Култура
Костадиновска – Стојчевска: Новото трислојно сликарство во Лешок е мотив да се продолжи со инвестициите во заштитата
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ја посети црквата „Успение на пресвета Богородица“ во Лешок, Тетовско, каде што се запозна со новото откритие на конзерваторите, кои наидоа на постари слоеви и трислојно сликарство на фрескоживописот во овој значаен споменик на културата, што претставува вистинска реткост.
Заштитата на оваа црква изминатите пет години е издвоена како приоритет во програмата на Владата, а надлежната установа, НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, со средства од Министерството за култура, изврши препокривање и архитектонска консолидација на објектот.
Конзерваторскиот проект за ѕидно сликарство во оваа црква го реализираа стручни екипи од НУ Национален конзерваторски центар – Скопје, а се одвиваше етапно во изминатите три години, со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Со истражувачките активности беа потврдени двете претходно евидентирани фази на живописот од 19 век и 17 век, а за најстариот, трет слој живопис, постоеја само посредни, пишани извори.
Сега откриениот трет слој живопис доби и материјална потврда, а се наоѓа во олтарот, во долната зона, под слојот од 17 век и се работи за фигура на архијереј во цел раст со свиток во раката.
Министерката за култура Костадиновска-Стојчевска го поздрави откритието на конзерваторите и ја нагласи важноста од развивањето и унапредувањето на конзерваторската дејност во нашата држава. Таа ја истакна и важноста од продолжување на овој проект и во наредните години, со цел да се сочува нашето вредно културно наследство.
„Нашето внимание останува на заштитата на културното наследство. Од особена важност е и нашите национални установи успешно да ги реализираат одобрените проекти. Ќе потсетам дека оваа година преку националните установи се одвиваат повеќе значајни проекти од областа на заштитата на културното наследство. Се работи и ќе продолжи работата и на скопскиот акведукт и на црквата во Курбиново, но и на други културни сведоштва за нас. Годинава за заштитата на културното наследство беа извоени 164 милиони денари. Како Министерство за култура, не само од буџетот, фокусирани сме и на соработката и на поддршка од фондовите од меѓународни инстутуции. Заштитата е скапа работа, а стручниот кадар е дефицитарен. Мора да работиме и во оваа насока“, рече министерката за култура, Костадиновска-Стојчевска.
Конзерваторите нагласуваат дека точниот период на датирање на новооткриениот слој ќе го соопштат историчарите на уметноста.
Конзерваторот Владо Мукоски информира дека живописот од 17 век ќе биде поставен на носач за да може да се поместува и да се види и постариот слој под него. Тој ја нагласи важноста на откриеното тријслојно сликарство и додаде дека методите што ги применуваат се навистина иновативни, со тоа што ќе бидат презентирани и живописите и од 17 и од 19 век.
Црквата „Успение на пресвета Богородица“ во минатото била главна манастирска црква на Лешочкиот манастир. Таа се наоѓа во југоисточниот дел на манастирскиот двор и е една од најстарите добро сочувани цркви во Полог. Според историски извори, црквата е подигната врз постаро култно место во византискиот период кога Лешок бил градска населба.
Досега сочуваниот живопис потекнува од два периода, од 17 и 19 век, и се толку мајсторски компонирани што претставуваат една целина за посетителот.
Живописот на олтарот и нартексот е од 19 век. Во олтарот тој е нанесен врз постари живописи, така што се гледаат три слоја. Живописот од 17 век е доста интересен бидејќи во себе содржи елементи од класична византиска уметност од 14 век и белези на барокот. Во црквата има и иконостас, кој е изработен во 1879 година од галичанецот Михаил Ѓурчинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Патувања“ – изложба на колажи изработени на работилниците за одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Во објектот Мала станица, на 12 декември, во 12:30 часот, ќе биде отворена изложба на колажи изработени низ работилниците организирани по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Оваа година се работеше на тема – патување. Изложбата ќе биде поставена во наредните десетина дена.
„„Патувања“
Креативен инклузивен проект по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Децата размислуваат и сонуваат за патување низ времето како нешто што нема да биде строго поврзано со законите на физиката, туку како нешто магично, како премин од еден во друг портал. Низ нивните креации тие раскажуваат визуелно-емоционални приказни, често во вид на времеплов, низ кои ги истражуваат сите аспекти од времето – минато, сегашно и идно. На овој начин, нивната уметност, не само што нуди приказна за нивното лично доживување на светот, туку и ги поврзува сите луѓе во колективна свест, во едно заедничко универзално искуство. Тие креираат визии за иднината, истражувајќи не само технолошки можности, туку и социјални и морални дилеми. Ја користат својата уметност за да ги предвидат можните резултати на одредени општествени или еколошки трендови.
Учениците работеа во колаж-техника, со интервенција на боја, и на апстрактен или конкретен начин ни го пренесуваат длабокото разбирање на последиците што може да произлезат од одлуките што ги носиме денес.
Проектот „Патувања“ е инклузивен проект во кој заеднички твореа учениците од гимназиите „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз-Тито“ – паралелка, меѓународна матура, ДСУРЦ „Партенија Зографски“ – училиште за деца со оштетен слух и говор. Ментори на учениците беа студентите од Факултетот за ликовни уметности – Скопје, водени од доц. м-р Велимир Жерновски и студенти од Универзитетот Фонтис од Холандија.
Преку уметноста, тие учеа за сите оние безвременски вредности како што се љубовта, прифаќањето, смислата на постоењето, нешта што не се зависни од времето, а сепак се толку универзални. Можеби тоа се и најважните лекции што секој од нас ќе треба да ги има на своето патување наречено живот“, пишува во најавата за изложбата од Националната галерија.
Едукатор на проектот е Маја Димитрова.
Култура
Со „Оче наш“ и доделувањето награди завршува годинешниот „Синедејс“
Со доделувањето на наградите во Официјалната и СЕЕ селекција се затемнува платното на овогодинешниот Cinedays. По седум интензивни филмски денови публиката имаше можност да погледне повеќе од 50 филмови, но за наградите на фестивалот се натпреваруваат осум во официјална конкуренција и шест во СЕЕ селекцијата.
„Имавме прекрасен фестивал и буквално „Се гледаме од другата страна“ со сите предизвици кои ни следеа во подготвителниот период. Филмската магија не покори и нас како организатори и гостите кои беа бројни и на ова издание. Сега сме во очекување на имињата на добитниците на наградите кои вечер ќе ги соопштат жири комициите во двете конкуренции“ – вели Маргарита Арсова програмски координатор на фестивалот.
По завршувањето на церемонијата на доделување на награди вечерва на репертоар е филмот „Оче наш“ на Горан Станковиќ, во кој македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од Dream factory.
„Филмот се бави со едно многу специфично место, место во кое во име на верата и духовноста, насилството се користи како оправдување за помош. Прва работа која ме наведе да размислувам за идеја на овој филм беше снимка од претепување во манастир во Црна Река. Таа снимка се појави во 2009 година, а контрадикторноста на сцената на сурово тепање на човек, со удирање на глава од икона на ѕид сосема ме збуни и вознемири. Од таму тргнав. Се разбира не би сакал да се генерализира на сите заедници кои пружаат духовна поддршка“ – вели режисерот Станковиќ.
Македонската страна на продукцијата во самиот филм ја претставуваат екипата сниматели на звук: Игор Поповски – Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и брилијантниот Тони Михајловски:
„Тони е блескав актер со исклучително богата кариера и многу ми беше инспиративно да работам со него“ – дополнува режисерот Станковиќ.
Покрај Михајловски, во филмот играат: Вучиќ Перовиќ, Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ …
Филмот ја имаше својата премиера на 50 јубилејно издание на престижниот филсмки фестивал во Торонто, а со него се завтора и вечерашниот Cinedays. По проекцијата, следи диџеј сет на Кунгфулиш, односно Ненад Стефановски од музичкиот состав Фулишгрин.
Култура
Македонскиот филм „Неми филмови“ меѓу најдобрите анимирани кратки дела за 2025 според „Animation Magazine“
Kраткометражен анимиран филм „Неми Филмови“ на режисерот Крсте Господиновски е вклучен во изборот на Animation Magazine за најистакнати анимирани кратки филмови во 2025 година.
Во текстот „Избор на познавачот: Субјективен критички преглед на најдобрите кратки анимирани филмови за 2025 година“, авторот Крис Робинсон – долгогодишен уметнички директор на Меѓународниот фестивал за анимиран филм во Отава – го наведува филмот како едно од најзначајните остварувања во годишниот преглед.
Робинсон го оценува „Неми Филмови“ како дело што се издвојува по визуелниот јазик, атмосферата и авторскиот пристап, особено преку неговата stop-motion естетика и внимателно развиена визуелна нарација. Како влијателна фигура во светот на независната анимација, неговата препорака се смета за важен сигнал за квалитет и релевантност на филмот.

