Спорт
АБА лигата ги казни Црвена звезда и Партизан

АБА лигата ја казни Црвена звезда и кошаркарите на Партизан, Џејмс Нанели и Јам Мадар.
Кошаркарскиот клуб Црвена звезда е казнет поради дивеењето на навивачите, во моментот кога играчите на Партизан излегоа на загревање. Поради хаосот што го предизвикаа навивачите, почетокот на натпреварот доцнеше 25 минути.
Црвена звезда ќе мора да затвори еден дел од трибините за четвртиот натпревар. Столчињата крај теренот ќе бидат отсранети, а нема да има навивачи ниту во првите редови на трибината која се наоѓа зад гостинската клупа. Црвено-белите се казнети и парично со 25.000 евра.
Кошаркарите на Партизан Нанели и Мадар се казнети со по 2.000 евра. Нанели тргна да се пресмета со еден навивач, додека Мадар им го покажа средниот пртст на фановите на Црвена звезда.
Четвртиот натпревар од финалната серија се игра вечерва од 19 часот. Домаќин повторно е Црвена звезда. Партизан во серијата има водство 2:1.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Донарума ќе го брани голот на Манчестер сити

Џанлуиџи Донарума е последното засилување на Манчестер сити, во летниот преоден рок, потврди англискиот клуб во објава на социјалните мрежи.
Донарума, до неодамна голман на Пари Сен Жермен, пристигна во синиот дел на Манчестер во трансфер вреден околу 35.000.000 евра.
Сити евтино помина бидејќи Донарума влезе во последната година од договорот. Пари Сен Жермен, не сакаше да дозволи по завршувањето на сезоната тој да замине без обесштетување, што им се случи минатото лето со Килијан Мбапе.
Џиџи има само 26 години, а зенитот на неговата кариера допрва треба да дојде. Тој ја освои Лига 1 четири пати, додека еднаш го крена Купот на Франција. Ја освои Европа со „Аѕурите“ во 2021 година, а ја освои и Лигата на шампионите со Парижаните во мај. Потоа беше прогласен за најдобар голман на Стариот континент, сосема заслужено.
Сепак, љубовта пукна и тој не успеа да постигне договор со челниците на клубот од „Паркот на принцовите“ во врска со продолжувањето на соработката.
Потоа Луис Енрике го доведе Лукас Шевалие од Лил како прва опција на голот, а Сити го испрати Едерсон во Фенербахче за да направи место за Донарума.
Италијанецот потпиша петгодишен договор, со плата од 15.000.000 евра во првата сезона, со постепено зголемување во наредните години.
Foto/ Manchester City, X screenshot
Спорт
Топ-10 трансфери – Исак ја предводи листата

Летниот преоден рок во најсилните европски национални првенства заврши вчера вечерта. Точно 25 трансфери ова лето беа во вредност од 50 милиони евра и повеќе, а највредниот трансфер беше оној на Александар Исак, кој го напушти Њукасл и се приклучи на Ливерпул за 144 милиони евра.
Ливерпул, летово потроши најмногу пари на засилувања, вкупно 417 милиони фунти. Црвените трошеа на засилувања, но и заработија од продажбите на неколкумина фудбалери, вкупно 262,2 милиони фунти. Разликата е значи 154,4 милиони фунти.
Ливерпул, ги реализира трите најголеми трансфер во летниот преоден рок. Заедно со рекордниот трансфер на Исак, актуелните шампиони на Англија платија 125 милиони евра за Флоријан Вирц, и 95 милиони за Уго Екитике.
Топ 5 ги заокружуваат Ник Волтемаде и неговиот трансфер од 85 милиони евра од Штутгарт во Њукасл и трансферот од 76,5 милиони евра на Бенјамин Шешко од Лајпциг во Манчестер јунајтед.
Интересно во Топ 10 најскапи трансфери ова лето, со тројца играчи е застапен Манчестер јунајтед.
Листа на 10-те најскапи трансфери ова лето:
Александар Исак (Њукасл – Ливерпул), 144 милиони евра
Флоријан Вирц (Баер Леверкузен – Ливерпул), 125 милиони евра
Уго Екитике (Ајнтрахт – Ливерпул), 95 милиони евра
Ник Волтемејд (Штутгарт – Њукасл), 85 милиони евра
Бенјамин Шешко (Лајпциг – Манчестер јунајтед), 76,5 милиони евра
Виктор Осимен (Наполи – Галатасарај), 75 милиони евра
Брајан Мбемо (Брентфорд – Манчестер јунајтед), 75 милиони евра
Матеус Куња (Вулвс – Манчестер јунајтед), 74,2 милиони евра
Мартин Зубименди (Реал Сосиедад – Арсенал), 70 милиони евра
Луис Дијаз (Ливерпул – Баерн), 70 милиони евра
Фото/ Принтскрин
Спорт
Морбидели останува во тимот ВР46

Италијанскиот мотоциклист Франко Морбидели го продолжи договорот со тимот ВР46 до крајот на следната година.
Морбидели, шампионот во категоријата Moto2 во 2017 година, пристигна во италијанскиот тим оваа сезона.
Според сегашниот договор помеѓу ВР46 и Дукати, Морбидели нема да има фабрички мотор, туку постарата спецификација Десмоседичи, бидејќи новиот е резервиран за неговиот колега Фабио ди Џанантонио.
Морбидели пристигна во кралската класа во 2018 година, а својата најдобра сезона ја имаше во 2020 година, кога беше второпласиран, зад Жоан Мир. 30-годишниот италијански мотоциклист досега има забележано вкупно 11 победи, 29 подиуми и осум пол позиции во 205 стартови.
Во понеделникот, патем, Хонда го потврди останувањето на Лука Марини, додека Жоан Зарко потпиша двегодишен договор со јапонската компанија, но ќе остане возач на тимот на ЛЦР.
Ова исто така значи дека во моментов има само неколку непотврдени места за следната сезона, по едно во Прамак и ЛЦР Хонда, а пристигнувањето на Диого Мореира во тимот на Лучио Чекинело е само прашање на време.
Следната трка од шампионатот Мото ГП се вози за Големата награда на Каталуња на патеката „Каталуња“ претстојниот викенд.
Foto/ EPA