Европа
Сведок на нападот во Нотингем: Слушнав ужасни крици, видов како убива луѓе со нож

Би-Би-Си ги пренесува изјавите на сведоците на инцидентот во Нотингем, во кој загинаа три лица, уште тројца беа ранети, а осомничениот е уапсен.
Еден сведок раскажа како видел избоден млад човек и девојка на патот Илкестон.
Сведокот, кој побара да остане анонимен, рече: „Бидејќи ноќта беше жешка, го имав прозорецот отворен и слушнав ужасни крици кои ја замрзнаа крвта во моите вени.
Овде често е раздвижено, се враќаат од град, од ноќни излегувања, и вообичаено има расправии меѓу парови, па мислев дека и овој пат е нешто такво.
Погледнав низ прозорецот и видов црнец облечен во црно со качулка и ранец како се кара со некои луѓе.
Тоа беше девојка, а мажот или момчето со кои беше – изгледаа прилично млади.
Таа извика „Помош!“
Посакувам да извикав нешто низ прозорецот за да го изнервирам напаѓачот.
„Видов како прво го избоде младиот човек, а потоа и девојката. Ги прободе неколку пати, четири-пет пати. Младиот човек се струполи на сред пат.
Девојката се придвижи кон една куќа. Следната минута ја немаше.
Би рекол дека сето тоа се случи во рок од пет или шест минути. Потоа, напаѓачот само одеше по патот Илкестон кон градот, мирен како ништо да не се случило“, додаде тој.
Тој кажа и дека повикал полиција која за 5 минути пристигнала на местото на настанот.
Брзата помош пристигнала брзо и им помогнала на младиот човек и девојката, додаде тој.
Сведокот вели и дека бил премногу исплашен да интервенира или да го напушти својот дом по инцидентот.
„Беше ужасно да се сведочи“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Данските власти поставија воен радар на аеродромот во Копенхаген за откривање дронови

Откога неидентификувани дронови беа забележани над данските аеродроми и воени бази речиси секоја вечер минатата недела, данските власти презедоа низа мерки за да се осигурат дека претстојниот состанок на лидерите на Европската Унија во Копенхаген ќе помине без безбедносни закани.
Откога минатата сабота беше забранета целата активност на дронови над Данска, фрегатата на германската морнарица „ФГС Хамбург“ се закотви во пристаништето во Копенхаген во неделата. Германскиот брод ќе придонесе за надзор на данскиот воздушен простор за време на самитот на Европската Унија, објавија данските медиуми.
Најновата мерка на данските власти е инсталирање современ радар за откривање и следење дронови „Вајбел Ксента“ на аеродромот „Каструп“ во Копенхаген.
Данската полиција и Генералштабот на вооружените сили не сакаа да дадат подетаљни информации за радарот што може да се види зад оградата кај „Каструп“. Познато е само дека станува збор за уред од данската компанија „Вајбел саентифик“, што може да детектира сите летала на растојание до 30 километри.
фото: принтскрин
Европа
Орбан: Секој друг извор на нафта и гас, освен рускиот, е несигурен и поскап

Снабдувањето на гас и нафта од Русија е загарантирано за Унгарија, а секој друг извор на енергија е несигурен и поскап, изјави денес унгарскиот премиер, Виктор Орбан.
„Ниеден разумен човек не би разменил нешто сигурно за нешто неизвесно“, рече Орбан денес во поткастот Fight Hour, како што објави унгарската агенција MTI. Унгарскиот премиер рече дека испораката на енергија од Русија е загарантирана и дека цената е пониска отколку од другите земји. Доколку Унгарија купува нафта и гас од други земји по повисока цена, ќе мора да им наплаќа повеќе на своите жители, рече Орбан.
Унгарија, Словачка и Чешка се трите европски земји на кои им се дадени ослободувања од европските санкции за увоз на руска нафта. Чешка оттогаш обезбеди други извори на снабдување, но Унгарија и Словачка продолжуваат да увезуваат нафта од Русија преку нафтоводот „Дружба“.
фото: принтскрин
Европа
Рекорден премин на Ла Манш: 125 мигранти пристигнаа со еден брод

Рекорден премин на Ламанш беше забележан во саботата кога дури 125 лица пристигнаа во еден мал брод, што е досега најголем број патници во еден брод. Вкупно, речиси 900 мигранти го преминаа Ламанш во саботата, пишува Би-би-си.
Со ова е соборен претходниот рекорд од август, кога во еден брод имаше 106 лица. Официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека 895 мигранти пристигнале во 12 бродови во саботата, со што вкупниот број на преминувања од почетокот на 2025 година достигна приближно 33.000.
Во сенка на нова трагедија
Веста доаѓа откако уште еден мигрант почина обидувајќи се да премине, а неговото тело беше пронајдено во неделата наутро на плажа во близина на Булоњ-сур-Мер во северна Франција, објави новинската агенција АФП.
Возраста и националноста на починатиот сè уште не се познати. Обвинителката на пристанишниот град, Сесил Гресиер, изјави за АФП дека истрагата ќе утврди дали постои врска помеѓу оваа смрт и обидот за премин во близина на Екиен-Плаж, каде што беше пронајдена 49-годишна жена и однесена во болница поради хипотермија.
Во саботата, две жени од Сомалија исто така ги загубија животите откако нивниот импровизиран чамец наиде на проблеми. Со ова, бројот на смртни случаи при обид за нелегално преминување од Франција во Велика Британија оваа година се искачи на најмалку 27.
фото: принтскрин