Македонија
Кадриески сака да се лекува во Бугарија, бидејќи лекарите во Струга не биле трогнати од неговите повици за помош

Бекир Кадриески, претседателот на бугарското здружение „Шемето“ кој беше претепан во Струга, сака да го продолжи лекувањето во Бугарија, бидејќи како што вели, се сомнева дека ќе му се помогне во Македонија.
Тој за бугарската телевизија БНТ утрово коментира дека денеска се чувствува подобро, но истакна дека во болницата не се направени никакви испитувања, само му биле препишани лекови. Според него, лекарите не биле особено трогнати од неговите повици за помош.
„Рекоа: кога ќе дојде редот, можеш да се сликаш“, вели Кадриески, кој се пожали на стомачни болки и главоболки. Тој посочи дека го видел својот напаѓач, но немал блиски односи со него. Напаѓачот ѝ се предал на полицијата.
Претходно, во изјава за бугарска „Нова“ вели дека не можел повеќе да живее тука и сака да се пресели во Бугарија.
„Добив закани дека ќе ме убијат. Ова е нормално тука. А вчера додека ме тепаше, ми рече: Ако се јавиш во полиција, ќе те убијам, ќе ти го убијам и семејството, вели Кадриески за бугарска „Нова“.
Другиот копретседател на бугарското здружение – Бугаринот Живко Чакракчиев, синоќа замина за Струга да се види со својот колега.
„Денеска ќе се сретнам со полицијата за да дознаам што се презема за случајот. Она што досега го разбрав е дека напаѓачот навистина се предал, министерот за внатрешни работи на телевизија изјави дека тој ќе биде сослушан. Во исто време познаници на напаѓачот му се јавуваат на Кадриески, му праќаат луѓе дома да го натераат да се сретне со напаѓачот за да се разберат“, објасни Чакракчиев.
Тој смета дека македонските власти сакаат да ги прикријат работите и случајот да не се третира како злосторство од омраза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се’ уште гори кај Јасен, активни пожари на четири локации низ Македонија

Денес до 18 часот се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор. Од нив, четири се активни и моментално се гаснат, додека шест се целосно изгаснати.
Активните пожари се лоцирани во различни делови на земјата. Еден од нив е во Националниот Парк Јасен во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума. Друг пожар е пријавен во село Теарце, општина Теарце, каде што се гори ниска вегетација. Во општина Сарај, во село Радуша, исто така се активни пожари кои зафаќаат сува трева и мешана шума. Четвртиот активен пожар е во општина Кичево, на потегот помеѓу селата Челопејци и Миокази, каде исто така гори мешана шума, соопшти Центарот за управување со кризи.
Надлежните служби постојано апелираат до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и забрани за палење оган на отворен простор, со цел да се спречи ширење на пожарите и да се заштитат природните ресурси.
Македонија
Најмногу туристи ни дојдоа од Турција во јуни

Според податоците од Државниот завод за статистика, во јуни годинава во земјата биле регистрирани вкупно 126.415 туристи, од кои 20,1 отсто се домашни, а 79,9 проценти странски туристи.
Од странските туристи кои ја посетиле земјата во јуни 2025 година, најмногу дошле од Турција – вкупно 34.366 лица, следат Србија со 8.897, Германија со 8.011 и Холандија со 3.604 туристи.
Во периодот јануари – јуни 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 13,5%, со намалување од 2,5% кај домашните туристи и зголемување од 19,7% кај странските туристи. Вкупниот број на ноќевања во првото полугодие се зголемил за 8,5%, при што кај домашните има мало намалување од 1,1%, а кај странските зголемување од 13,3%.
Македонија
Забрана за нови вработувања, поткуп, користење државен имот за кампања – ДКСК потсетува на забраните од денот на распишувањето на изборите

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) информира дека во периодот од распишувањето на локалните избори во 2025 година до конституирањето на советите на општините и Градот Скопје важат специфични забрани и мерки.
Нови инвестиции и вонредни исплати од буџетот не смее да почнат или се извршат, освен ако претходно се обезбедени средства во согласност со законот.
Забрането е почнување постапки за нови вработувања или престанок на работен однос во државните и во јавните институции, освен во итни случаи.
Политичките партии и кандидатите не смее да користат противправни или анонимни извори на финансирање.
Државниот имот и буџетските средства не смее да се користат за изборна кампања или финансирање политички активности.
Поткупот на избирачи и давањето или ветувањето подарок за гласање е строго забрането.
Во периодот од 20 дена пред изборната кампања до нејзиното завршување не смее да се одржуваат јавни настани поврзани со изградба или пуштање во употреба објекти со државни средства.
Министерството за финансии е задолжено да ги објавува сите буџетски исплати во изборниот период, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци.
Јавните фондови, претпријатијата и другите субјекти со државен капитал треба да достават податоци за моторните возила до ДКСК во рок од десет дена од распишувањето на изборите.
Користењето службени простории, опрема и возила за изборни активности е забрането.
Забранети се притисокот и заплашувањето гласачи и нивните блиски лица.
ДКСК ќе ја следи законитоста на изборниот процес и ќе презема мерки при сомневање за прекршување на законите.
Во изборниот период Комисијата нема надлежност да дава мислења по барања поврзани со постапките на државните и на локалните органи.
ДКСК ги повикува медиумите, здруженијата на граѓани и јавноста да пријавуваат прекршувања на забраните предвидени во законот.