Македонија
(Видео) Муцунски пред лидерската: Парламентарни избори се излез од овој ќор-сокак, уставни измени не смее да има
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница пред лидерската средба за уставните измени го овласти претседателот Христијан Мицкоски да го пренесе ставот дека уставни измени под диктат и во овие околности не смее да има. Потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски, вели дека уставните измени во овој момент значат отворање на вратата за нови себеодрекувања. За него, решение се предвремени парламентарни избори.
„Носењето уставни измени во состојба кога е нападнат националниот и државен идентитет на македонскиот народ, кога се оспоруваат јазикот, историјата и културата, не е никаков чекор напред, туку отворање на вратата за нови поразителни условувања и себеодрекување. Македонија, поради лесните отстапки до сега и штетните политики на власта, веќе е во изолација. Измама е тезата дека на оваа лидерска средба се одлучува за интеграција или изолација. На оваа лидерска средба се одлучува или за уставни измени и национални порази или за одбрана на националното достоинство и националните и државните интереси. За ваквата подредена состојба на државата е виновна криминализираната власт на ДУИ и СДСМ“, рече Муцунски.
Македонските граѓани отсекогаш силно ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат европската интеграција на Македонија, но Муцунски смета дека тоа не треба да прерасне во понижувачки процес за прифаќање диктати, туку процес на прифаќање и почитување на вредностите и создавање национално единство.
„Следниот чекор по овој капитален неуспех, кој ја стави Македонија во подредена состојба, овој процес на попустлива надворешна политика, кој е континуитет на владеењето на ДУИ и СДСМ во последните шест години, е предвремени парламентарни избори. Сите да ја понудиме својата алтернатива за тоа како ќе се забрза европската интеграција, дали преку попустлива надворешна политика од страна на едниот блок или преку надворешна политика, која гарантира извесност врз основа на принципи, најдобар одговор на тоа граѓаните ќе дадат преку одржување предвремени парламентарни избори. Тоа е очигледниот излез од оваа криза, од овој ќор-сокак што го создаде актуелната Влада на ДУИ, поддржана од СДСМ“, додава тој.
Муцунски нагласи дека прашањето за предвремени парламентарни избори неизбежно е да биде една од темите за кои ќе дискутираат двајцата лидери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

