Македонија
(Видео) Муцунски пред лидерската: Парламентарни избори се излез од овој ќор-сокак, уставни измени не смее да има
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница пред лидерската средба за уставните измени го овласти претседателот Христијан Мицкоски да го пренесе ставот дека уставни измени под диктат и во овие околности не смее да има. Потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски, вели дека уставните измени во овој момент значат отворање на вратата за нови себеодрекувања. За него, решение се предвремени парламентарни избори.
„Носењето уставни измени во состојба кога е нападнат националниот и државен идентитет на македонскиот народ, кога се оспоруваат јазикот, историјата и културата, не е никаков чекор напред, туку отворање на вратата за нови поразителни условувања и себеодрекување. Македонија, поради лесните отстапки до сега и штетните политики на власта, веќе е во изолација. Измама е тезата дека на оваа лидерска средба се одлучува за интеграција или изолација. На оваа лидерска средба се одлучува или за уставни измени и национални порази или за одбрана на националното достоинство и националните и државните интереси. За ваквата подредена состојба на државата е виновна криминализираната власт на ДУИ и СДСМ“, рече Муцунски.
Македонските граѓани отсекогаш силно ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат европската интеграција на Македонија, но Муцунски смета дека тоа не треба да прерасне во понижувачки процес за прифаќање диктати, туку процес на прифаќање и почитување на вредностите и создавање национално единство.
„Следниот чекор по овој капитален неуспех, кој ја стави Македонија во подредена состојба, овој процес на попустлива надворешна политика, кој е континуитет на владеењето на ДУИ и СДСМ во последните шест години, е предвремени парламентарни избори. Сите да ја понудиме својата алтернатива за тоа како ќе се забрза европската интеграција, дали преку попустлива надворешна политика од страна на едниот блок или преку надворешна политика, која гарантира извесност врз основа на принципи, најдобар одговор на тоа граѓаните ќе дадат преку одржување предвремени парламентарни избори. Тоа е очигледниот излез од оваа криза, од овој ќор-сокак што го создаде актуелната Влада на ДУИ, поддржана од СДСМ“, додава тој.
Муцунски нагласи дека прашањето за предвремени парламентарни избори неизбежно е да биде една од темите за кои ќе дискутираат двајцата лидери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Џафери: Северна Македонија, европска земја со европски вредности и стандарди за сите граѓани
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, денеска присуствуваше и се обрати на гала настанот со кој се одбележува отворањето на новата музичка сцена во Тетово, односно, основањето на најновата институција на Албанците, Националната установа Музички ансамбл на Република Северна Македонија – Тетово.
Основањето на оваа установа претставува реализација на долгогодишното барање на кадрите кои откако ќе завршеа факултет по музика, немаа каде да го продолжат својот професионален пат. Сега, во рамките на оваа установа во која ќе се негува и развива вокалната и инструменталната сериозна музика, како и популарната и џез музика, ќе можат да го негуваат и усовршуваат својот талент и својата пасија сите љубители на овој жанр, соопшти Владата.
Премиерот Џафери имаше свое поздравно обраќање на настанот и притоа, истакна дека „оваа национална културна институција ќе го збогати културниот живот во Тетово, меѓутоа и во земјата“.
Меѓу другото, пЏафери информираше за одлуката на владината седница на предлог на Министерството за култура со која на оваа установа и се доделуваат на трајно користење простории кои се сега во државна сопственост, и додаде дека – „со основањето на Музичкиот ансамбл, придонесуваме кон подобрувањето на демократската рамноправност во нашата заедничка држава, Република Северна Македонија и во оваа област од општествениот живот“.
Македонија
Лукаревска од Кочани: Сакале некои или не, СДСМ ќе биде запишан во историјата како организирана политичка сила која ја врати слободата и ја врати државата на вистинскиот пат
“На 8 мај само вие, со моќта на вашиот глас одлучувате во каква држава ќе живееме сите, ве повикувам на масовен одзив на двојните избори, на активно учество во креирањето на сопствената иднина бидејќи во демократијата најчесто гласовите на оние кои не излегуваат на гласање го одредуваат победникот. На дофат ни е членството во Европската унија, не дозволувајте да не тргнат од тој пат, алтернативата на тој пат е погубна за Македонија. И сакале некои или не, СДСМ ќе биде запишан во историјата како организирана политичка сила која ја врати слободата и ја врати државата на вистинскиот пат и да не забораваме дека секогаш најтешките битки ги водел СДСМ, од осамостојувањето до денес, рече вечерва во Кочани Сања Лукаревска, носителка на листа на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во третата изборна единица.
СДСМ е одговорна, граѓанска, државотворна партија. Секогаш сме тука и за државата и за граѓаните и во добро и во лошо, тоа е патриотизам, како што е патриотизам да ја преземете одговорноста за тешките одлуки во тешки времиња, рече Лукаревска.
“ Немам намера да ги покривам или минимизирам нашите пропусти, не ги сокриваме под тепих и не ги подметнуваме на друг и никогаш не сме дозволиле државата да биде на коленици, никогаш. И во оваа изборна програма наш приоритет над приоритетите е стабилна, безбедна, сигурна и просперитетна Македонија чии граѓани ќе имаат предвидлива, спокојна иднина. Следете нè, не се откажуваме, тргнавме по патот на трпението, пат без насилство, со разум, со работа и дијалог до богата држава со задоволни граѓани и затоа на 8 мај, заедно, за број 1 и во Кочани и во третата изборна единица и во целата држава”.
Македонија
Ковачевски: СДСМ е обединета и силна партија, секогаш на браникот на татковината
Претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг во Кочани им порача на присутните дека СДСМ е силна партија, која секогаш била на браникот на татковината, подготвена да се бори за граѓаните и иднината на државата.
„Оваа партија, на чело со Киро Глигоров, ја внесе Македонија во Обединетите нации. Со СДСМ, Македонија во 2005 стана земја – кандидат за членство во ЕУ. СДСМ, заедно со вас граѓаните го сруши режимот на ВМРО, режим кој 11 години ја блокираше нашата европска иднина. СДСМ и граѓаните се заслужни што Македонија стана рамноправна членка на НАТО, а СДСМ и коалиционите партнери се исто така единствено заслужни што Македонија пред 2 години ги започна преговорите со ЕУ. Сите овие беа тешки, но правилни одлуки за Македонија. Не се откажавме ни тогаш и нема да се откажеме и сега“, изјави Ковачевски.
Ковачевски вели дека тоа биле тешки, но правилни одлуки за Македонија и дека и сега како и тогаш, нема да се откажат од визијата за европска Македонија, со европски животен стандард, почитување на европските вредности и европските правила на игра.
„ Не се откажавме и во изминатите неколку години, за време на тешка здравствена, енергетска и економска криза, не ги оставивме граѓаните на цедило во ниту еден момент. Ниту еднаш. И покрај кризите ги зголемивме платите двојно, а пензиите за над 50%, ги заштитивме работните места, заштитивме 80.000 работни места во 20.000 компании во кои вие работите, обезбедивме 2,6 милијарди евра за антикризни мерки и ги заштитивме најранливите групи на граѓани. Не се откажуваме од Македонија во ЕУ! За тоа говори и тоа што нашиот план за европска Македонија е преточен во конкретна и остварлива програма“, вели Ковачевски.
Ковачевски додава и дека ќе работат на зголемување на платите и пензиите, на создавање на поволности на младите, но и дека планирааат рекордна помош за земјоделците, во висина од 1.35 милијарди евра.
„ Но има една работа која ја знаете и вие ја знам и јас а тоа е дека мора да има конечна и одлучна борба против злоупотребите, неправдите и системската корупција од која не можеме да кренеме глава повеќе од 30 години. И од тоа нема да отстапиме Или ќе воведеме ред, еднаквост и правда за секој подеднакво, без разлика дали е премиер, министер, пратеник, директор или обичен граѓанин. Или тоа или нема да нè биде! СДСМ е современа, прогресивна партија и единствена политичка сила која вистински може да ја однесе Македонија во Европската Унија“, порачува Ковачевски и додава дека Македонија мора да чекори по европскиот пат, затоа што тоа единствениот начин за суштински промени во државата.