Свет
Белорусија почна да гради кампови за 8.000 борци на „Вагнер“, тврди руски опозициски весник

Рускиот опозициски весник „Верстка“ објави дека Белорусија почнала да гради кампови за борците на приватната воена компанија „Вагнер“.
„Камповите ќе бидат лоцирани во регионот Могилев во Белорусија, на приближно 200 километри од границата со Украина и ќе можат да примат осум илјади борци, пренесуваат руските медиуми.
Регионалните власти на Могилев, наводно, добиле инструкции да започнат со изградба на кампови.
Според изворот на „Верстка“, ќе има неколку кампови, од кои едниот ќе биде лоциран во близина на градот Осиповичи. Роднините на членовите на групата „Вагнер“ потврдиле дека платениците ќе бидат испратени во Белорусија.
„Вооружениот бунт во Русија заврши откако беше постигнат договор, во кој очигледно посредуваше Белорусија, објавија руските медиуми. Шефот на „Вагнер“ Евгениј Пригожин се согласил да ја напушти Русија и да замине во соседна Белорусија, објави во саботата портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Нетанјаху: Германија го наградува тероризмот на Хамас

Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, денес му рече на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека е разочаран од неговата одлука да воведе ембарго за извоз на оружје за Израел, оценувајќи дека оваа одлука ќе ја награди палестинската милитантна група Хамас.
„Наместо да ја поддржува праведната војна на Израел против Хамас, кој го изврши најстрашниот напад врз еврејскиот народ од Холокаустот, Германија го наградува тероризмот на Хамас со воведување ембарго за извоз на оружје за Израел“, рече Нетанјаху, соопшти неговиот кабинет, објави The Times of Israel.
Нетанјаху, исто така, изјави „дека целта на Израел не е да ја преземе Газа, туку да ја ослободи Газа од Хамас“.
Свет
Германија го запира извозот на оружје во Израел

Германскиот канцелар Фридрих Мерц објави дека неговата влада ќе го запре целиот извоз на оружје и воена опрема во Израел што може да се користи во Појасот Газа, како одговор на планот на Израел да го заземе градот Газа и следствено целата енклава.
„Германија нема да одобри извоз на воена опрема во Израел до понатамошно известување доколку постои можност таа да се користи во Газа“, рече Мерц во изјава дадена неколку моменти по објавувањето на израелските планови.
Тој нагласи дека е „сè потешко да се разбере“ како воената стратегија на Израел може да придонесе за постигнување на легитимни цели.
„Во овие околности, германската влада нема да одобри извоз на воена опрема што може да се користи во Појасот Газа“, додаде канцеларот.
Германија традиционално е еден од најголемите извозници на оружје во Израел и еден од неговите најблиски сојузници. Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI), САД биле најголемиот снабдувач на воена опрема за Израел од 2020 до 2024 година, додека Германија била втора на листата.
Сепак, и покрај поддршката, во последните месеци новиот канцелар Мерц дава сè порезервирани изјави во светлината на катастрофалната ситуација во Газа предизвикана од Израел, па затоа оваа одлука не е толку неочекувана.
Фото: ЕПА
Свет
ОН: Планот на Израел за преземање на Газа мора веднаш да се запре

Планот на израелската влада за воено заземање на Газа ќе предизвика повеќе смртни случаи и страдања и мора веднаш да се запре, изјави шефот на Советот за човекови права на ОН, Фолкер Турк.
„Планот е во спротивност со пресудата на Меѓународниот суд на правдата дека Израел мора што поскоро да ја прекине окупацијата за да постигне решение за две држави и да го оствари правото на самоопределување на Палестинците“, вели Турк во соопштението.
Безбедносниот кабинет на Израел рано утрово одобри план за преземање на контролата врз градот Газа, додека земјата ги проширува своите воени операции и покрај растечките критики дома и во странство за разорната, речиси двегодишна војна.
„Врз основа на сè што видовме досега, понатамошната ескалација ќе резултира со поголемо присилно раселување, повеќе убиства, повеќе страдања, бесмислено уништување и криминал“, предупреди Турк.
„Наместо да ја ескалира војната, израелската влада треба да направи сè што може за да ги спаси животите на цивилите во Газа, дозволувајќи влез на хуманитарна помош. Палестинските вооружени групи треба веднаш и безусловно да ги ослободат заложниците“, додаде тој.
Фото: ЕПА