Македонија
На Монт Еверест со Златко Јаќовски и „Галеника“
На 19 мај 2023 година се искачив на Монт Еверест. Најладните пет минути во животов ги поминав на врвот на светот, кој за мене е дел од мојот голем проект Seven summits или седумте највисоки врвови на секој континент кои се предизвик за посветените алпинисти. Со успешното искачување на Монт Еверест, го освоив петтиот врв од мојата листа. Симболично одбраниот број 5 може и да е случајност, затоа што на Еверест се патува кога си во полна физичка подготвеност. Како компанија која ја нагласува важноста на здравиот стил на живеење на современиот човек успешно да го реализирам овој потфат ми помогна и фармацевтската компанија Галеника, регионалниот фармацевтски лидер.
Здрав живот и грижа за здравјето
Подготовките за искачувања на овој тип на врвови бара целосна посветеност, дисциплина и континуитет во одржувањето на психофизичката подготвеност што значи редовно планинарење во текот на викендите и празниците. Најчесто одам со наши планинарски клубови и со пријатели на планините во Македонија и на Балканот, а понекогаш и на Алпите. На Водно кој е извонреден за кондиција одам покрај викендите и во тек на работните денови кога дозволуваат временските услови и обврските. Исто така три пати неделно одам на вежбање во сала. Се трудам да водам подисциплиниран животен стил со здрави навики.

Посветеноста на здравиот начин на живот, на почетокот на годинава ме спои со Галеника, регионалниот фармацевтски производител, кој традиционално го познаваме преку производите кои се достапни на македонскиот пазар. Во духот на компанијата која континуирано стреми кон здравиот стил на живеење, Галеника ја поддржа мојата експедиција и за време на искачувањето користев нивни производи.
Ниските температури ја оштетуваат кожата и иако користев Јекодерм и Пантенол сепак, е тешко да се заштити кожата која е изложена на влијанието на временските услови. Кога дишете воздухот ги замрзнува ноздрите, па Јекодерм користев и за носот. Без магнезиум е невозможно да се замисли напорен физички потфат и за таа цел користев производ од линија Олигогал. На овие експедиции редовно користам и пробиотик, кој сега беше од линијата Флонивин. Покрај физичката подготвеност, неопходно е да се посвети внимание и грижа за здравјето во текот на искажувањето, за да и телото ве однесе онаму каде сакате.
Експедицијата беше организирана од Asiantrekking од Катманду при што бев вклучен во интернационалниот тим, во кој покрај мене, беа и Marios Ginnaeu од Грција, Aviad Sido од Израел и Jason Kennison од Австралија. Целокупната експедиција траеше околу месец и половина.
За месец и половина до Монт Еверест и назад
Искачувањето го почнавме на 6 април од Лукла на 2880м.н.в. од каде за седум дена по трекинг патеката стигнавме до Базниот камп Еверест 5364м.н.в.
Следеше дополнителна аклиматизација која ја направивме во три наврати. Прво со искачување на прекрасниот врв Lobuche East 6119м.н.в., потоа еден од најопасните но и најатрактивен Khumbu глечер и како последно ротација до Камп 3 на висина од 7165м.н.в. по што се спуштивме во базниот камп каде чекавме поволни временски услови. По долготрајно чекање се одлучи дека како можен ден за искачување на Еверест би бил 19 мај и затоа на 15 мај во 3 часот наутро тргнавме кон Камп 2 преку Khumbu глечерот и Камп 1. По пристигнувањето во Камп 2 направивме еден ден пауза и потоа се упативме кон Камп 3 каде ноќевавме и следниот ден се искачивме на Камп 4 (South Col). Вo 21.20 часот на 18 мај тргнавме кон последниот дел од мршутата кон искачувањето на Еверест. За жал во текот на целото искачување имавме многу лоши временски услови со јак ветар 40-50км и од северен и јужен правец и ниска температура под -30°С кои го отежнуваа нашето движење.

Во делот на Hilary step почуствував немоќ и изнемоштеност но заедно со целиот тим во исто време се искачивме на Mount Everest во 9 часот наутро. Временските услови беа многу лоши и ни ја скратија можноста да уживаме во глетката на врвот од светот.
Направивме неколку фотографии и по 5 минути започнавме со спуштање. Вечерта останавме во Камп 4 и следниот ден се спуштивме во Камп 2. На 21 мај се спуштив во Базниот камп каде по еден ден одмор во следните три дена се спуштив до Лукла од каде со авион слетав во Катманду.
Ризиците и предизвиците
Агендата на движење кон врвот, не ја отсликува и тежината на самото искачување и ризикот кој стои пред алпинистите. Првиот голем предизвик е Khumbu глечерот. Тоа е замрзната река и буквално целиот глечер е испрекинат со големи и длабоки пукнатини кои се премостени со скали за да може да ги преминеме, како и огромни ледени блокови кои се наредени еден преку друг, таканаречени “Popcorn”, меѓу кои се движевме при што постои континуирана опасност од нивно паѓање или евентуална лавина. Бидејќи глечерот секојдневно се движи патеката се менува, така да јас три пати во некои делници Khumbu го доживеав различно. За жал во текот на поставувањата на фиксните јажиња од страна на искусни шерпаси се случи несреќа при што тројца од нив загинаа.
Следен предизвик на патот кон врвот е Lhotce face, кој започнува од камп 2 до кампот Lhotce што претставува многу долга стрмнина (6400-7800м.н.в.). Искачувањето на оваа делница е по снег, но и по син мраз кој е исклучително опасен и ризичен за пролизгување и во текот на целото искачување сме врзани за фиксно јаже, кое е однапред поставено. Тука користиме направа жумар кој овозможува да имаме поголема сигурност и да се помагаме и со рацете во текот на искачувањето.
Најтешка делница за мене беше последниот предизвик, а тоа е Hillary step, каде нагло осетив губење на енергијата веројатно зошто тогаш веќе бевме над 8600м.н.в. и во континуитет имавме силен ветар кој носеше и снег со себе и го лепеше на моето лице и очила. Одењето ми беше забавено па дури и помислив дека нема да успеам да се искачам, иако во последните 30 минути врвот го гледав пред мене. Сепак смогнав сили и на Еверест се искачив заедно со тимот.

На врвот бев и среќен и тажен
На врвот за жал заради лошото време се задржавме околу 5 мин. Имавме можност да направиме неколку фотографии и шерпасите наредија веднаш да се спуштаме. Чувството на самиот врв беше со измешани емоции, од една страна среќен што успеав да се искачам на врвот на светот, од друга страна тажен што моравме веднаш да се симнеме немајќи можност да уживам во погледот и успехот поради лошото време.
Фиксното јаже двапати ме спаси
Знаев дека најголем процент на несреќи се случуваат при спуштање и бев посебно внимателен. И покрај тоа, на две места на Hillary step заради умор се лизнав, но фиксното јаже ме задржа. Во потегот од камп 4 до врвот имаше неколку тела кои не опоменуваат на животната опасност низ која минуваме. Пред да тргнам на Еверест разговарав со нашите искусни планинари проф. д-р. Сашко Кедев, проф. д-р Горазд Росоклија (член на македонско-југословенската експедиција со починатиот Диме Илиевски) и Здравко Дејановиќ при што ми беше укажано да го слушам организмот и што поскоро да се спуштам да не потклекнам на уморот и да седам да се одмарам.
Точно на делот од Hillary step до таканаречениот Балкон, се најголемиот број на смртни случаи и затоа се спуштив најбрзо што можев до кампот.
Остануваат уште два врва од сонот „Seven Summits“
Мојот живот сон е проектот што сам си го осмислив и нареков „Seven Summits“. Неговата реализација почна во 2016 год со искачување на планината Западен Елбрус во Европа, а подоцна и планините Аконкагва во Јужна Америка, Килиманџаро во Африка, Денали во Северна Америка и оваа година Монт Еверест Азија. Останува да се искачам уште на планините Винсон на Антартик и Карстен Пирамид во Океанија со Австралија за да го заокружам овој проект.
Сепак, по искуството на Хималаите и моите желби почнаа да се менуваат и мислам дека во план за поблиска иднина ми се планините АмаДаблам, Лоце и Манаслу.
Од повисоките и поатрактивни планини ги имам искачено и Монт Блан, Ленин, Гросглокнер, повеќе врвови на планинскиот масив Монте Роса како Полукс, Балмерхорн, Виченте Пирамиде, Цумштајншпиц и други алпски врвови над 3500м.

Љубител сум и на таканареченото “ферата” искачување и затоа од поатрактивните би ги издвоил искачувањата на на неколку врва на Јулиските Алпи, Доломитите и Тиролските алпи.
И Непал го прослави успехот на нашата експедиција
По моето спуштање во Катманду имав можност да учествувам во прославата на “Платиниумскиот љубилеј 70 год од првото искачување на Еверест” каде беа доделени бројни награди на истакнати планинари. Јас бев повикан на прием кај министерката за Туризам на Непал Sushila Sirpali Takuri која ми го честита искачувањето на Еверест и бев повикан на прием во општината Gokarneswar каде ми беше доделена благодарница од парламентарката Shanti Shreshta.
На крај сакам да се заблагодарам на сите што на било кој начин ми помогнаа и беа со мене во текот на оваа експедиција.
Автор: Златко Јаќовски, професор по судска медицина и член на скопскиот планинарски клуб Х2О – HealtyHikeOurdoor
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Нема да дозволам внатрепартиско роварење и поделби платени од ВМРО
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната средба во Штип со општинските организации од изборната единица 3, порача дека консолидацијата и внатрепартиското единство се клучни предуслови за зајакнување на СДСМ и за успешна борба против оваа власт. Тој нагласи дека нема да дозволи внатрепартиски поделби платени од ВМРО-ДПМНЕ.
-Има некои луѓе кои што се амбицираат како некоја групација, меѓутоа не сакаат да дојдат и да разговараат, не сакаат да ги соочат аргументите, затоа што аргументи немаат. Затоа што се платени од ВМРО-ДПМНЕ на кои што проектот ЗНАМ веќе им пропадна, и не може да сметаат повеќе на тоа, рече Филипче.
Филипче додаде дека, со оглед на падот на поддршката кај ВМРО, единствениот начин што го користат е да предизвикуваат поделби во СДСМ но дека тој нема да дозволи нови поделби и внатрешно роварење.
-Имајќи предвид како ја губат поддршката од граѓаните, се што може да направат е дополнително нас да не делат. Јас нема да го дозволам тоа внатрепартиско роварење, делење, заради нечии интереси коишто да знаете ако не се сте ја знаеле позадината тој проект е повторно, како проектот ЗНАМ, платен од ВМРО-ДПМНЕ, платен заради тоа што тој е единствениот начин тие да останат на власт, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ упати порака и до оние кои, како што велат од партијата, се обидуваа да не успее Конгресот на СДСМ.
-Жалам што имаше другари, кои се обидуваа и конгресот да не успее. Пуштаа пораки на делегатите, им кажуваа да не доаѓаат. Сакам јасно и гласно да им кажам да им биде последно. На крај памет, не да направат нешто, да помислат нешто, да направат против партијата од која добиле се. Не станува збор за мене. Ние не можеме да работиме еден против друг, против СДСМ. Кој и да работи против, работи против партијата. Со тоа, во оваа ситуација и против државата, рече Филипче.
Македонија
Стојаноска за Трендафилов: Волкот во јагнешка кожа, не наседнувам на неговото сценарио
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска со критики до претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, откако на прес-конференција тој кажа дека објава на видео од неговите малолетни деца нема да го замолчи и ги повика институциите да преземат мерки против пратеничката Дафина Стојаноска.
Пратеничака Стојаноска пак во објава на социјалните мрежи вели дека сосема е препознатлив речникот на Трендафилов и дека не би сакала воопшто да наседнува на неговото сценарио.
„Видеото јасно го прикажува неговото однесување со службеното возило на ССМ. Не се цел неговите малолетни деца (чии што идентитети се прикриени на самото видео). Целта е да се прикаже на јавноста како овој “волк” изигрува јагне, “бранејќи” ги правата на работниците или во превод: разоткриено е целото лицемерие на “водачот” .
Јавните личности треба да се подготвени на секакви видеа и фотографии. Тоа е “цената” која секоја јавна личност знае како и колку ја “плаќа”.
Секако, не мислевте дека ние, како пратеници, немо ќе гледаме како “со сите средства” поддржани од вашите политички ментори СДСМ и Левица, вршите притисок врз мнозинството и промовирате идеологија од минатото, каде државата или законодавецот се става над приватната сопственост.
Што се однесува до видеото, можеби да е и од некој незадоволен работник од “штитењата” на Трендафилов?!?
Што се однесува до мојата реакција на неговата изјава (закана): Почитувам закони и Устав! Нека се постапи согласно законите и да видиме кој тоа е виновен?!?
П. С. Да наречеш пратеничка (која предводеше листа на последните парламентарни избори која освои 21.622 гласови) монструм, не само што е напад врз жена, туку е напад и врз 21.622 жители на ИЕ 6.
П. П. С. “Јагнето” Дичо за истите тие избори се фалел дека “вредел” околу 7-8.000 гласа (а, вчера беа само 50 ина на “блокадите”) и дека сите ги убедил да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ на ниво на цела Македонија.
П. П. П. С. Ако сака да ја продолжи “битката” со мене, го чека ДАФИНА“, напиша пратиничката на социјалните мрежи.
Македонија
Режимот на ДПМНЕ со демнење и следење демонстрира сила наместо да одговори како се преживува со 400 евра плата, велат од Левицата
Левица најостро реагира на скандалот со следењето на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, што кулминираше со јавно објавување на снимка на која тој е заедно со неговите малолетни деца. Ова е злоупотреба на безбедносни механизми и демонстрација на режимска сила насочена против синдикалното организирање, велат од оваа партија.
„Откако Христијан Мицкоски наместо достоинствено да одговори на барањата на работниците, јавно најави дека „ќе се виделе снимки“ од претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, следеше објава од пратеничката Дафина Стојановска – со видео во кое синдикалниот лидер е снимен заедно со неговите малолетни деца. Овој хронолошки след не остава простор за наивни толкувања, туку станува збор за координирана политичка операција со цел дискредитација, заплашување преку крајно недозволиви механизми на демнење и следење“.
Во држава во која безбедносните служби посебните истражни мерки (ПИМ) смеат да ги користат исклучиво за тешки кривични дела, според Левица, следење на синдикален лидер кој бара повисоки плати претставува скандал од прв ред.
„Доколку се користени тајни служби или ПИ мерки за политичка пресметка со синдикат, тоа е директна злоупотреба на државниот апарат. Ако, пак, следењето е вршено по партиска линија со логистика и ресурси достапни преку власта, тогаш станува збор за параинституционално дејствување кое е подеднакво опасно и претставува кривично дело!
Дополнително, објавувањето снимка во која се појавуваат малолетни деца претставува особено дрско и неморално преминување на сите граници. Тоа е обид за притисок и индиректна закана – порака дека секој кој ќе се спротивстави на вмровската власт може да биде ставен под надзор, изложен и компромитиран.
Дафина Стојановска – пратеничка која важи за паразит кој со години наплатува високи патни трошоци и покрај тоа што поседува меѓудругото и четири стана во Скопје, денес глуми разобличувач на човек кој бара достоинствени плати за работниците. Тоа лицемерие е политички цинично и морално неодбранливо. Станува збор за пратеничка која очигледно вчера била изреволтирана што не успеала да наплати патни трошоци, бидејќи претходно, јавноста помни, дека жестоко се спротиставуваше на укинувањето на патните трошоци на пратениците! Инаку, нејзините патни трошоци само во 2025 година надмниуваат 11 минимални плати.
Да бидеме јасни – барањата на синдикатите немаат партиска позадина“.
Како што нагласуваат од Левица, тие произлегуваат од реалноста во која платите на работниците се заглавени на дното во регионот и Европа, инфлацијата го уништува домашниот буџет, сметките растат, животниот стандард опаѓа, а општините предводени од ДПМНЕ ги зголемуваат трошоците за граѓаните до надоместоци за градинки.
„Во такви услови, синдикалната борба е легитимна и неопходна.
Ова е симптом на власт која ја поистоветува државата со партијата и безбедносниот апарат со сопствената пропагандна машинерија. Следење на синдикален претставник и јавно изложување на неговото семејство претставува јасна демонстрација на ароганција, страв и авторитарен менталитет. Наместо да се соочи со сиромаштијата, инфлацијата и понижувачките плати, ДПМНЕ избира да произведува афери и да таргетира луѓе кои бараат достоинствен живот за работниците.
Прашањето на кое функционерите од ДПМНЕ треба да одговорат не е кој е Слободан Трендафилов, туку дали тие би преживеале со 400 евра плата“.

