Македонија
Бугарскиот европратеник ја нападна ВМРО-ДПМНЕ и одново провоцира: Македонија е бугарска

Бугарскјиот европратеник Ангел Џамбаски повторно со провокации кон Македонија. Овојпат, тој ги насочи критиките кон ВМРО-ДПМНЕ.
„Животот и честа на Бугарите мора да бидат гарантирани! Вклучувањето на Бугарите во Уставот на Северна Македонија е исклучително важен чекор кон целосна заштита на нивните права. ДПМНЕ очигледно не разбираат дека е во интерес на македонските граѓани да ги почитуваат меѓународните договори и услови. Не е ЕУ таа што треба да ја земе предвид српско-болшевичката фракција во Скопје, туку сосема спротивното. Има јасни критериуми, Северна Македонија не ги исполнува. Исто така, не го исполнува Договорот за добрососедство, пријателство и соработка“, пишува Џамбаски и додава:
„Долгорочно, ДПМНЕ, Левица и нивните придружни антибугарски партии отсекогаш биле антиевропски. Европа не може да си дозволи да прифати, па дури и да преговара со земја која одбива да игра според правилата. Затоа, непочитуван Мицкоски и патетичните југоносталгичари од Скопје, мора да разберете – вие сте најлошото нешто што и се случило на Македонија. Вашата омраза кон Бугарија е проблемот. Омразата на која почива таканаречениот „идентитет“. Кулата на лагите и фалсификациите се руши затоа што вистината е на наша страна. А тоа е дека Македонија е бугарски!“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во сообраќајката кај Момин Поток загинаа полковникот Стефан Ивановски и Ана Нешовска од Министерството за одбрана

Поранешниот припадник на „Волците“, полковникот Стефан Ивановски и Ана Нешовска раководителка на военото разузнавање, вработена во Министерството за одбрана се лицата кои загинаа во сообраќајката кај Момин Поток, во близина на касарната „Илинден“.
Информацијата ја сподели поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска на социјалните мрежи.
„Стефан Ивановски, го запознав како скромен, но исклучително способен офицер, посветен командант на армиските Волци, кој живееше за државата, Армијата и неговото семејство. Го гледав како еден од идните столбови на Генералштабот. Ана Нешовска, работлива, кротка, но полна со енергија и желба да го промени светот, за неа не постоеше ништо невозможно…Ја гледав како првата жена раководител на военото разузнавање“, напиша Петровска.
Вели дека несреќното заминување ги скршило сите,а Министерството и Армијата изгубија многу.Нема зборови на утеха, има само зборови за сочувство во оваа огромна тага. Почивајте во мир, напиша Петровска.
Македонија
Арсовска најави фељтон: Спречивме над 150 незаконски обиди да се легализират дивоградби, ќе објавуваме едно по едно

Од понеделник ви најавувам фељтон, во кој ќе ги објавуваме едно по едно сите од наша страна констатирани и спречени незаконски постапувања и криминал, со аргументи и докази, за кои се’ уште никој не постапува од надлежните институции, објави градоначалничката Данела Арсовска на „Фејсбук“.
Тврди дека во градот Скопје во три (3) години спречиле над 150 незаконски обиди за легализации на дивоградби.
„Спречивме градење на асфалтни бази во населени места, поднесовме кривични пријави за УСЈЕ и други големи загадувачи за кои сите останати молчат, а ние трпиме секојдневни закани. Отстранивме тендераши, фирми кои работеле во интерес на партии и расчистивме со корупцијата“, рече Арсовска.
Како што додаде, за да нема простор за филозофирање и празна реторика, ќе покажат дека Градот постапувал веднаш, а некој друг си тера како и досега.
Арсовска вчера објави дека во Чаир продолжуваат нелегалните и криминални активности на, како што рече, принцезата на дивограбите и неговиот ментор, повторно во обид да ги прикријат трагите од тој криминал спроведен со спротивно на закон и диво градени објекти на државно земјиште. Рече дека на лице место затекнале работници кои биле непосредно ангажирани од сторителите на кривичното дело бесправна градба и узурпација на државно земјиште, им платиле во кеш и ги упатиле на лице место да ја скријат дупката со која го оштетиле булеварот и подземните инсталации на водовод, канализација и високонапонските кабли за струја. Арсовска сподели и видео.
Македонија
(Видео) СДСМ обвинува: Со сомнителен тендер од 4 милиони евра ќе се шијат униформи во МВР, едната од фирмите регистрирана 20 дена пред тендерот

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија обвини дека во Министрството за внатрешни работи бил распишан сомнителен тендер во вредност од речиси 4 милиони евра.
Портпаролката, Богданка Кузеска, вели дека се работи за договори од милионски износи кои им се доделени на фирми без никакви капацитети, без претходно релевантно искуство, па дури и без никаква историја на јавни набавки. Една од двете фирми, според зборовите на Кузеска, била отворена 20 дена пред тендерот, додека другата имала само двајца вработени.
„Фирмата ‘Ле Бранд Дизајн’ од Битола, модно студио со просечен годишен приход од едвај 20.000 евра и само двајца вработени, добива тендер од над 2 милиони евра за шиење специјални полициски униформи. До вчера двајца вработени шиеја фустани, денес со двајца вработени треба да опремат специјални единици! Кој е овде наивен? Фирмата „Памитекс Тим“ е регистрирана само 20 дена пред распишувањето на тендерот, без веб-страница, без историја на набавки, без транспарентност. Ете ваква фирма добива тендер од 1.710.000 евра. МВР ги отстранило сите критериуми што би овозможиле транспарентна и правична конкуренција – нема услов за претходно искуство, нема минимум приходи, нема проверка на реални капацитети“, рече Кузеска.
Партијата упати прашања до министерот Панче Тошковски, кој навистина ќе ги шие униформите? Каде ќе завршат парите на граѓаните? Кој ќе одговара ако униформите не стигнат, не бидат со потребниот квалитет, или ако бидат неупотребливи за полициските специјалци? Кој ќе одговара?
СДСМ повика на итна постапка од Јавното обвинителство за сомнежи за злоупотреба на службена положба, местење тендер и можно перење пари, поништување на тендерот и отворање на нова постапка.