Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Со новиот закон за употреба на македонскиот јазик даваме придонес во заштитата на нашата посебност и идентитет
Собраниската Комисија за култура го разгледа Предлог-законот за употребата на македонски јазик во прво читање и едногласно одлучи дека е прифатлив и треба да се даде на понатамошно читање.
Министерството за култура со Советот за македонски јазик, пристапија кон изготвување нов закон за употреба на македонскиот јазик имајќи предвид дека, и покрај тоа што актуелниот Закон има позитивни ефекти во подигањето на јазичната култура во државата, во практиката сè повеќе се забележува непочитувањето на законските мерки и негрижата за македонскиот јазик во различни сегменти и на различни нивоа од општествениот живот.
Пред членовите на собраниската комисија, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека постојниот Закон за употребата на македонскиот јазик нуди многубројни решенија и механизими за градење соодветна јазична политика, кои е потребно да се прошират и со дополнителни механизми што се во функција на зајакнување на почитувањето на македонскиот стандарден јазик и неговата правилна употреба.
„Со донесување на нов закон за употребата на македонскиот јазик, ќе се прошират областите во кои задолжително се употребуваат македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо. Ќе се прошири опсегот на задолжително лекторирање на текстови што се објавуваат, а задолжително лекторирање ќе го врши само лектор со лекторска лиценца“, потенцираше министерката за култура. Беше објаснето дека задолжително ќе се лекторираат: општите и поединечните акти на законодавната, на извршната и на судската власт и на единиците на локалната самоуправа, службените документи и текстови на овие органи, но и на јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката. Задолжително ќе се лекторираат меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, но задолжително ќе се лекторираат и публикациите и учебниците што се издаваат на македонски јазик, магистерските и докторските трудови што се напишани на македонски јазик, како и тие што се преведуваат на македонски јазик од други јазици, плакатите, летоците, проспектите, транспарентите и друг вид рекламен материјал во физичка форма на правните лица, понатаму називите на производите, амбалажите, налепниците, упатствата, декларациите, сертификатите, лекарствата, сметките, фактурите, уплатниците, потврдите и слично.
Костадиносвка-Стојчевска, во своето излагање истакна: „Со предлогот на Законот ќе се даде правна основа за донесување Национална стратегија за македонскиот јазик. Министерството за образование и наука ќе објавува конкурси за стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик. Како и досега, и со овој закон проверката на потребното стручно знаење за лекторирање ќе се врши преку полагање испит за добивање лекторска лиценца. Во изминативе 20 години од примената на Законот, повеќе од 400 лица го положиле испитот за добивање лекторска лиценца. Испитот се полага пред Комисија што ја основа министерот за култура“.
Во однос на казнената политика, министерката за култура објасни дека за вршење инспекциски надзор над примената на Законот се предлага основање Инспекторат за употребата на македонскиот стандарден јазик, орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице. „Инспекторатот ќе биде насочен кон вршење на инспекциски надзор исклучиво од аспект на примената на македонскиот стандарден јазик, со што верувам дека ќе се зголеми правилната употреба на македонскиот јазик и тоа во сите области и сфери во кои тој се употребува. Прекршочните одредби се усогласени со новиот Закон за прекршоците. Во овој предлог на закон, во согласност со Законот за прекршоците, а имајќи предвид дека станува збор за прекршоци од областа на заштитата на културното наследство (јазикот како духовно, нематеријално културно богатство), се пропишуваат глоби во трикратно повисок износ од максимално утврдените глоби“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Јазикот е нашиот темел, израз на нашиот идентитет. Затоа, секој стручен влог во донесување на правната рамка за негова употреба, за правилно пренесување и користење, а со тоа и чување на неговите посебности е драгоцен придонес за нас самите и за нашата државност.
Членовите на Комисијата за култура се согласија дека станува збор за квалитетен Предлог-закон, и посочија дека предлог текстот сепак има простор за подобрување. На забелешките кои се главно од техничка природа, во второто читање ќе се реагира амандмански.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.

