Македонија
Документацијата и парите обезбедени, реконструкцијата на Универзална сала започнува, најави Костадиновска-Стојчевска
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на прес-конференцијата за резултатите од Годишната програма за проекти од национален интерес во културата за 2024 година, на новинарско прашање за тоа кога ќе започне реконструкцијата на Универзалата сала најави дека Министерството за култура го изоде потешкиот пат, но го заврши процесот и реконструкцијата може да започне следната недела.
„Одата заврши. Изодевме по подолгиот и по потешкиот пат, но ја собравме целата документација потребна за реконструкцијата на објектот. Процесот е завршен, и наредната недела изведувачот веќе може да започне со расчистување и со работа. Парите се обезбедени и реконструкцијата може да започне“, рече министерката за култура.
Таа додаде дека никој не претпоставуваше дека откако Министерството за култура го презеде правото за обнова на Универзална, дури и по четири ургенции до градоначалничката, до службите и до Советот на Град Скопје, Министерството нема да добие одговор.
„Тимот на Министерството за култура преку Министерство за правда и преку сите релевантни чинители што биле вклучени кога проектот за реконструкција и доградба за Универзална сала се направил, упати ургенции и успеа да ги собрере сите релевантни документи потребни за финализирање на административната постапка. Останува уште да се потпише банкарска гаранција и реконструкцијата може да почне“, објасни Костадиновска-Стојчевска.
Додаде дека во Министерството за култура во изминатиов период интензивно се работеше на обезбедување на потребната документација, но и на обезбедување услови за продолжување на реконструкцијата, за што говори и обезбедувањето средства за 2024 година, како и обезбеденото три годишно финансирање.
„Со повеќегодишна јавна набавка обезбедивме овој процес кој не смее да се доведе во прашање, да нема никакви пречки до негова крајна реализација“, појасни министерката за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Села: Не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии
Зијадин Села од Алијанса за Албанците во интервју за Трилинг по изборите и изборните резултати и случувања, вели дека се работи за изборен инжинеринг и закрупнување на неколку политички сили. Според Села, не е во ред тоа што се потенцира ДУИ, коалицијата е Европски фронт, од 9 партии.
„Тука се најглавните албански партии. А дали сме подготвени за во опозиција, по демократските правила, тоа не го кажувааат политичките чинители, тоа го кажува народот, кој гласаше на 8 мај за Европскиот фронт да презема одговорности и да биде дел од власта“, вели Села.
Тој смета дека „погрешна е дефиницијата за коалицирање победник со победник, треба да е мандатар со победник. Победникот од македонската страна е дефиниран со Устав. Демографската реалност е за да има стабилност и да одиме напред, треба да се испочитува волјата на втората етничка заедница која е 30%, наспроти 54% кои се Македонците, според последниот попис“.
Додава дека Владата треба „да се изјасни во врска со обидот за изборен инженеринг. Според Пржинскиот договор, на техничкиот премиер е да обезбеди фер и демократски избори. Тие не се надвор од одлуките кои се носат во ДИК и Управен суд. Техничката влада е договор на најголемите политички партии“.
За тоа како Европскиот фронт ќе се однесува како опозиција во Собранието, Села вели „треба да се почитува желбата на граѓаните, не на Мицкоски. Ние ќе се однесуваме сразмерно на тоа како ќе биде решено. Не сакам да коментирам желби. Од ДИК се уште не се објавени мандатите, кој колку има. Се уште Мицкоски не е мандатар“.
Македонија
Денес малку сонце, па облачно, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.