Македонија
(Видео) Уште неседнат на директорското столче, Богоев го чекаат протести во Царината – се најавува и затворање граници

Директорувањето на Стефан Богоев во Царинска управа ќе почне со протест на вработените, кои бараат додаток од 30 отсто, кој им бил ветен со колективниот договор. Сојузот на синдикатите посочи дека не ги интересира дали има промени во менаџментот, тие од барањето нема да се откажат. Протестите може да се радикализираат, најавија од таму.
„Како што најавивме дека ќе имаме жешко синдикално лето, в петок од 12 часот имаме протест во Царинската управа. Вработените во Царинската управа, иако со години имаат право на додаток од 30 отсто, тие не го добиваат. Тие обезбедија 30 отсто покачување на платата во Министерство во финансии, во други институции не добиваат. Ќе направиме предупредувачки протест за вработените во Царинската управа, кои го полнат буџетот со повеќе од 50 отсто. Знаеме дека има нов директор, чекаме прием, да видиме дали ќе нѐ сослуша. Не се откажуваме од барањето. Не нѐ интересира дали има нов или стар директор“, посочи Сојузот на синдикатите.
Не се исклучува бунтот да се радикализира.
„Ќе се радикализираат и протестите, размислуваме за затворање гранични премини“, посочија од Сојузот на синдикатите.
Вработените во Царинската управа се само едни од низата што си ги бараат ветените додатоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Два пожари сè уште активни, четири под контрола, 22 веќе изгаснати

Во изминатото деноноќие пожарите повторно ја зафатија Македонија, но според утринскиот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК), ситуацијата е под контрола. До 7 часот утринава, евидентирани биле вкупно 28 пожари на отворен простор, од кои два сѐ уште се активни, четири се ставени под контрола, а дури 22 се целосно изгаснати.
Активните пожари се бележат во селото Николич, општина Дојран, каде што гори нискостеблеста шума, како и во Чучер Сандево, во пределот меѓу селата Горњани и Блаце, каде што се работи за шумски пожар со посложен пристап.
„На терен се сите расположливи сили – пожарникари, припадници на шумската полиција и доброволци. За среќа, поголемиот дел од пожарите се изгаснати, но вниманието сè уште е насочено кон Дојран и Чучер Сандево, каде огнот е активен“, велат од ЦУК.
Во меѓувреме, четири пожари се ставени под контрола. Тоа се локациите кај Црешнево, Крапа и Локвица во Македонски Брод, каде што горела деградирана дабова шума, потоа с. Слатино (исто така во Македонски Брод), с. Џидимирци во Велешко и с. Перово во Ресен, каде што горела трска.
Позитивна е веста што голем дел од пожарите се успешно изгаснати. Најмногу интервенции имало во западниот и југоисточниот дел од земјата – во општини како Струга, Штип, Куманово, Гевгелија, Кичево, Охрид, Виница и Македонски Брод, каде што беа зафатени депонии, ниска вегетација и шумски предели.
Од ЦУК апелираат до граѓаните да не палат оган на отворено и да пријавуваат секој сомнителен чад или пламен. Во услови на високи температури, и најмала искра може да предизвика голема катастрофа.
Македонија
Колони на Табановце, се чека по 40 минути за излез од државата

Интензитетот на сообраќајот на патните правци низ државата, надвор од градските средини, денеска е зголемен, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ). На граничниот премин Табановце кон Србија се бележи зголемена фреквенција на возила и се чека околу 40 минути за излез од државата.
На останатите гранични премини од македонска страна, според последните информации, нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.
Од АМСМ апелираат до возачите да внимаваат и да ја прилагодат брзината на движење на условите на патот, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои зголемена опасност од појава на одрони.
Најризични делници за одрони се:
Катланово – Велес
Маврово – Дебар – Струга
Виница – Берово
Кочани – Делчево
„Потребна е максимална внимателност, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и одговорно управување со возилото“, порачуваат од АМСМ.
Македонија
Македонија под топлотен бран, температурите до 38 степени

Македонија денеска е под влијание на топол воздушен бран што носи високи температури и претежно сончево време. Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денешниот ден ќе биде сончев и премногу топол, со мала до умерена локална облачност и слаб до умерен ветер од јужен правец.
Температурите ќе се движат од 9 до 19 степени во утринските часови, додека максималните дневни ќе достигнат од 30 до дури 38 степени Целзиусови.
Во Скопје исто така се очекува тропско време. Сончево и топло време со мала облачност ќе го обележи денот, а максималната температура ќе се искачи до 38 степени. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Од УХМР најавуваат дека и во наредните денови ќе се задржи слична временска состојба, сончево и топло со мала до умерена облачност, што значи дека тропскиот бран ќе продолжи и понатаму.