Спорт
РК Алкалоид го суспендираше помошникот тренер Котески

РК Алкалоид потврди дека ќе го суспенира на три месеци помошникот тренер, Влатко Котески, по пријавата во МВР од еден родител кој тврди дека неговиот син бил физички нападнат од тренерот.
Од клубот велат дека ќе спроведат дисциплинска постапка против Котески за нарушување на угледот на клубот.
„РК Алкалоид АД Скопје информира дека клубот, во согласност со своите внатрешни акти, ќе спроведе детално разгледување на случајот за инцидентот што се случил за време на ракометниот турнир во Сегед, Унгарија, во периодот од 1 до 4 јуни.
Врз основа на Статутот на клубот и дисциплинскиот правилник на АД РАКОМЕТЕН КЛУБ АЛКАЛОИД РАКОМЕТ, донесена е одлука Суспензија/Забрана за вршење на функција Помошник тренер во временски период од 3 (три) месеци на лицето Влатко Котески. Суспензијата, како привремена мерка, е изречена поради постоење на сомневање дека во наведениот период на меѓународен турнир одржан во Унгарија е сторен дисциплински престап од страна на Помошникот тренер Влатко Котески, со што директно е нарушен угледот на Клубот. Изречената Суспензија може да се прекине и пред завршување на периодот од 3 (три) месеци за кој е изречена, доколку се донесе правосилна Одлука по спроведена Дисциплинска постапка во рамки на Клубот или се донесе Одлука од надлежен државен орган со која е одлучено за поведението на Помошникот тренер, а во кое поведение се опфатени и елементите на предметниот дисциплински престап.
Правилната работа, дефинираниот систем на функционирање, како и интегритетот и кредибилитетот во работењето се основните начела за кои се залага овој клуб. Клубот посветува големо внимание на работата со младите категории на ракометари, како и на воспитувањето и на грижата за правилен развој и за градење здрави спортски личности.
Во согласност со клупската култура и со спортскиот дух, со помош на правилна организација и стручна работа, АД РАКОМЕТЕН КЛУБ АЛКАЛОИД РАКОМЕТ ќе продолжи во остварување на својата визија и мисија да овозможи квалитетен и напреден тренажен процес за развивање и за градење врвни ракометари во македонскиот ракомет“, се вели во соопштението на РК Алкалоид.
Фото: РК Алкалоид
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Јамал е меѓу 10-те најплатени во светот, листата ја предводи Роналдо

18-годишниот фудбалер на Барселона и шпански репрезентативец Ламин Јамал влезе на листата на најплатени фудбалери. Магазинот „Форбс“, објави ранг-листа на која Јамал е на 10-то место, со заработка од 37 милиони евра во изминатата сезона.
Најголемата причина за таков скок на заработката на Јамал се потпишаните договори за спонзорство со голем број познати компании (Adidas, Konami, Powerade и Beats by Dre – брендот за слушалки порзан со музичкиот продуцент и поранешен рапер Др. Дре).
Јамал постигна 18 гола и забележа 25 асистенции минатата сезона.
Минатата година го освои Европското првенство со Шпанија и титулата шпански шампион и Кралскиот куп со Барселона. Тој потпиша и нов договор, кој го обврзува со Барселона до 2031 година.
Кристијано Роналдо е сè уште прв на листата на „Форбс“.
Португалецот заработи 240 милиони евра минатата сезона во Саудиска Арабија, играјќи за Ал Наср. На второто место е Лионел Меси со значително помала заработка од 110 милиони евра.
Рангирањето на најплатените фудбалери во последната сезона според Форбс:
1. Кристијано Роналдо (Ал-Наср): 240 милиони евра
2. Лионел Меси (Интер Мајами): 110 милиони евра
3. Карим Бензема (Ал-Итихад): 89 милиони евра
4. Килијан Мбапе (Реал Мадрид): 81 милион евра
5. Ерлинг Халанд (Манчестер Сити): 60 милиони евра
6. Винисиус Жуниор (Реал Мадрид): 51 милион евра
7. Мохамед Салах (Ливерпул): 47 милиони евра
8. Садио Мане (Ал-Наср): 37,5 милиони евра
9. Џуд Белингам (Реал Мадрид): 37,5 милиони евра
10. Ламин Јамал (Барселона): 37 милиони евра
Спорт
Барселона води интензивни преговори со Влаховиќ

Душан Влаховиќ (25), напаѓач на Јувентус и српската репрезентација и најскапиот фудбалер во историјата на таа земја, би можел да се пресели во Барселона во јануари.
Италијанските и шпанските медиуми пишуваат дека преговорите меѓу актуелниот шампион на Шпанија и централниот напаѓач на Јуве започнале во летниот преоден рок, но разговорите меѓу спортскиот директор на Барса, Деко, и менаџерот на Влаховиќ, Дарко Ристиќ, се интензивирале во последно време.
Истите извори додаваат дека се очекува преговорите да станат уште поконкретни до јануари. Причината за ова е што договорот на Влаховиќ со Јувентус истекува на лето.
Планот на Деко е да го донесе наредното лето без обесштетување, но доколку постои шанса да го добие напаѓачот по дисконтна цена во јануари, тогаш во игра е и таа опција.
Влаховиќ е интересен за Барселона од две причини. Поради тешката финансиска ситуација бара напаѓач за кого ќе плати минимално или никакво обештетување. Исто така, клубот мора да најде напаѓач бидејќи договорот на Роберт Левандовски исто така истекува на лето, а тој има 37 години и штотуку претрпе сериозна повреда.
Затоа Барса го гледа Влаховиќ, кој е 12 години помлад и лесно достапен, како совршена замена за полската легенда.
Покрај тоа, Влаховиќ веќе некое време сака да го напушти Јувентус. Јувентус го донесе од Фиорентина во јануари 2022 година со надомест од 83,5 милиони евра, што го прави најскапиот српски фудбалер на сите времиња. Оттогаш, Влаховиќ постигна 62 гола и на 153 натпревари за Јувентус.
Спорт
Јувентус го прекрши финансискиот фер-плеј, УЕФА покрена постапка

Јувентус потврди дека Европската фудбалска унија (УЕФА) покрена постапка против клубот за кршење на финансискиот фер-плеј и очекува да биде казнет.
Јувентус очекува да биде казнет за кршење на правилата на УЕФА, што може да доведе до забрана или ограничување за потпишување нови играчи во сезоната 2026/27, објавија италијанските медиуми.
Црно-белите го потврдија прекршувањето во соопштение поврзано со објавувањето на билансот на состојба за финансиската година што заврши на 30 јуни 2025 година, бидејќи документацијата содржеше потврда дека клубот прекршил параметар од Правилото за заработка на фудбалерите.
На 18 септември, Јувентус доби потврда од УЕФА дека е покрената постапка против клубот за потенцијални прекршувања на правилата во периодите 2022/23 и 2024/25.
Исходот од таа постапка се очекува напролет 2026 година и може да доведе до казна, која не би била голема. Позагрижувачко би било воведувањето ограничувања за потпишување нови играчи за натпреварувањата на УЕФА.
Клубот од Торино во соопштение потврди дека нема понатамошни значајни прекршувања на правилата за финансиски фер-плеј.
Клубот се држеше до коефициентот на трошоци за играчи од 80 проценти за 2024 година и е на добар пат да го исполни ограничувањето од 70 проценти за 2025 година.
Јувентус беше исфрлен од Конференциската лига во сезоната 2024/25, што им овозможи да се ослободат од финансиските неправилности што ги чинеа бодови во Серија А.