Свет
Спасувачите го скенираат океанот во потрага по подморницата додека врмето истекува: меѓу патниците и познат бизнисмен
Американските и канадските тимови за пребарување се во трка со времето за да ја пронајдат туристичката подморница, која исчезна во неделата за време на нуркањето до потонатиот брод Титаник.
Во подморницата се наоѓаат пет лица, а контактот со неа бил изгубен околу 01:45 часот откако потонала во водата.
Спасувачката операција продолжила во текот на ноќта среде Атлантикот, но засега нема трага од подморницата, јавува Би-Би-Си.
Владините агенции, морнариците на двете земји и комерцијалните компании за длабоко море помагаат во спасувачката операција. Од понеделник попладне, се сметаше дека на членовите на екипажот им остануваат околу четири дена кислород. Меѓу нив е и британскиот бизнисмен и истражувач Хамиш Хардинг.
„Во моментов, нашиот фокус е на што е можно повеќе можности во таа област“, рече Џон Маугер од американската крајбрежна стража. Досега во потрагата по пловилото се користени воени авиони, подморница и сонарни пловци.
Потонатиот брод Титаник се наоѓа на 700 километри јужно од Сент Џонс, Њуфаундленд, иако спасувачката мисија се спроведува од Бостон, Масачусетс.
Американската крајбрежна стража соопшти дека истражувачки брод наречен „Поларен принц“ извршил површинска потрага по подморницата во понеделникот вечерта. Се користи за транспорт на подморници до местото на потонатиот брод и бил помошен брод на неделната туристичка експедиција. Се верува дека е исчезната подморницата Титан на туристичката компанија OceanGate, со која минатата година патувал новинарот на Си-би-ес Дејвид Пог за да стигне до потонатиот брод Титаник.
Тој за Би-Би-Си изјави дека кога бродот за поддршка е директно над подморницата, меѓу нив може да се испраќаат кратки СМС пораки. Во спротивно, комуникацијата преку GPS или радио системи не е достапна бидејќи ниту еден не работи под вода. Пог вели дека исто така не е возможно оние кои се внатре во подморницата сами да избегаат бидејќи се запечатени одвнатре со завртки кои се навртуваат однадвор.
Областа што се пребарува е оддалечена, што ја отежнува операцијата. На ова се додава и фактот што видливоста брзо се губи под површината на водата бидејќи светлината не може да навлезе далеку.
OceanGate наведува три подморници што ги поседува, а само Титан е способен да нурне доволно длабоко за да стигне до потонатиот брод Титаник. Подморницата тежи 10.432 килограми, а билетите чинат 250.000 долари за осумдневно патување кое вклучува нуркање до потонатиот брод на длабочина од 3.800 метри.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Иран, жените добија дозвола да возат мотоцикли и скутери
Првиот потпретседател на Иран, Мохамад Реза Ареф, ја потпиша резолуцијата, која беше одобрена од Советот на министри на крајот на јануари, а со која на жените им се дава дозвола за возење мотоцикли и скутери.
Жените во Иран сега можат формално да добијат возачка дозвола за мотоцикли и скутери, објавува агенцијата „Илна“, со што се завршува долгогодишната правна несигурност околу возењето на овие двотркални возила, објавува „Фигаро“.
Според сообраќајниот закон, на жените не им било експлицитно забрането да ги возат, но во пракса властите не им издавале дозволи.
Поради оваа двосмисленост, жените биле законски одговорни во случај на несреќа, дури и кога самите биле жртви.
Законот сега ја обврзува сообраќајната полиција да „обезбеди практична обука за кандидатките, да организира испит под директен надзор на полицијата и да им издава возачки дозволи за мотоцикли на жените“, прецизираше „Илна“.
По Исламската револуција во 1979 година, на жените им беше забрането да се занимаваат со одредени активности некое време, а посебен предизвик за нив беа правилата за облекување – тие мораа да ја покријат косата со шамија (хиџаб) во јавност и да носат скромна облека.
Свет
(Видео) Новинарка: Што би им рекле на жртвите на Епстин? Трамп: Вие сте најлошата новинарка
На социјалните мрежи се прошири снимка од бизарниот одговор на американскиот претседател Доналд Трамп на прашање од новинарка на Си-Ен-Ен, поставено на неодамнешна прес-конференција.
Новинарката на Си-Ен-Ен, Кејтлин Колинс, го праша американскиот претседател Доналд Трамп: „Што би им порачале на жртвите на Епстин?“
Трамп ѝ одговори: „Вие сте толку лоши. Вие сте најлошата новинарка. Не е ни чудо што Си-Ен-Ен нема гледаност поради луѓе како вас. Таа е млада жена (зборува за новинарката, н.з.). Никогаш не сум ве видел да се смеете. Треба да ве биде срам.“
KAITLAN COLLINS: What would say to Epstein survivo—
TRUMP: You are so bad. You are the worst report. No wonder CNN has no ratings. She’s a young woman. I don’t think I’ve ever seen you smile. They should be ashamed of you. pic.twitter.com/lmSpVz8wXX
— Aaron Rupar (@atrupar) February 3, 2026
Американското Министерство за правда неодамна објави милиони страници документи, фотографии и видеоснимки поврзани со истрагите за сексуалните злосторства на Џефри Епстин, осуден сексуален престапник и трговец со малолетни лица. Оваа објава опфаќа речиси три милиони страници материјали кои, под притисок на јавноста и законодавците, беа направени делумно јавно достапни.
Односот меѓу Доналд Трамп и Џефри Епстин долго време е предмет на интерес на медиумите, бидејќи двајцата интензивно се дружеле во текот на 1990-тите и раните 2000-ти години, а името на Трамп се појавува илјадници пати во таканаречените досиеа на Епстин.
Иако Трамп никогаш не бил обвинет за кривични дела поврзани со него, објавувањето на списите дополнително го засили вниманието кон неговите врски и поттикна прашања за тоа како властите и политичарите постапувале со овие материјали.
Свет
Заменичката на Калас: Европската Унија веќе е во војна со Русија
Европската Унија веќе е во состојба на конфликт со Русија, иако овој конфликт не вклучува директна воена мобилизација на граѓаните и испраќање војници на фронтот, според мислењето на високи функционери на нејзината дипломатска служба.
Како што изјави заменик-шефицата на дипломатската служба на Европската Унија, Белен Мартинез Карбонел, во интервју за шпанскиот весник „Ел Паис“, „факт е дека веќе сме во воена состојба со Русија“.
Сепак, таа нагласи дека овој „воен статус“, како што го гледа Брисел, засега не подразбира класичен вооружен конфликт во кој европските граѓани би биле мобилизирани и испратени на бојните полиња. Според неа, станува збор за поинаква форма на конфронтација што вклучува политички, економски и безбедносен притисок, но не и директни борбени операции на европските армии.
Изјавите од Брисел доаѓаат во време на зголемени тензии меѓу Русија и западните земји, првенствено поради конфликтот во Украина и санкциите што Европската Унија ги воведе врз Москва, според написите.
Од друга страна, анализираат медиумите, рускиот претседател Владимир Путин постојано ги отфрла тврдењата дека Москва планира напад врз Европа, нарекувајќи ги бесмислени. Тој истакна дека, според него, западните политичари ја создадоа сегашната криза и продолжуваат со нејзината ескалација со постојани предупредувања и изјави за наводни руски подготовки за војна со Европа.

