Економија
Кинеска и турска компанија лажирале документација за мегапроект во Босна и Херцеговина
Кинеската групација China Gezhouba Group Co. во понудата за изградба на тунелот Прењ доставила неточни информации и лажна документација.
Тунелот треба да се изгради на трасата на автопатот на Коридорот 5 С, на југот на Босна и Херцеговина.
Ова за Радио Слободна Европа (РСЕ) го потврдија од Јавното претпријатие „Автопати на Федерацијата Босна и Херцеговина“. Станува збор за компанија од Вухан.
Во септември минатата година државната компанија „Автопати“ на Федерацијата Босна и Херцеговина отвори тендер за доставување документација за изведувачот за изградба на тунелот Прењ.
Ова е најважниот инфраструктурен проект во Босна и Херцеговина, велат од оваа компанија. Додаваат дека тоа е деветти најдолг патен тунел во Европа. Планирано е да биде долг околу 11 километри.
Од „Автопати“ ги провериле податоците и утврдиле дека оваа кинеска компанија нема валидна документација поради што е дисквалификувана. Кинеската групација не одговорила на барањето на Радио Слободна Европа зашто доставиле лажни и неточни информации.
Во исто време, од „Автопати“ потврдиле дека China Gezhouba Group Co. никогаш не учествувала во проектите на овој субјект-компанија.
За изградба на тунелот пристигнаа осум понуди. Меѓу нив имаше уште една понуда од компанија од Кина, три од Турција и една од Индија. Покрај тоа, на тендерот се пријавија и два конзорциума од Турција и Јужна Кореја. Освен кинеската групација, лажна документација доставила и компанија од Турција.
„Неточни податоци во понудата за изградба на тунелот Прењ доставила и компанијата од Турција, „Озалтин инсаат тицарет ве Санаји А.С.“, велат за РСЕ од „Автопати“.
Нелогичности во понудите утврдила комисијата формирана од оваа компанија.
Босна и Херцеговина побара заем од ЕБОР за финансирање на изградбата на приоритетните делови од автопатот на Коридорот 5 С. Износот на заемот е 97 милиони евра. Во финансирањето на изградбата на тунелот ќе учествува и Европската инвестициска банка (ЕИБ).
Како дел од овој проект проценетата вредност на изградбата на тунелот Прењ е околу 500 милиони марки (250 милиони евра).
Изградбата ќе почне кон средината на оваа година, а работите ќе траат шест години. Планирано е да се заврши до крајот на 2028 година, со што ќе се заокружи целиот Коридор 5 С.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Дурмиши во Берлин: Северна Македонија нуди нови можности за странски инвестиции
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес учествуваше на панел-дискусија на тема „Можности за странски инвестиции во Северна Македонија“, што се одржа во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин. Настанот беше организиран од Германско–македонскиот бизнис клуб (DNMBC) во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Министерот Дурмиши во своето обраќање истакна дека Северна Македонија се наоѓа во клучен развоен момент, во кој реформските процеси се насочени кон создавање предвидлива, стабилна и европски ориентирана економска средина. Тој ги нагласи приоритетите на Владата – дигитална и зелена трансформација, модернизација на индустријата, поттикнување на иновации и унапредување на човечкиот капитал.
„Нашата цел е да изградиме економија што создава додадена вредност и нуди јасни, долгорочни услови за инвеститорите. Со новиот модел на финансиска поддршка што ќе стартува во 2026 година, државата ги наградува квалитетните инвестиции, отворањето работни места, технолошките центри и проектите што придонесуваат за регионален развој,“ истакна министерот Дурмиши.
Тој подвлече и дека Германија останува еден од најзначајните економски партнери на Северна Македонија, додавајќи дека заедничката визија е да се зајакнат деловните врски, да се поттикнат модерни инвестиции и да се создадат нови можности за економски раст.
Министерот им се заблагодари на организаторите и деловната заедница во Германија за континуираната поддршка, оценувајќи дека ваквите настани се важна платформа за градење доверба и нови партнерства.
Настанот продолжи со динамична панел-дискусија во која учесниците разменуваа искуства и предлози за унапредување на инвестициската клима и можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји.
На отворањето се обратија Гафар Вејсели, претседател на DNMBC, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како и амбасадорот на Северна Македонија во Германија, проф. д-р Илбер Села. Панелот обедини значајни имиња од економскиот и институционалниот сектор, меѓу кои и директорот на ДТИРЗ Гоце Димовски, поранешната гувернерка на НБРСМ Анита Ангеловска-Бежоска, претставници од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и германската делегација за индустрија за регионот.
Економија
Вицепремиерите Стоилковиќ и Месаровиќ со заедничка посета на македонски компании во пресрет на утрешниот бизнис форум
Во пресрет на утрешниот македонско–српски бизнис форум, потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, и потпретседателката на Владата на Србија и министерка за економија, Адријана Месаровиќ, остварија заедничка посета на две успешни македонски компании – „Пекабеско“ и винаријата „Камник“.
Посетата, која се одржа со цел продлабочување на економската соработка и поддршка на бизнис-заедницата, претставува вовед во големиот македонско–српски бизнис форум што ќе се одржи утре во Скопје.
За време на посетата беа споделени информации за тековните производствени процеси, извозниот потенцијал и можностите за проширување на пласманот на регионалните пазари. Двајцата високи претставници истакнаа дека ваквите компании се пример за успешни деловни модели кои можат да придонесат за економско поврзување и зголемена конкурентност на целиот регион.
Во контекст на претстојниот форум, Стоилковиќ и Месаровиќ порачаа дека економската соработка меѓу двете земји е на постојан подем и дека постои јасна волја за нејзино дополнително унапредување.
Македонско–српскиот бизнис форум во Скопје на едно место ќе ги собере водечките компании, институции и инвеститори од двете земји, со цел создавање нови деловни можности и зајакнување на економските врски.
Пред почетокот на бизнис форумот Стоилковиќ и Месаровиќ ќе потпишат и Меморандум за разбирање за соработка меѓу Владата на Македонија и Владата на Србија.
Економија
Николоски: Вложуваме во модерни автопати да ја подигнеме безбедноста и да ги намалиме сообраќајните незгоди
Инвестираме огромни средства во изградба на модерни и безбедни автопати преку кои го подигнуваме нивото на безбедност во сообраќајот. Интензивно работиме на автопатите на коридор 8 и на коридор 10 д, а очекувам овој месец да избереме изведувач и за изградба на автопатот Кичево -Букојчани, изјави вицепремиерот Александар Николоски.
Тој потенцира дека е потребна координирана акција со МВР и другите надлежни институции со цел намалување на жртвите во сообраќајот, но најавжно е менување на свеста кај граѓаните за почитување на законите.
„Мора сите заеднички да работиме да се подобри црната статистика. Во соработка со МВР ќе работиме активно во следниот период на намалување на жртвите на патиштата. Пред се, многу значајно е да се изгради модерна инфраструктура во што многу вложуваме и таа да е добро испланирана. Најбезбедни се автопатиштата и тука многу вложуваме во изградба на автопати. Ја завршуваме изградбата на автопатот Кичево-Охрид, изградбата на автопатот Кичево -Букојчани за кој што очекувам да изберме Изведувач во овој месец. Понатаму интензивно се гради Букојчани – Гостивар или популарната Стража која се заобиколува, понатаму се гради Тетово-Гостивар кој што сите велевме дека е автопат а всушност е експресен пат. Работиме и на Прилеп-Битола како нов автопат, а веќе наоѓаме решенија и делот кој оди од Прилеп до Фариш, така да ова е голема активност која ја имаме и сериозно ќе придонесе во подобрување на безбедноста во сообраќајот. Секако тука се и магистралните и регионални патишта, тука се патиштата и во рамки на општините и затоа потребна е координирана активност која меѓуресорски и инстиуционално ја работиме со цел овие бројки да се подобруваат и најважно од се е да ја менуваме културата да се почитуваат правилата и законите”- изјави Николоски.

