Европа
Фон дер Лајен најави нов план за Западен Балкан: Четири столба за забрзување на патот кон ЕУ
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен најави нов план за приближување на Западен Балкан до Европската Унија.
Говорејќи на безбедносниот форум во Братислава, таа рече дека ЕУ треба да стори повеќе за да допре до членките во регионот кои се стремат да се приклучат, откривајќи план од четири точки за поттикнување на локалниот развој.
Фон дер Лајен изјави дека новиот план за раст на Западен Балкан е вистинската работа за регионот и во вистинско време, како и дека оваа иницијатива ќе им овозможи на граѓаните на Западен Балкан одредени придобивки што ги имаат членките на ЕУ. Таа нагласи дека заедничка цел е да се забрза патот на земјите од регионот кон Европската унија и оти ЕУ го сака Западен Балкан во Унијата.
„Сакаме да се надоврземе на грешките што беа направени во претходниот период, но сакаме и да обезбедиме одредени придобивки што ги имаат членките на ЕУ за граѓаните од Западен Балкан. Планот за раст што го предлагаме се заснова на четири столба. Првиот е да се доближи Западен Балкан до единствен европски економски пазар, второ да се продлабочи регионалната економска интеграција, да се забрзаат фундаменталните реформи и да се зголемат претпристапните фондови. Во извесна смисла ова е нов пристап кон Европската унија. Ние не само што сакаме да ги замолиме нашите партнери да преземат нови чекори кон нас, туку и сакаме да направиме голем чекор кон нив. Наша заедничка цел е да го забрзаме нивниот пат кон Европската унија“, изјави претседателката на Европската комисија.
Како што рече, сите земји кои се приклучија на ЕУ во последните две децении добија пристап до единствениот економски пазар, што беше главниот двигател на нивниот економски успех.
„Но, земјите кои веќе се на перспективен пат кон ЕУ треба да имаат корист од единствениот пазар. На пример, Западен Балкан би можел да пристапи кон нашиот единствен дигитален пазар во области како што се е-трговија или сајбер безбедноста. Можеме да посредуваме во трговијата, услугите и плаќања. Сакам нашиот единствен пазар да биде двигател на промените. Не само за земјите кои се приклучија кон нашето семејство, туку и за оние на патот. Оваа поблиска соработка на нашиот единствен пазар треба да оди рака под рака со заедничкиот регионален пазар “, рече претседателката на Европската комисија.
Според неа, единствениот регионален пазар е клучен за огромниот економски потенцијал на регионот и е важен за да го направи Западен Балкан поатрактивен за европските инвестиции.
Таа кажа дека доколку се заснова на европски правила и стандарди, овој заеднички регионален пазар ќе го забрза пристапот во Европската Унија.
„Сакаме однапред да му понудиме на Западен Балкан некои од предностите на членството. Секако, тоа значи и дека однапред мора да се исполнат одредени услови за членство. Некои од реформите кои се дел од пристапниот процес се клучни за довербата на инвеститорите. Градењето независно и ефикасно судство, кое обезбедува транспарентни јавни набавки, борбата против корупцијата или енергетскиот пазар“, рече Урусал фон дер Лајен.
Нагласи дека регионот на Западен Балкан има огромен потенцијал да се диверзифицира подалеку од руските фосилни горива, но оти мора да ја зголеми енергетската ефикасност, да се поврзе со други извори на снабдување, а дополнително, потребни се огромни инвестиции во обновливи извори на енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Лавров доаѓа во ЕУ во декември, првпат од 2022 година
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров планира да ја посети Малта во декември за да учествува на состанокот на Министерскиот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, објави во петокот „Ведомости“ цитирајќи ја портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Тоа ќе биде негова прва посета на која било земја од Европската Унија откога Русија испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година.
Амбасадата на Малта во Русија потврди за „Ведомости“ дека одлуката да се одржи состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ на островот на 5 и 6 декември „се однесува на сите членки, вклучително и на Руската Федерација“.
„Делегациите на ОБСЕ се редовно информирани за напредокот на подготовките. Дополнителни практични детали, вклучително и покани, ќе им бидат испратени до сите делегации на ОБСЕ во догледно време“, соопшти Амбасадата.
Европа
Шпанија се подготвува за нови дождови, најмалку 158 луѓе загинаа во катастрофата
Шпанската метеоролошка служба (АЕМЕТ) издаде жолти и портокалови предупредувања за тешко погодените Валенсија и Кастелон.
Дождот, иако не се очекува да биде толку силен како оној што наврна на почетокот на неделата, претставува нов проблем за жителите. Бидејќи земјата е веќе заситена, понатамошните врнежи може да доведат до дополнителни поплави.
Катастрофата е најлошата во Шпанија во последните децении, а властите ги предупредуваат жителите дека вонредната состојба е далеку од завршена. Најмалку 158 луѓе загинаа во невремето, а спасувачките тимови сè уште трагаат во урнатините по исчезнати луѓе.
Повеќе од 1.200 работници се распоредени во спасувачка мисија бидејќи предупредувањата за дожд остануваат во сила во делови од земјата. На работниците им помагаат дронови, кои бараат знаци за живот во калта и урнатините.
Не е јасно точно колку луѓе сè уште се водат за исчезнати, но премиерот Педро Санчез ја истакна целта да се спасат „што е можно повеќе животи“ додека ги посетува погодените заедници.
Европа
Во Германија воведен закон кој дозволува еднаш годишно луѓето да ги менуваат полот и името
Законот за самоопределување стапи во сила од вчера во Германија, а тој им овозможува на граѓаните да ги променат името и полот во женско, машко или различно, што е трета опција за пол, која веќе постои според германскиот закон, со давање изјава еднаш во годината.
Тоа им олеснува на трансродовите, интерсексуалните и на небинарните лица да го менуваат полот во официјалните документи. Беше изгласан во април од коалицијата на левиот центар со многубројни дискусии и силно противење од десничарските и конзервативните партии.
На малолетниците над 14 години им е потребна согласност од родителите или старателите за промена на името и полот. Во случај на деца под 14 години родителите треба да поднесат изјава до матичната канцеларија.
Во рок од 12 месеци од одобрувањето на барањето не може да се изврши понатамошна промена или враќање на претходниот пол.
Слични прописи веќе постојат во 16 земји, вклучувајќи ги Аргентина, Нов Зеланд, Ирска и Швајцарија.