Спорт
Кај мажите затворено – Новак и никој друг, кај жените отворено
Од специјалниот известувач од Вимблдон, Ненад Живановски
Како и минатата година, така и оваа, известувачот на Макфакс и Топ спорт од Вимблдон, на првиот ден од почетокот на тенискиот турнир, направи кратка анкета меѓу новинарите за тоа кого очекуваат да биде победник на турнирот во машка и женска конкуренција. Нивните прогнози се потполно идентични кога е машкиот дел од турнирот во прашање, додека во женска конкуренција, како најавуваат, сè ќе биде отворено до последниот ден.
За Нел Меклеман, известувач за Дејли Мирор, нема дилема дека Новак Ѓоковиќ е апсолутен фаворит. „Тој има традиција да победува на Вимблдон и не гледам кој може да го спречи во тоа. Би било фантастично ако во финалето се сретне со Карлос Алкарас, но, очекувам дека и во тој меч Алкараз да биде нервозен како што беше на Роланд Гарос. Доколку дојде до такво финале, Ѓоковиќ ќе биде фаворит и во тој меч“. Што се однесува до женскиот дел од турнирот, за него сè е отворено до крај. „Прашање е како Ига Швјонтек ќе игра и меѓу првите три тенисерки сè е неизвесно. Елена Рибакина може повторно да биде победник, иако јас би сакал Коко Гоф да го освои турнирот. Таа е подготвена за голем успех, ќе оди далеку и би било одлично да се види во финалето“.
За репортерката на официјалниот сајт wimbledon.com, Кејт Батерсби, би било возбудливо да се види финале Ѓоковиќ – Алкараз.
„Надвор од нив е незамисливо да се очекува трет фаворит. Ѓоковиќ е доминантен, но можно е тој да не е доволно подготвен или да има проблеми со телото. Сепак, тој е главен. Што се однесува до жените, Швјонтек се чувствува болно. Минатата година беше елиминирана доста рано, бидејќи за неа е незгодно да се движи на трева, додека Рибакина одигра одличен турнир. Сабаленко може да отиде далеку на турнирот, исто како што ќе биде убаво Онс Жабер да се гледа што подолго на турнирот. Кај жените сè е отворено“. Исти очекувања за машкиот турнир има и чилеанецот со македонски корени, Себастијан Варела, од порталот Клеј од Сантијаго де Чиле, за кого единствен фаворит е Ѓоковиќ. Но, тој наведува и две опции во кои Новак нема да успее да ја одбрани титулата. „Прво, доколку Ѓоковиќ се повреди, а второ доколку игра со левата рака. Освен негов триумф, би било големо изненадување доколку го загуби овој трофеј. Алкараз би можел да влезе во финалето, а тоа што му се случи во Париз ќе биде огромна лекција во неговиот понатамошен живот. Исто така, ги гледам и Синер, Корда и Медведев како други фаворити, кои можат да стигнат до завршната фаза“. Кај жените Себастијан со неочекувана, но храбра прогноза: „Замислувам дека Квитова ќе го искористи сето свое искуство во нејзина корист. Таа може да биде фаворит од сенка на турнирот“.
И известувачот на официјалниот АТП сајт, Сем Џакот, не гледа кој може да го сопре Ѓоковиќ на патот кон нов триумф и нови рекорди. „Прашање е кој може да го предизвика. Тејлор Фриц е во добра форма, а Алкарас доаѓа како победник на Квинс. Синер, исто така, може да се најде во финалето. Беретини и Кириос не се сто посто спремни за таков подвиг“. Во женскиот дел Швјонтек сè уште го нема освоено турнирот, а јас би сакал Коко Гоф да ја видам до крај. Сепак, не знам дали некоја тенисерка може да ја победи Рибакина. Исто така, Онс Жабер лани играше во финале и таа може да оди до крај. Кај жените сè е отворено“.
Известувачот на агенцијата Франс Прес, Дејвид Џејмс, најилустративно ја опишува доминацијата на Србинот: „Ѓоковиќ победува 100 проценти! Тој само треба да се појави на теренот и каже: ‘Благодарам многу, се гледаме следната година.’ Нема кој друг, ги нема Надал и Федерер. Циципас, Медведев немаат резултати да го предизвикаат. Алкарас можеби ќе може да го победи Новак во иднина, но не и оваа година. Во евентуалното финале, може да му се повтори она што му се случи на Ролан Гарос, да не го издржи притисокот“. Кај жените тој предвидува дека Швјонтек е фаворит, но и дека Рибакина има големи шанси, исто како и Сабаленко што може да покаже голема игра.
На крај од оваа анкета, разговаравме и со двајца известувачи кои доаѓаат од земјите од каде се и најголемите фаворити за пласман во финалето. Миодраг Димитријевиќ од порталот Нова од Србија и Мануел Санчез, кој известува за агенцијата ЕФЕ од Мадрид.
За Миодраг апсолутен фаворит е Ѓоковиќ, кој повторно го има предизвикот за календарски гренд слем и до финалето нема да има поголеми проблеми. „Во неговиот дел се Хуркач и Синер, но двајцата се далеку од својата најдобра форма. Сепак, секогаш постои можност за изненадување, а тоа, веројатно, ќе биде и клучниот збор за ова издание на Вимблдон. Нема дилема дека секој љубител на тенисот се надева на финале Ѓоковиќ и Алкараз, пред сè да би виделе каков одговор може да понуди Шпанецот после Ролан Гарос“. За него, кај жените Елена Рибакина и Арина Сабаленко веќе се видени во полуфиналето, а ќе биде занимливо да се види дали Швјонтек ќе може да одигра нешто подобро на трева во однос на минатите години и да дојде до завршница на турнирот. „Не би требало да се отпишува ни Онс Жабер, која сака да донесе гренд слем титула на африканскиот континент, а можно е и Викторија Азаренка да има своевидна „лабудова песна““.
За Мануел од Мадрид, Ѓоковиќ е прв фаворит, а Алкарас втор. „Се што постигна Новак оваа година му дава за право да е најкомпетентен. Има веќе два гренд слема освоено годинава. Пред турнирот, Алкарас имаше проблеми со ногата, меѓутоа, имаше доволно време да се опорави и многу работеше на физичката подготовка. Кај жените интересно ќе биде како Рибакина ќе се прилагоди од земјен терен на трева. Сакам да видам и дали Сабаленко ќе го повтори успехот од Австралија Опен. Заедно со Швјонтек, за мене тие се главните фаворити на турнирот“.
Ненад Живановски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Њујорк Никс го освоија НБА купот, Брансон МВП
Кошаркарите на Њујорк Никс ги победија Сан Антонио Спарс со 124:113 и го освоија НБА Купот. Њујорк Никс го освоија трофејот во НБА Купот за прв пат во својата историја.
По Лос Анџелес Лејкерс и Милвоки Бакс, тие се третиот тим што го освои НБА Купот.
Ова беше мини-одмазда за 1999 година и болниот пораз на Никс во финалето на НБА против Сан Антонио Спарс, кога повредениот тим (предводен од Патрик Јуинг, Лари Џонсон и Латрел Спривел) немаше шанси против Тим Данкан и Дејвид Робинсон…
Ситуацијата беше неповолна за тимот од Тексас бидејќи пред почетокот беше објавено дека Вембањама ќе игра само 20-25 минути и дека натпреварот ќе започне од клупата.
Тимот од Њујорк играше без Мајлс „Дус“ Мекбрајд и Ландри Шемет, кои беа надвор од теренот поради повреда.
На сите им беше јасно дека Никсите се фаворити, но Спарсите немаа намера да попуштат без борба и дадат силна борба во Лас Вегас.
Натпреварот беше изедначен до самиот крај, а клучна беше последната четвртина која Никс ја добија со 35:19.
Џејлен Брансон беше прогласен за МВП на финалето, играше 40 минути и постигна 25 поени, додека Оу Џи Ануноби имаше еден од најдобрите натпревари во својата кариера и беше најефикасен со 28 поени, девет скока и три асистенции, а Карл Ентони Таунс постигна 16 поени.
Џордан Кларксон со 15 поени и Тајлер Колек со 14 и 5 скока и асистенции беа одлични од клупата.
Вембањама беше запрен на 7 од 17 од поле и 18 поени, додека Диарон Фокс имаше 16, Стефон Касл 15 поени со 12 асистенции, а најефикасен поединец кај Сан Антонио беше Дилан Харпер со 21 поен и седум асистенции.
Спорт
Лапорта: Реал Мадрид страда од хроничен „Барселонитис“
Претседателот на Барселона, Џоан Лапорта, возврати на навредата од Флорентино Перез, велејќи дека Реал Мадрид страда од „акутен барселонитис“.
Првиот човек на Барса верува дека нападите поврзани со „аферата Негреира“ се само доказ за опсесијата на Реал, кој, според него, е повеќе загрижен за Барселона отколку за сопствените проблеми.
Вербалната војна меѓу двата шпански фудбалски гиганти достигна ново ниво. Само неколку дена откако претседателот на Реал, Флорентино Перез, во жесток говор пред членовите на клубот, го опиша „случајот Негреира“ како најголем скандал во историјата на фудбалот, Лапорта возврати со саркастичен контранапад.
Односот меѓу клубовите, до неодамна обележан со сојуз околу проектот на Европската суперлига, се чини дека е целосно нарушен.
По говорот на Перез во кој ги нападна Барселона, Ла Лига, Шпанската фудбалска федерација (RFEF) и медиумите, Лапорта им ја понуди својата медицинска проценка на ситуацијата на новинарите.
Првиот човек на „Блауграна“ посочи дека неуморното фокусирање на Реал Мадрид на правните проблеми на Барселона е симптом на подлабок психолошки проблем. Наместо да биде заплашен од приватната тужба на Реал Мадрид за „аферата Негреира“, Лапорта тврди дека опсесијата сега се претворила во нешто хронично.
„Порано беше Барселонитис, но сега е акутен Барселонитис“, рече Лапорта. „Гледам дека Барселонитис е во сржта на навивачите на Реал Мадрид“.
На прашањето зошто верува дека во Реал зазеле толку агресивен став, Лапорта ги отфрли правните аргументи и посочи на менталната состојба на неговите ривали.
„Прашајте ги нив“, одговори тој. „Она што го гледам е дека тие имаат акутен Барселонитис, а тоа ни одговара совршено“.
Според него, бучавата што доаѓа од „Бернабеу“ е всушност позитивен сигнал за неговиот клуб. Тој тврди дека ако Реал Мадрид ги поминува своите состаноци анализирајќи ја историјата и правните битки на Барселона, игнорирајќи ги сопствените проблеми.
Foto/ depositphotos
Спорт
Усман Дембеле е најдобриот фудбалер во светот за 2025 година
Фудбалерот на Пари Сен Жермен и француската репрезентација, Усман Дембеле ја освои наградата на ФИФА „Најдобар“ за најдобар фудбалер во 2025 година.
Дембеле оваа година со ПСЖ ја освои Лигата на шампионите, првенството, Купот на Франција и Суперкупот на Франција. Наградата му ја врачи претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
Главни конкуренти на Дембеле беа Килијан Мбапе и Ламин Јамал.
Во женска конкуренција, Аитана Бонмати од Барселона ја освои наградата за најдобра фудбалерка.
ФИФА го избра Луис Енрике од ПСЖ за најдобар тренер. Во женска конкуренција, наградата ѝ припадна на Холанѓанката Сарина Вигман, која како тренер оваа година ги предводеше фудбалерите на Англија до титулата европски шампион.
Во најдобриот тим во машка конкуренција беа: Џанлуиџи Донарума, Нуно Мендес, Вирџил ван Дајк, Вилијан Пачо, Ашраф Хакими, Родри, Витиња, Џуд Белингам, Кол Палмер, Ламин Јамал и Усман Дембеле.
Најдобар голман во изборот на ФИФА е Џиџи Донарума, а наградата „Ференц Пушкаш“ за најубав гол му припадна на Сантијаго Монтиел.
Најдобрите во изборот на ФИФА ги избраа капитените на националните тимови, селекторите, новинарите, како и навивачите на официјалната веб-страница на ФИФА.

