Македонија
Грковска на Преспа форумот: Справувањето со корупцијата е невозможно без јакнење на интегритетот
„Владеењето на правото, независноста на правосудството, доследната и неселективна борба против криминалот и корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност – се меѓу стратешките програмски приоритети на Владата, а тие се поврзани и со другите приоритетни цели, како што е модеринизирана и поефикасна јавна администрација и дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти“, истакна заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во воведното обраќање на панел дискусијата „Искоренување на корупцијата преку политики за добро владеење и антикорупција“, која се одржа во рамки на Преспа форумот за дијалог 2023.
Грковска посочи дека не може да се зборува за справување со корупцијата доколку не се работи на транспарентноста, на отчетноста, на кохезивниот пристап во носењето на одлуки, бидејќи тоа се комплементарни принципи насочени кон една цел, да изградиме здраво општество и стабилен систем. Според неа, во какво општество ќе живееме зависи од сите нас, а најмногу од тоа каков пример даваат носителите на одлуките, но зависи и од секој граѓанин поединечно, бидејќи сите ние го сочинуваме тој мозаик кој на крајот ја дава големата слика.
„Најчесто се вели дека моќта ги корумпира луѓето, но би рекла дека подеднакво валидни се и спротивните тврдења, дека луѓето ја корумпираат моќта. Бидејќи, како и секој друг потенцијал, од луѓето зависи за каква цел ќе го користат. Дали за личен интерес или за општо добро. Дали со заобиколување на правилата или според закон. Дали за кочење на секоја шанса за длабински промени, затоа што некому му одговара да останеме во матните води во кои е научен вешто да плива и да профитира или за движење напред кон воспоставување целосно функционален систем во интерес на граѓаните и идните генерации“, истакна таа.
Гостите министри од регионот се осврнаа на антикорупциските активности во нивните земји. Црногорскиот министер задолжен за антикорупциски политики, Зоран Милјаниќ, зборуваше за ендемската корупција и болните точки со кои се соочува неговата земја, но и за доброто искуство со специјалното државно обвинителство на Црна Гора, кое успешно процесира случаи против поранешни и актуелни функционери. Тој нагласи дека намалувањето на корупцијата значи создавање услови за подобар живот за сите граѓани.
Министерот за правда во Владата на Република Албанија, Улси Мања, се осврна на процесот на ветинг во неговата земја со кој биле опфатени 85% од правосудниот систем, а огромен дел од нив биле отстранети од системот, а незаконски стекнатиот имот бил конфискуван. Зборувајќи за првичните позитивни резултати и на телото наменето за справување со корупцијата во јавната администрација во Албанија, министерот Мања истакна дека патот на земјите од регионот води само кон ЕУ и единствен начин да се стигне до таа дестинација е справувањето со корупцијата.
На панелот, кој се одвиваше под модераторство на Дармендра Канани, се обрати и Филип Донкел, амбасадор на Луксембург во Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и Србија , кој изјави дека мора да се менува светогледот на младите луѓе, а реформите во ЕУ мора да ја приоретизираат благосостојбата на граѓаните.
За значењето на регионалната соработка помеѓу владите, граѓанскиот сектор и другите чинители, зборуваше директорката на Регионалната антиокорупциска иницијатива, Десислава Гоцкова, која нагласи дека не е доволно само да се има политичка волја за борба против корупцијата, туку таа мора да се преведе во политики и мерки кои се имплементираат во пракса.
На панелот учествуваше и Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, кој нагласи дека граѓаните ја гледаат корупцијата како најголем проблем и вршат притисок врз властите за активни и ефективни мерки за справување со овој проблем.
Заклучни видувања на панелот даде заменичката министерка за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, која посочи дека во меѓународните извештаи, меѓу кои и извештаите на Европската комисија за Северна Македонија е констатирано дека е поставена сеопфатна национална правна и институционалната рамка, во голема мерка усогласена со европските стандарди, но останува предизвикот за имплементација на легислативата од страна на институциите и тоа е нешто на кое треба да се насочиме во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

