Македонија
(Видео) Нема договор: Ковачевски смета дека ДУИ треба да остане во Владата, Мицкоски бара да излезе за тие да влезат
Премиерот Димитар Ковачевски кажа какви понуди му дал на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Првата била избори по промена на Уставот, втората влез во Владата по отворањето на Уставот. Ковачевски рече дека му понудил на Мицкоски да се направат уставните измени, а да важат по завршувањето на втората меѓувладина конференција. Договор помеѓу премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – нема.
„Понудив, за да обезбедиме, иако е обезбедено со преговарачката рамка, со сигурност, уставните измени што ќе се донесат во своите завршни одредби да имаат одредба дека ќе важат во моментот на одржување на втората меѓувладина конференција, која е закажана без никакво одлагање, по уставните измени“, рече Ковачевски.
Мицкоски му рекол дека сака ДУИ да излезе од Владата, на што посочи и Ковачевски.
„Тој сметаше дека некои партии не треба да бидат дел од Владата, други треба да влезат. Сметам дека нам како Влада ни треба широко обединување на сите. Целите ви ги кажав – уставни измени, завршување на уставните измени, скрининг-процесот, отворање поглавја, затворање едно или две поглавја, па избори во согласност со законот. Затоа сметам дека тоа ќе биде Влада на обединување, европска интеграција, а не Влада на дестабилизација“, додаде Ковачевски.
Раскажа и за целата понуда што му ја дал на лидерот на опозициската партија.
„На средбата предложив да го направиме следниот чекор заедно и да ги изгласаме уставните измени. Тоа е вистинското решение што граѓаните го очекуваат од нас. Дадов предлог до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку се сложат, заеднички да пристапиме кон остварување на оваа цел и заедно да ги гласаме уставните измени. Ако заедно ги изгласаме уставните измени – отворањето, подготвувањето амандмани, затворањето, тогаш предложив, веднаш, по последното гласање, може да одиме на избори. Тоа е став од претходните месеци, кој го имам кажано. Меѓутоа, во текот на изминатиот период, слушајќи ги изјавите од политичките субјекти, сфатив дека за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ – важно е да бидат дел од власта. За да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе и дека не сме водени од партиски интерес, дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори, предложив да го изгласаме отворањето на Уставот со 2/3 и веднаш, утре дента, ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата, при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници од ВМРО-ДПМНЕ. Така ќе обезбедиме Влада што ќе обединува“, посочи тој.
Ковачевски додаде и дека треба обединување, а ВМРО-ДПМНЕ се соочила со реалноста.
„Сметам дека ако добро ја анализираат преговарачката рамка, дека исто така ќе се согласат и со неа. Во неа се наведени сите гаранции и обврски на ЕУ и обврската што ја имаме ние – каде што сè е направено на македонски јазик. Овој дијалог треба да продолжи. Можеби не секогаш да биде со најавување големи настани и со големи прес-конференции, ние имаме и парламент во кој треба да се одвива дискусијата“, додаде Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

