Македонија
(Видео) Нема договор: Ковачевски смета дека ДУИ треба да остане во Владата, Мицкоски бара да излезе за тие да влезат
Премиерот Димитар Ковачевски кажа какви понуди му дал на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Првата била избори по промена на Уставот, втората влез во Владата по отворањето на Уставот. Ковачевски рече дека му понудил на Мицкоски да се направат уставните измени, а да важат по завршувањето на втората меѓувладина конференција. Договор помеѓу премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – нема.
„Понудив, за да обезбедиме, иако е обезбедено со преговарачката рамка, со сигурност, уставните измени што ќе се донесат во своите завршни одредби да имаат одредба дека ќе важат во моментот на одржување на втората меѓувладина конференција, која е закажана без никакво одлагање, по уставните измени“, рече Ковачевски.
Мицкоски му рекол дека сака ДУИ да излезе од Владата, на што посочи и Ковачевски.
„Тој сметаше дека некои партии не треба да бидат дел од Владата, други треба да влезат. Сметам дека нам како Влада ни треба широко обединување на сите. Целите ви ги кажав – уставни измени, завршување на уставните измени, скрининг-процесот, отворање поглавја, затворање едно или две поглавја, па избори во согласност со законот. Затоа сметам дека тоа ќе биде Влада на обединување, европска интеграција, а не Влада на дестабилизација“, додаде Ковачевски.
Раскажа и за целата понуда што му ја дал на лидерот на опозициската партија.
„На средбата предложив да го направиме следниот чекор заедно и да ги изгласаме уставните измени. Тоа е вистинското решение што граѓаните го очекуваат од нас. Дадов предлог до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку се сложат, заеднички да пристапиме кон остварување на оваа цел и заедно да ги гласаме уставните измени. Ако заедно ги изгласаме уставните измени – отворањето, подготвувањето амандмани, затворањето, тогаш предложив, веднаш, по последното гласање, може да одиме на избори. Тоа е став од претходните месеци, кој го имам кажано. Меѓутоа, во текот на изминатиот период, слушајќи ги изјавите од политичките субјекти, сфатив дека за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ – важно е да бидат дел од власта. За да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе и дека не сме водени од партиски интерес, дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори, предложив да го изгласаме отворањето на Уставот со 2/3 и веднаш, утре дента, ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата, при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници од ВМРО-ДПМНЕ. Така ќе обезбедиме Влада што ќе обединува“, посочи тој.
Ковачевски додаде и дека треба обединување, а ВМРО-ДПМНЕ се соочила со реалноста.
„Сметам дека ако добро ја анализираат преговарачката рамка, дека исто така ќе се согласат и со неа. Во неа се наведени сите гаранции и обврски на ЕУ и обврската што ја имаме ние – каде што сè е направено на македонски јазик. Овој дијалог треба да продолжи. Можеби не секогаш да биде со најавување големи настани и со големи прес-конференции, ние имаме и парламент во кој треба да се одвива дискусијата“, додаде Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонската телевизија: Испративме порака до тимот на Пендаровски да се изјаснат за дуелот, а во одговорот стоеше дека не можат му ја организираат агендата
Од Македонската телевизија ги отфрлаат информациите од кабинетот на Пендаровски дека Гордана Силјановска-Давкова сама си договорила дуел на МТВ.
„Вечерва во 20:15 на Македонската телевизија наместо дуел меѓу двајцата претенденти за шеф на државата, ќе има интервју само со кандидатката за претседател, Гордана Силјановска Давкова. Нејзиниот опонент Стево Пендаровски не дојде да ги соочи ставовите во дебатата на јавниот сервис.
Македонската телевизија, на 26 април 2024 година, упати покани за предизборно соочување до кабинетите на кандидатите кои влегоа во вториот круг од претседтелските избори, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова.
Јавниот сеервис како датуми ги предложи – 1 мај (среда), 2 мај (четврток) и 6 мај (понеделник).
Во зависност од предизборните активности на кандидатите за претседател, оставивме можност дебатата да се снима во текот на денот или да се реализира во живо во вечерен термин, а конечната одлука за датумот ќе се донесе во договор со кабинетите на двајцата кандидати за претседател.
Од тимот на Гордана Силјановска Давкова, следниот ден, 27 април, известија дека го прифаќаат 2 мај-четврток како термин за дуел со можност за снимање во попладневен термин“, појаснуваат во реакцијата.
„Од тимот на Пендаровски немаше одговор до вчера, 1 мај. Јавниот сервис испрати порака до тимот на Пендаровски да се изјаснат за дуелот, а во одговорот стоеше дека не можат му ја организираат агендата и дека не можат да успеат. Во духот на професионалноста, јавниот сервис понуди и одделни интервјуа за двајцата кандидати, но од тимот на Пендаровски известија дека нема простор ни за тоа иако јавниот сервис во телефонски разговор остави можност за кој било од наредните денови до изборниот молк.
После сето ова, Македонската телевизија ги отфрла информациите од кабинетот на Пендаровски дека Гордана Силјановска-Давкова сама си договорила дуел на МТВ“, се додава во напишаното од страна на Македонската телевизија.
Македонија
Спасовски: Просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра, грантови за млади и зголемени плати во здравството
Носителот на листа на кандидати за пратеници од ИЕ2 предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, се сретна со граѓаните од Чучер Сандево.
„СДСМ е рамо до рамо со граѓаните, сите на 8 мај за број 1“, порача тој.
Со СДСМ, како што рече, е можен европски животен стандард, со просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра”, рече Спасовски, наведувајќи мерки за младите од Програмата за европска иднина.
“Програмата за млади предвидува по 200 евра за прво вработување за млади до 26 години, субвенции и поволни цени за купување сопствен дом за млади до 29 години, како и гарантирана плата за млади, додека грантовите за отпочнување на сопствен бизнис за млади, се зголемува на 8.000 евра”, истакна Спасовски, додавајќи дека платите во здравството ќе продолжат да раснат.
„Платите на медицинскиот персонал значително ќе се зголемат. Специјалистите ќе имаат до 180.000 денари плата, општите доктори, до 120.000 денари. Медицинските сестри, до 90.000 денари.
СДСМ нема да се откаже од унапредување на работничките права, раст на платите, подобро платени работни места” рече Спасовски.
Македонија
Мицкоски од Гостивар: ДУИ ги злоупотребува Албанците, врз митот за права, направија милиони, ќе одат во опозиција и ќе одговараат за криминалот
Македонија се наоѓа пред сериозна одлука а изборите кои следат во себе не го носат изборот која партија ќе победи, туку каква иднина ќе се одбере, за себе и за своите семејства. Главниот проблем, е што државата е одземена од рацете на народот. Контролата е во стотина души кои управуваат со се во земјава, без одговорност, со многу криминал и корупција, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Гостивар.
Мицкоски додаде дека нема поголем тендер од кој артановци, бујаровци, и зечевци не собираат процент.
– Тука во Гостивар на пола пат од Тетово се сликаа со лопатите, наместија бини, сечеа ленти за нови автопати дел од коридорите 8 и 10д, еве помина година дена, дупка не ископаа, не па автопат да изградат. Повеќе од 300 милиони евра исплатија во ветар. Таму подизведувач е омилената фирма на ДУИ, бидејќи ДУИ управува со државата наместо народот, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека Артан, Бујар и Талат си се послужуваат со Македонија, затоа што имаме слаб СДСМ кој дозволувајќи го тоа скапо си ја купува власта, и деновите поминати во фотелја.
„И овие денови ги слушам оние обвинувања кои се редовен декор секогаш кога ДУИ е нападнато, поради криминал и корупција. Нападното е затоа што се фатени како ја ограбуваат Македонија. И не ги ограбуваат само Македонците. Ги ограбуваат сите, и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Власите и Бошњаците, ја ограбуваат Македонија. Фатени во грабеж, обвинуваат дека сме имале против Албанците и затоа сме ги напаѓале“, изјави Мицкоски.
Посочи дека има против ДУИ кои ги злоупотребуваат, меѓу другото и Албанците и нивната мака.
– ДУИ која врз митот права за Албанците, и Артан, и Али направија милиони евра за себе, имаат имот како шеици од Саудиска Арабија, додека албанскиот народ гладува и се сели од Македонија. Најголемата злоупотреба овие дваесет години е состојбата со правата на Албанците кои овие криминалци од ДУИ се обидуваат кога се фатени во криминал да ја наметнат како тема. Секогаш кога тие зборат за ова, на своето конто си редат по уште еден милион народни пари, нагласи Мицкоски.
Оценио дека ДУИ тоа го прават затоа што се исплашени и знаат дека им доаѓа крајот на своето владеење.
– Ќе одат во опозиција, а таму ќе мора најпрвин да одговараат за криминалот, а потоа да се реформираат, рече тој.
Мицкоски нагласи дека бранот е создаден, иако работата не е завршена, мора да се излезе на гласање во вториот круг за да се победат сите сценарија на СДСМ и ДУИ заедно и дека таквите сценарија се победуваат само со голема излезност.