Македонија
Граѓаните ви плаќаат секој месец по 500 евра за да попувате тука, целосно сте нефункционални, Арсовска го искара Советот на Скопје
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денес пак се скара со советниците во Советот на Град Скопје и им кажа дека не си ги заслужуваат паушалите. Таа излезе на говорница откога советниците одбија долгорочно задолжување на Градот за нови екоавтобуси да биде додадено како точка на дневниот ред, но прифатија да се додаде точка за субвенции за клима-уреди и субвенции за замена на азбестните покриви за социјално загрозените граѓани. Иако ги прифатија двете точки, советниците од ВМРО-ДПМНЕ побараа ова да биде последен пат да ги добиваат материјалите за дополнителни точки пред почеток на седницата и најавија дека во иднина нема да ги прифаќаат така предложените дополнителни точки на дневен ред. По ваквата најава, збор побара градоначалничката Арсовска.
„Па не прифаќајте ги, целосно сте нефункционални, не си ги заслужувате паушалите. Секој месец по 500 евра од човек плаќа секој граѓанин за вас тука за да дојдете да седите и да попувате, да продавате политика и да не ги поддржувате сите оние работи што ним им се неопходни. Претседател на ваш разгранок испрати писмо до Градот да каже дека за ЈСП требало да има нови автобуси, тоа е претседател на ваш разгранок. За кој вие денеска точката што беше ставена на гласање на дневен ред не прифативте да се стави на дневен ред и покрај тоа што уредно му беше доставена на претседателот на Советот“, рече градоначалничката Арсовска.
Им забележа на советниците дека кога излегуваат на говорница се дволични.
„Крајно дволично е ова за некој што како мнозинство што го претседава овој Совет од советници со месеци и месеци да не може тука да ги изгласа програмите, кои се неопходни да функционира Градот, а врз основа на кои понатаму треба да се носат други акти и одлуки. Сметам дека е несоодветно да се дрзнете, па и процедурално да ги учите тука луѓето, да им кажувате кој какво овластување треба да има. Дали само вие можете да се обидете да свикате вонредни седници, па после тоа да не ги свикувате? Дали само вие ќе креирате преседани и тогаш се дозволени, а кога со месеци не ги гласате точките и програмите, кои се неопходни за функционирање на Градот и после тоа треба да се носат одлуки, е тогаш не можело, односно немало да ги прифатите“, вели градоначалничката Арсовска.
На денешната седница Советот ќе разгледа информација за финансиската состојба на Градот и јавните претпријатија, а ќе има и информација за состојбата со изгорениот мост „Беласица“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

