Македонија
Муцунски: Електрични велосипеди и тротинети, паметно осветление, бесплатен интернет – почнува имплементацијата на „Смарт Аеродром“
Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, на прес-конференција ги објави деталите за проектот „Смарт Аеродром“, кој, како што најави, ќе биде визионерски потфат што ќе ја искористи моќта на технологијата за да создаде поповрзана, одржлива и помодерна општина. Тој најави дека веднаш откога Советот на Општина Аеродром ќе донесе одлука, преку јавен повик за избор на партнер, ќе биде воспоставено јавно-приватно партнерство, со кое ќе се реализира овој проект. На јавниот повик ќе може да аплицираат сите заинтересирани компании што ги исполнуваат дадените услови.
„Проектот ‘Смарт Аеродром’ претставува сеопфатен напор за интегрирање на напредните технологии во нашата општина во насока на подобрување на разните аспекти на секојдневното живеење. ‘Смарт Аеродром’ е проект кој е важен технолошки исчекор напред, проект во чии рамки се пресретнуваат технологија и одржливоста, а се реализира за првпат во Македонија, токму во општината Аеродром“, рече тој.
Зборувајќи за придобивките од проектот, Муцунски на денешната прес-конференција потенцира дека станува збор за проект кој сериозно ќе го смени ликот на средината, ќе влијае на зголемување на безбедноста и сигурноста, ќе придонесе за ефикасна потрошувачка и заштеда на средства, ќе овозможи олеснет пристап до информации, ќе имплементира одржливи транспортни решенија и ќе придонесе на подобрување на економскиот раст и иновативноста на локално ниво.
Физибилити-студијата предвидува компанијата што ќе биде избрана како партнер на Општина Аеродром да има обврска да имплементира смарт (штедливо) осветление на територијата на целата општина, што сериозно ќе влијае на заштедата на средства за електрична енергија и ќе биде одговор на зачестените забелешки за постојниот систем за осветление, кој е застарен и нефункционален. Дополнително, се предвидува компанијата да постави информативни и комерцијални дигитални дисплеи или т.н. тотеми, кои Општината ќе има право да ги користи за информирање на граѓаните; да нуди ефикасни услуги за изнајмување електрични велосипеди и електрични тротинети, кои ќе може да ги користат граѓаните, да постави полначи за електрични автомобили на локации во Аеродром и да формира т.н. хотспот-точки со бесплатен безжичен интернет.
Kомпанијата што ќе биде стратешки партнер на Општина Аеродром во реализацијата на овој проект ќе има обврска целосно да го финансира и одржува целиот проект, а Општина Аеродром, освен што нема да има никакви директни трошоци за негова реализација, туку и преку намалување на потрошувачката на електрична енергија сериозно ќе ги намали трошоците и ќе оствари заштеда на средства од буџетот.
„Убеден сум дека по успешното завршување на повикот и воспоставување јавно-приватно партнерство, ќе може официјално да му посакаме добредојде на проектот, кој ќе даде една нова енергија на иднината и живеењето во нашата општина. Со имплементацијата на проектот општина Аеродром ќе стане првата високотехнолошка и паметна општина, како и вистински пример на локална самоуправа што поддржува иновации и промовира одржливост“, заклучи Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
,,Реформска агенда и европски пат“: Владата го презентираше напредокот пред ЕУ амбасадорите
Во рамки на брифингот посветен на следењето на напредокот во спроведувањето на Реформската агенда, што се одржа во Владата, а на кој присуствуваа членовите на Владата, амбасадорите на Европската Унија и претставници на меѓународната заедница, беше направен детален осврт на досегашните резултати и идните приоритети во клучните реформски области.
На настанот, свое обраќање имаше и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која се осврна на активностите и резултатите на Министерството во делот на праведната транзиција, пазарната интеграција и унапредувањето на енергетската политика во согласност со европските стандарди.
Министерката информираше дека управувачките структури предвидени со Патоказот за праведна транзиција се целосно функционални и дека е успешно усвоен Годишниот план за имплементација за 2026 година, усогласен со стратешките документи и инвестициските приоритети на Владата.
Посебен акцент беше ставен на донесувањето на новиот Закон за енергетика, со кој државата направи значаен исчекор кон целосна усогласеност со Пакетот за интеграција на електричната енергија на Енергетската заедница, како и на напредокот во подготовката на подзаконските акти од страна на АД МЕПСО.
Во своето обраќање, министерката ја истакна и институционалната подготвеност на операторите за практична имплементација на европските пазарни механизми, како и меѓународното признание преку членството во Italian Working Border Table.
Во делот на социјалната димензија, беше потенцирано дека Министерството активно спроведува мерки за заштита на ранливите потрошувачи, со донесена методологија за мерење на енергетската сиромаштија и обезбедена поддршка за илјадници домаќинства.
Дополнително, министерката информираше за усвојувањето на Тригодишниот план за реновирање на објектите на централната Влада. Постигнатите резултати, како што беше истакнато, претставуваат јасна потврда за посветеноста на институциите кон успешна енергетска транзиција, пазарна интеграција и одржлив развој, во интерес на граѓаните и економијата.
Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, редовно ќе се одржуваат циклус на средби, односно брифинзи со претставници на земјите членки на Европската унија, кои што се резидентни во нашата земја, се со цел да се информираат меѓународните претставници во однос на реализираните чекори на Реформската агенда.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со одговорно и транспарентно спроведување на реформите, во тесна соработка со Владата, институциите и меѓународните партнери, со цел обезбедување сигурен, модерен и праведен енергетски систем, додаваат од таму.
Македонија
Минчев: Законот за општа управна постапка е еден од најзначајните системски закони во македонската легислатива
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на промоцијата на публикацијата „Коментар на Законот за општата управна постапка“, која претставува значајно стручно дело од областа на управното право и практичната примена на Законот за општата управна постапка (ЗОУП).
Во своето обраќање, министерот Минчев истакна дека ЗОУП е еден од најзначајните системски закони во македонската легислатива, бидејќи ги уредува односите меѓу граѓаните и јавната администрација во сите фази од животот, како и работата на сите државни органи и институции со јавни овластувања.
„Коментарот на Законот за општата управна постапка претставува неопходна практична алатка за службениците во јавната администрација, која придонесува кон законита, стручна и предвидлива примена на законот и ја зајакнува правната сигурност на граѓаните“ истакна министерот Минчев.
Тој ја нагласи и посебната вредност на публикацијата, која е резултат на заедничка работа на еминентни теоретичари и практичари од областа на управното право, и упати честитки до авторите и издавачот за вложениот труд и професионалност.
Министерството за јавна администрација ја поддржува и ја препорачува публикацијата за широка употреба во јавната администрација, како значаен придонес кон унапредување на квалитетот на управните постапки и услугите кон граѓаните, велат од таму.
Македонија
Љутков на Меѓународниот саем за туризам ЕМИТТ во Истанбул
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и националниот координатор за туризам, Аккан Махмут, присуствуваа на свеченото отворање на 29-тото издание на Меѓународниот саем за туризам ЕМИТТ, кој од 5 до 7 февруари се одржува во Истанбул, Република Турција.
Во рамките на саемот, Љутков оствари средба со претседателот на Турската асоцијација на туристички агенции (ТУРСАБ), Фируз Багликаја, на која се разговараше за унапредување на туристичката соработка, развој на заеднички туристички производи и културни рути, како и промоција на културниот и креативниот туризам меѓу Македонија и Турција. Инаку, досегашната континуирана соработка со ТУРСАБ е насочена кон промоција на нашата земја како туристичка дестинација и развој на туристички бизнис-релации.
Турција е еден од најзначајните туристички пазари за нашата земја, со над 500 илјади остварени ноќевања минатата година од туристичките посети. Македонската туристичка понуда веќе 15 години континуирано е претставена на Саемот за туризам во Истанбул, кој е една од највлијателните туристички изложби во регионот и пошироко. Секоја година обединува околу 30 000 туристички професионалци и љубители на патувањата, и е платформа за промоција на дестинации, туристички производи и нови можности за соработка.
Оваа година, Саемот се одржува во „Експо-центар Истанбул“ (IFM), со учество на над 656 изложувачи од 109 земји и присуство на околу 660 туроператори, што дополнително го потврдува неговото значење како клучен меѓународен настан за развој на туристичката индустрија.

