Свет
Поранешен агент на ФБИ, кој 20 години работел за Русија, пронајден мртов во затвор
Американскиот двоен шпион ,кој работел за Русија, Роберт Хансен, бил пронајден мртов во затвор во Денвер, Колорадо.
Како што пренесува Би-би-си, Хансен бил поранешен агент на ФБИ, а во 1985 година почнал да испраќа доверливи информации до Советскиот Сојуз.
На веб-страницата на ФБИ се наведува дека тој „компромитирал многубројни човечки ресурси, контраразузнавачки техники, истраги, десетици доверливи документи на американската влада и технички операции од исклучителна важност и вредност“.
Иако повремено се сомневаа во неговите активности, тој не беше фатен со години.
Откако ФБИ го уапси шпионот Олдрих Хазен Ејмс во 1994 година и откако беше утврдено дека информациите сè уште стигнуваат до Советскиот Сојуз, истрагата на Бирото за Хансен се интензивира.
Тој требаше да се пензионира, па ФБИ бргу тргна да се обиде да го фати на дело.
„Она што сакавме беше да добиеме доволно докази за да го осудиме, а крајната цел беше да го фатиме на дело“, изјави поранешната заменичка на помошник-директорот на Одделот за контраразузнавање на ФБИ, Дебра Еванс Смит.
Хансен почнал да работи во својата нова канцеларија, во која имало скриени камери и микрофони, во седиштето на ФБИ во јануари 2001 година, по што бил уапсен.
Тој во 2002 година беше осуден на доживотен затвор за шпионажа.
Британскиот јавен сервис објави дека Хансен добил повеќе од 1,4 милион долари во готовина, дијаманти и пари за време кога испраќал информации во Москва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Смената на режимот во Иран би била најдобрата работа
Претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа изјави дека смената на режимот во Иран „би била најдобрата работа што може да се случи“.
– Само зборуваат и зборуваат и зборуваат веќе 47 години – наведе Трамп.
Тој потврди и дека најголемиот носач на авиони во светот „УСС Џералд Р. Форд“ од Карипско Море ќе биде распореден на Блиски Исток. Тој ќе се придружи на носачот „УСС Абрахам Линколн“ и на бродовите разорувачи со наведувачки ракети, кои во регионот се повеќе од две недели.
– Ќе ни треба во случај да не постигнеме договор. Многу брзо заминува – истакна Трамп.
Но, Трамп навести дека е можен договор со Иран и избегнување на воена операција.
– Ако ни дадат прав договор, нема да го сториме тоа – посочи Трамп.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos

