Македонија
Груевски за предметот „Скопје 2014” каде е осомничен: Зад постапката стојат политичари на чело со Заев, имате причина за да бидете исплашени
Поранешниот премиер Никола Груевски каде што е осуден за предметот „Скопје 2014“ вели дека зад оваа постапка стојат исплашени политичари, на чело со поранешниот премиер Зоран Заев кој и понатаму има огромно влијание во правосудниот систем и нему блиски луѓе од политиката. Груевски додава дека токму заради тоа влијание тој и си дозволува правосудството да го користи освен во политички и во криминални бизнис цели и активности.
„Пред неколку дена како никогаш досега амбасадорот на Австрија излезе во јавноста со соопштение од кое произлегува дека луѓето од власта, а во прв ред Зоран Заев имаат контрола над праводудниот систем и го користат во своја полза, независно дали станува збор за бизнис или политичка полза.
Претходно иако со подипломатски вокабулар тоа го слушаме и од преставници на други држави, кои со крајно негативен вокабулар говорат за правосудниот систем односно за политичкото влијание на поединци од власта врз истиот.
Народот веќе оддамна си го кажа своето преку релевантни анкети на јавното мислење, неоспорено и потврдени дури и од власта од кои произлезе дека од можни 100, во обвинителството доверба имаат едвај 3%, а во судството едвај 4%.
Со обзир дека овој податок е од минатата година, а оттогаш се случија уште многу очевидни ситуации на злоупотреби и незаконитости на спрегата власт-правосудство, јасно е дека и тие 3% односно 4% веќе се многу помали, забрзано гравитирајки кон нула доверба во судството и обвинителството на Македонија.
Во меѓувреме поединци од власта енормно се богатат, на очиглед на сите граѓани, и со очигледен криминал, корупција и злоупотреби, за кои обинителството и не помислува да реагира, па аферите се редат во јавноста секојдневно и довербата во некои политичари секојдневно се намалува, но и се креираватмосфера која не е поволна за нив и која не им нуди комотна иднина.
Па така, кога тоа ќе дојде до точка на зовривање во јавноста, како што е последното писмо на амбасадорот на Австрија кое сигурно не е објавено без согласност на владата на Австрија, тогаш се смислува начин да се одвлече вниманието од сето тоа и да се пренасочи кон политичките не истомисленици, но и да се направи обид за намалување на довербата на јавноста кон нив, поради страв, многу голем страв за нивната иднина.
Ова затоа што истражувањата на јавното мислење покажуваат дека не само што СДСМ забрзано тоне кон дното, не само што довербата во Заев е минорна и мнозинството граѓани со одвратност гледа на неговите постапки, туку паралелно се гледа дека целокупните напори за оцрнување на политичките противници со злоупотреба на правосудниот систем им пропаѓаат, бидејќи независно какви одлуки носат контролираните обвинители и судови, народот во овие 6-7 години со свои очи и уши гледа и слупа дека станува збор за огромен брзо ј лажни обвиненија, без докази, често и без некаков сведок или пак со уценети сведоци често преку заплашување или ставање во притвор на некој и давање до знаење дека нема да излезе од таму додека не даде изјава каква што тие имаат потреба за некого да го гонат, се разбира заради политички мотиви и негова политичка елиминација.
Едноставно контролираниот правосудниот систем на власта е претворен во инструмент и алатка за дефокусирање од криминалите на поединци од власта и за политичка елиминација на политичките неистомисленици, а во прв ред оние во кои народот има некаква доверба, пре се заради страв.
Така денеска обвинителството соопштило дека од 2016 година, односно 7 години води некаква истрага која не е им била завршена, а од наративот на обвинителот и нема најава дека брзо ќе заврши, а се однесува за дел од проектите на т.н. проект Скопје 2014 односно за 11 споменици и објавиле листа на осомничени, лица во кои се сомневаат, а за неколкумина дури побарале притвор, што во пракса за ова контролирано правосудство значи и дека ќе добијат мерка притвор.
Зад оваа постапка стојат исплашени политичари, на чело со Заев кој и понатаму има огромно влијание во правосудниот систем и нему блиски луѓе од политиката, од неговата партија СДСМ, но и од други партии.
Токму заради тоа влијание тој и си дозволува правосудството да го користи освен во политички и во криминални бизнис цели и активности. Исплашените политичари имаат причина да бидат исплашени. Премногу зло направија и сеуште прават убедени дека така вечно ќе просперираат. Нема!!! Историјата го покажала тоа. Тоа се природни закони.
Едно треба да знаат, дека какви и зло сега да прават скриени како глувци зад провосудниот систем кого го контролираат и зад партиите, нема да успеат и дека не треба нив друг да ги уништи, бидејќи самите ќе се уништат, како што веќе и го прават тоа, затоа што нечесните методи со кои работат ќе доведат до тоа.
Единствениот проблем е што додека самите себе да се уништат ќе ги загорчат и ги загорчуваат животот на многу невини луѓе и ќе направат и веќе прават и направија голема штета на Македонија“, пишува Груевски во својата објава на Фејсбук.
Експремиерот Никола Груевски, ексминистерката Елизабета Канческа-Милевска и ексминистерот за финансии Зоран Ставревски се дел од осомничените во предметот „Скопје 2014“ заедно со поранешните градоначалници на Центар, Владимир Тодоровиќ, и Виолета Аларова. Вкупно 15 лица се под истрага за набавка на десетте споменици, дел од проектот за кој се води постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДЗС не е детективска служба да открива нелегални објекти, ги има околу 100.000, рече Шабан Салиу и тврди дека немал ништо со „Пулс“
Актуелниот министер без ресор, Шабан Салиу, обвинет за трагедијата во кочански „Пулс“ како директор на Дирекцијата за заштита и спасување во периодот од 2008-2017 година, заедно со двајцата негови бранител денес нешто повеќе од еден час даваше воведни зборови во судницата во Идризово. По неговите адвокати Димитар Дангов и Шенај Осмав, Салиу ја искористи можноста да ги дополни воведните зборови и кажа дека обвинението против него се темели на претпоставки место на докази оти во деветте години додека бил директор на Дирекцијата за заштита и спасување до него не стигнал никаков документ за мислење или согласност ниту пак претставка од кого било поврзана со безбедноста на „Пулс“. Обвинението смета дека е поднесено под притисок на јавноста и заткулисни политички игри и монтажи.
„Во текот на постапката ќе докажеме дека обвинението против мене не е основано. Обвинението е изградено врз претпоставки ’можел да знае’ , ’ требало да знае’, ’можеби имал обврска’ и слично“, рече Салиу.
Најави дека во текот на постапката ќе докажат колизија на која се заснова обвинението во врска со директорите на ДЗС кои се обвинети, а нема обвинет директор на Државниот пазарен инспекторат, институција која според Салиу има директни надлежности поврзани со дискотеката.
„Републичкиот јавен обвинител направи преседан кога на прес-конференција се произнесе дека нема одговорност за директорот на Државниот пазарен инспекторат употребувајќи го член 11 од Законот за инспекциски надзор, дека одговорност имаат само инспекторите. Според оваа теза, што ја сметам за правилна, зошто по аналогија, автоматизам, не важи и за директорите на ДЗС“, рече Салиу.
За делот од обвинението во кој се вели дека „директорите на ДЗС иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица, се согласиле со нејзиното настапување“ Салиу ја спомена Баба Ванѓа .
„Бог да чува. Значи обвинет сум за евентуална умисла дека јас уште во 2012 година па се до 2017 година сум бил свесен и сум знаел дека ќе се случи настанот на 16 март 2025 година. Ова за волја на вистината не може ни Баба Ванѓа да станела од гроб да го предвиди, а камо ли јас како обичен човек.“, рече Салиу.
Тој воведниот говор го искористи да коментира и за вчерашната собраниска анкетна комисија за трагедијата во Кочани и да се брани дека на судење не доаѓа со службен автомобил.
„Почитуван суде, останува на вас да веруваме во објективно судење и неселективна правда. Судење не под притисок на политиката и јавноста, порталите и медиумите. Пример за тоа е вчерашната седница на анкетната комисија каде го злоупотребуваа и моето име и мојот статус бидејќи јас наводно доаѓам тука со службена кола и доаѓам на овие рочишта што не е вистина. Тоа го зборува некоја Петрушова и некој пратеник Апасиев. Срамота е во една ваква постапка мене да ме обвинуваат уште неосуден. Тоа може да се види и од камерите дека не е вистина“, се бранеше Салиу.
Неведе уште една изјава на републичкиот обвинител која смета дека содржи правен основ врз кој тој може да биде ослободен, а се однесува на потврдата дека за постоењето и работењето на „Пулс“ ДЗС никогаш не била известена.
„ДЗС не е детективска служба да открива, пронаоѓа нелегални објекти, дивоградби, нерегистрирани согласно законите кои можеби низ селата и градовите на нашата држава ги има во поголем број, а надлежноста е на други органи и институции. Отприлика, според некои мои информации ги има околу 100.000 во нашата држава. Ќе докажам дека системската одговорност не може да се префрли на еден човек“, рече Салиу и по кој знае кој пат повтори дека Дирекцијата не знаела за објектот, тој не знаел за објектот и затоа не може да има вина за пожарот.
Сали побара и тој и сите директори на ДЗС да видат ослободени оти во идентични ситуации други директори на други институции не се гонат.
На крај од обраќањето кажа дека целиот живот го посветил на државата, на институциите, не бил казнуван со исклучок на една казна за брзо возење, немал кривична мерка и секогаш работел чесно.
„Да бидам обвинет за нешто што не сум можел да го знам, ниту спречам е болка која тешко се носи но верувам дека судот ќе одлучи правично врз основа на факти и докази и закон“, рече Салиу.
Обвинението уште еднаш го нарече несериозно, неодговорно и незаконско и политички мотивирано со цел да биде незаконски осуден и на него и на неговото семејство да им се причини огромна штета.
Судењето продолжи со одбраната на Аднан Џафероски, директор на ДЗС во периодот од 2017 до 2020 година, а неговата бранителка Сузано Јошевска-Анастасовска кажа дека обвинението за Џаероски е „промашена адреса за кривична одгворност“.
Македонија
Тројца бугарски државјани осомничени за неовластена трговија со македонски народни носии
Основното јавно обвинителство Битола отвори против тројца бугарски државјани, жители на Пловдив, поради основано сомнение дека вршеле кривично дело неовластена трговија со добра под привремена заштита, културно наследство и природна реткост.
Осомничените, во текот на месецот, во околината на Демир Хисар, заедно договорени, во група, неовластено купувале предмети – делови од македонски народни носии, кои претставуваат културно наследство според член 2 од Законот за заштита на културното наследство и чиј промет е забранет или ограничен.
Имале цел таквите предмети да ги изнесат во странство, односно во Република Бугарија, но на 9 декември биле затекнати од полициски службеници како ги пренесуваат натоварените предмети во едно товарно возило и еден автомобил.
Од МВР соопштија дека предметите се прегледани од етнолог од „Музеј Битола“ и констатирано е дека се работи за делови од македонски народни носии, кои претставуваат културно наследство, и се со забрана за промет и за продажба без нивна дозвола.
Тројцата се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
фото/депозитфотос
Македонија
Димитровски: Нашето брзо членство во ЕУ е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа
Замени-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска учествуваше на состанокот на партнерската комисија на САД – Јадранската повелба (А5), што се одржа во Мостар, БиХ.
Министерскиот состанок, со кој се заокружи претседавањето на Босна и Херцеговина со САД – Јадранската повелба, собра претставници од земјите членки – Хрватска, Црна Гора, Албанија и САД, како и земјите набљудувачи од регионот – Србија, Косово и Словенија.
Состанокот беше искористен за размена на мислења во однос на актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува регионот, како и за разгледување на можностите за понатамошно интензивирање на комуникацијата, координацијата и практичната соработка во справувањето со заедничките кризи и ризици. Посебен акцент беше ставен на досегашните постигнувања во рамките на А5 и перспективите на Јадранската повелба како значајна регионална платформа за градење стабилност, соработка и отпорност.
Дискусиите се фокусираа на современите хибридни закани, сајбер-ризиците, дезинформациските кампањи и последиците од природните непогоди. Учесниците ја нагласија потребата од координиран, конзистентен и засилен пристап, засилено партнерство, редовна размена на информации и развивање усогласени механизми за брза реакција.
Заменик-министерот Димитровски ја реафирмира силната посветеност на Република Северна Македонија кон зајакнување на улогата и релевантноста на САД – Јадранската повелба како уникатна регионална платформа, која придонесува за унапредување на стабилноста, безбедноста и евро-атлантската ориентација на земјите од Западен Балкан.
„Нашата силна посветеност кон САД – Јадранската повелба останува непроменета. Нашето брзо членство во Европската Унија, како и членството на сите земји од регионот, е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа”, истакна Димитровски.
Во својата дискусија тој ја истакна и стратешката важност на унапредување на евро-атлантските процеси како алатка за зголемена отпорност и намалување на дестабилизирачките влијанија врз регионот.
Земјите членки на крајот од состанокот ја изразија поддршката за претстојното преземање на претседавањето во 2026 година од страна на Република Хрватска.

