Култура
Успешен настап на македонски музичари на Фестивалот на класична и експериментална музика во Тирана
На покана од македонскиот Културно-информативен центар во Тирана, Албанија, на Фестивалот на класична и експериментална музика „Магична флејта“, синоќа настапија македонските музички состави „Трио академико“ и Македонскиот дувачки квартет.
Од КИЦ – Тирана информираат дека македонските музичари се претставиле со получасовна програма.
„Последниот дел од концертот, македонските заедно со албански класични музичари, изведоа две нови дела од реномираниот албански композитор Фатос Керимај. Минатата година на истиот фестивал се претстави нашата млада и талентирана пијанистка Ивана Мазнејкова“, нагласуваат од КИЦ – Тирана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“: на УКИМ голем концерт по повод Денот на Европа
Скопје утре ќе биде домаќин на уникатен музички спектакл. Со почеток во 20 часот платото пред УКИМ ќе се трансформира во музичка сцена по повод настаните за Денот на Европа, поточно концертот организиран од „Јуроп хаус“ со наслов „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“.
Оваа музичка вечер ќе понуди незаборавно патување низ времето, каде што старите македонски хитови ќе добијат ново и модерно руво и тоа преку изведбите на актуелните млади бендови, како „Фанк шуи“, „Пијан славеј“, Дина Јашари, „Сетстат“ и Марија Каева и „Ретро кабаре“. За дополнителна забава ќе се погрижат и диџеј Гоце и ЛД Пистолеро.
Концертот ќе биде воден од легендарниот радиоводител Драган Б. Костиќ, кој за време на концертот, во свој уникатен стил, ќе ги најавува новите аранжмани на старите хитови од познатите „Бастион“, „Леб и сол“, Маја Оџаклиевска, „Балкан експрес“, Драган Каранфиловски-Бојс, Ерзана, Нина Спирова и многу други, а публиката ќе има можност да ужива во едно несекојдневно мултимедијално искуство.
Почнувајќи од 18 часот, посетителите ќе имаат можност да ги посетат и книжевниот саем, винил поп-ап продавниците и гастрономскиот дел, кои ќе бидат дел од настанот и ќе служат како вовед и загревање за главниот настан што ќе почне во 20 часот.
Организаторите ветуваат вечер исполнета со култура и забава: „Целта на овој настан е да се вратиме низ времето и да се потсетиме на убавите мелодии од минатото преку преработки во разни стилови“, изјавуваат од „Јуроп хаус“. „Ова е можност што не се пропушта. Доаѓајте утре на платото на УКИМ да уживаме заедно во музиката и спојот на старото со новото. Ве очекуваме!“, додаваат организаторите.
Едно е сигурно. Утре, во срцето на Скопје ве очекува вечер полна со музика, култура и забава, затоа не пропуштајте да бидете дел од овој уникатен настан и да уживате во комбинацијата на традицијата и современоста, се истакнува во информацијата.
Култура
Македонска премиера на краткиот филм „Прошетка“
Низ солзи и смеа во новоотвореното кино „Киноверзум“ во Кисела Вода се одржа македонската премиера на краткиот филм „Прошетка“ на режисерката и сценаристка Елеонора Венинова.
Низ емотивни излагања по филмот, членовите од екипата зборуваа за текот на снимањето и за предизвиците на снимање на филм во еден кадар.
– Среќна сум што две години после снимањето и учествата на меѓународни фестивали конечно може да го споделиме филмот со македонската публика. Работев со прекрасна екипа во текот на три исцрпувачки, но забавни денови во кои направивме филм кој во еден непрекинат кадар раскажува приказна за мало девојче кое низ разговор со непозната жена се обидува да открие што се случило со нејзината баба. Воедно бев и продуцент на филмот, така што ова беше едно навистина поинакво искуство, вели Елеонора Венинова.
Главните улоги ги толкуваат Билјана Драгичевиќ Пројковска и младата Надиа Кирковска, директор на фотографија е етаблираниот македонски кинематографер Фејми Даут, а филмот го продуцира Венинова заедно со Гоце Кралевски преку ТРИ ТОЧКИ продукција.
– Ваквите ликови се најтешки за игра бидејќи секој од нас има свое видување за тоа што значи, како се доживува и интерпретира лик од другата реалност. Предизвикот е голем затоа што преку личното треба да се стигне до општото, да се доближи интимната слика до генералното чувство. Во ова патување пресудна беше играта во играта, преку која со прекрасната режисерка Елеонора и малата талентирана Надиа стигнавме до посакуваното видување, преку ова заедничко патување, заедничка игра меѓу видливото и невидливото, вели главната глумица Билјана Драгичевиќ Пројковска.
Ова беше прво прикажување на краткометражниот филм во Македонија по светската премиера на престижниот Фестивал за краток филм во Леувен, Белгија. После овој фестивал „Прошетка“ ја имаше американската премиера на фестивалот СЕЕФест во Лос Анџелес, а се прикажа и во Шпанија на Интернационалниот фестивал во Паленсија, на сите во официјална конкуренција.
Сценографијата е на Александра Петкова, костимографка е Жаклина Крстевска, шминката е на Ирена Сенокозлиоска, камера оператор и колорист е Ѓорѓи Клинчаров, дизајнер на звук Дарко Спасовски, монтажер Гоце Кралевски, а композиторка на музиката е Мартина Силјановска. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм, во продукција на Три точки и во соработка со ДНФ Филм и Вардар Филм.
Изложби
„Фрагментирана интроспекција“ – изложба на скулптури на Слободан Милошевски во Неготино
На 23 мај 2024 од 19:30 часот во изложбениот салон на Музеј на град Неготино ќе биде отворена изложбата „Фрагментирана интроспекција“ од авторот Слободан Милошески.
Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Публика ќе има прилика да ја посети изложбата до 1 јуни.
„Фрагментирана интроспекција“ е технички умешна и концептуално богата изложбена поставка која ја истражува сложената врска помеѓу нашето Јас, перцепцијата и идентитетот. Го ангажира гледачот и на интелектуално и на емоционално ниво, поттикнувајќи подлабоко истражување на сопственото битие. Оваа изложба е доказ за умешноста на уметникот и неговата способност да пренесува сложени и длабоки концепти преку медиумот на метал, што резултира со прекрасни уметнички дела кои предизвикуваат контемплација.“ – вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р.Бугарија, на катедра „Скулптура“.
До сега има реализирано 30 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , Награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година , нагадата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година. и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ-Скопје во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои: Скулптураи на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски,
Спомен облежјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на Муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот Балкански Универзитет, сите во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.