, за кој силно се залагаше американскиот претседател Доналд Трамп, а беше потпишан вчера во Вашингтон, на САД ќе им даде повластен пристап до новите украински лиценци за експлоатација на минерали и ќе ги поттикне инвестициите во обновата на Украина.
„Ова претставува важна пресвртница во украинско-американското стратешко партнерство насочено кон зајакнување на економијата и безбедноста на Украина“, напиша Сибиха на социјалната платформа „Икс“.
Тој рече дека ја информирал шефицата на дипломатијата на Европската унија, Каја Калас за потпишувањето на договорот и дека разговарале за потезите за координирање на чекорите пред важните меѓународни настани.
„Разговаравме за неодамнешните дипломатски напори и следните чекори за постигнување фер и траен мир“, додаде Сибиха.
Договорот потпишан синоќа формира заеднички инвестициски фонд за обнова на Украина додека Трамп се обидува да обезбеди мировен договор во руската војна против Украина.
Договорот е клучен и за напорите на Киев да ги поправи односите со Трамп и Белата куќа, кои се влошија откако тој ја презеде функцијата во јануари.
Македонија
„Платите во Македонија се мизерни“ – синдикалците побараа минимална плата од 500 евра

Платите во Македонија се мизерни и не се зголемуваат онака како што е предвидено со колективните договори. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на првомајскиот протест повика на зголемување на платите за работниците. Беа побарани достоинствени услови за работа и почитување на колективните договори.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, рече дека работниците имаат многу причини да протестираат, а малку да празнуваат.
„Денеска протестираме за плата, денеска одиме пред Собрание, Стопанска комора и Влада да кажеме дека бараме 500 евра минимална плата, дека бараме за 100 евра зголемување на сите останатите плати, да бараме почитување на колективните договори за зголемување на платите и дека бараме пристојна плата за секоја работа“, истакна Трендафилов.
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) претходно најави дека нема да учествува на протестот, бидејќи претседателот Благоја Ралповски смета дека во земјава има добар социјален дијалог и дека проблемите секогаш се решаваат на маса.
Македонија
(Видео) Власта за четири месеци потрошила 30.000 евра на јадење по ресторани, вели Кузеска од СДСМ

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, објави дека во држава каде што работниците бројат денови до платата, министри од ВМРО-ДПМНЕ трошат десетици илјади евра – на јадење и пиење во луксузни ресторани.
Таа на прес-конференција објави дека во првите четири месеци од годината, власта потрошила над 30.000 евра во скапите скопски ресторани.
„Гозби, ручеци и вечери плаќале речиси сите министри, а сметките кои се достапни на „Отворени финансии“ се запрепастувачки. Одредени исплати се во вредност и по 3.000 евра! Ова се податоците кои се јавно достапни и ќе бидат дадени до медиумите“, рече Кузеска.
„Почитувани министри, Малку ли ви беа папајата, аспарагусот и егзотичните набавки од 35.000 евра? Дали тоа не беше доволно за владата да се најаде, па требаше уште толку да се потроши и по ресторани?“, додаде портпаролката.
Вели дека секој месец оваа година, почнувајќи од јануари, Владата трошела просечно по 10.000 евра од буџетот на кафеани, додека им објаснуваше на работниците дека 400 евра се доволни за живот.
„Главни кафанџии според овие сметки, кои ги доставуваме до јавноста, се Дон Тимчо Муцунски, Дон Филков, сите трошаат како мафијаши, во време кога имаме најниски плати во регионот. Замислете, дури и министерот за култура Љутков бил Дон, кој не беше кадарен да исплати плати на вработените во културата – плаќа баснословни суми по кафеани! Културните работници да знаат дека додека они немаа плати, барем министерот не бил гладен. ВМРО-ДПМНЕ денес не е партија на народот. Тоа е затворен круг на луѓе што уживаат додека народот се бори. Тие се изгубени во луксуз, без чувство, без срам, без контакт со реалноста. Приватни авиони, скапи ручеци, набавки на папаја и манго – ова веќе ги поминува сите граници“, изјави Кузеска.
Според СДСМ, оваа власт е симбол на елитизам, ароганција и тотално отуѓување. Немаат врска со народот. Немаат совест. И очигледно, немаат намера да запрат.