Македонија
ВМРО-Народна бара оставка од Петровска: Под македонско знаме српскиот државен секретар нè нарече „стара и јужна Србија“

На 30 јуни во Штип во присуство на локалниот врв на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и црковни великодостојници на Македонската православна црква, беше одбележана 110-годишнината од брегалничката битка и откривање на обновената од страна на Република Србија постојна спомен плоча, потсетуваат од ВМРО-Народна партија.
На тој начин, како што споменуваат во нивното соопштение, продолжува традицијата што патем ја започна владата на Никола Груевски со големата прослава на локалитетот Зебрњак во Кумановско, да се обновуваат и одбележуваат настаните со кои во време на балканските војни, Македонија потпаднала под едно од најтешките ропства во својата историја или Српската окупација.
Според нив, интересен е моментот со кој се потврдува фактот дека на нетранспарентен начин помеѓу Северна Македонија и Република Србија е потпишан договор за обновување на сите споменици кои во времето на Караѓорѓева Југославија биле изградени на територијата на Македонија, а уште поизненадувачки е фактот дека на сите досега обновени споменици се допишува дека „се срушени во време на бугарската фашистичка окупација“.
„Но најскандалозниот момент е што официјалниот претставник на Република Србија господинот Зоран Антиќ – државен секретар во владата на Република Србија во својот говор Македонија ја нарече ‘стара Србија’ и ‘јужна Србија’, а сето тоа под знамето на Република Северна Македонија и пред македонски војници и владини и претставници на локалната власт. Оттука, ВМРО-Народна партија бара од Министерката за одбрана, поради ваквото грубо рушење на македонскиот суверенитет и идентитет, да си поднесе оставка, министерот за надворешни работи да врачи демарш на амбасадорката на Република Србија, а очекуваме претседателот на Северна Македонија јавно да го осуди овој чин и со тоа покаже принципиелност во својата балканска политика“, се потенцира во реакцијата од ВМРО-Народна партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова во Тирана на Самитот на шефови на држави и влади на земјите од ПСЈИЕ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Тирана, Албанија каде што ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
Таа ќе се обрати на пленарната сесија на тема: „Поттикнување на стабилноста и просперитетот преку регионална соработка и интеграција во ЕУ“, како и на заедничката прес-конференција со албанскиот и со бугарскиот претседател, Бајрам Бегај и Румен Радев, во својство на претседатели на државите коишто се претходен, актуелен и иден претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Домаќин на Самитот е албанскиот претседател Бајрам Бегај. Покрај македонската претседателка Сиљановска-Давкова, предвидено е да учествуваат: претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар; претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ; претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу; претседавачката со Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ; претседателот на Бугарија, Румен Радев; претседателот на Владата на Србија, Ѓуро Мацут, како и заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Молдавија, Михаи Попсои.
На Самитот ќе учествуваат и министрите за надворешни работи: на Турција, Хакан Фидан, на Грција, Јоргос Герапетритис; на Романија, Емилиан Хоратиу Хурезеану; државниот секретар во Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска, Фрањо Матушиќ; генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Амер Капетановиќ и шефот на делегацијата на ЕУ во Тирана, Силвио Гонзато.
Во рамки на работната посета на Албанија, Сиљановска-Давкова во Тирана ќе оствари средба со претставници на македонското национално малцинство во Албанија, на Македонската алијанса за европска интеграција, на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, како и со македонски дипломати и професори.
Македонија
Ѓорѓиевски: Бесплатно летување за најуспешните спортисти

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски извести дека и оваа година продолжуваат со успешната пракса на наградување на младите спортски таленти со бесплатно летување, како дел од стратегијата за поддршка на спортот и здравиот начин на живот.
„Победниците во Лигата на училишен спорт, која опфаќа натпревари во кошарка, фудбал, одбојка и ракомет во машка и женска конкуренција, ќе имаат можност да летуваат во Извидничкиот Центар во Охрид.
Се работи за прваците за учебна 2024/2025 во:
ракомет – жени ООУ ,,Кузман Шапкарев”;
ракомет – мажи ООУ ,,Кирил Пејчиновиќ”;
кошарка ООУ ,,Кузман Ј. Питу”;
одбојка ООУ ,,Партенија Зографски”
фудбал ООУ ,,Кирил Пејчиновиќ”
Спортот ги подобрува физичкото и менталното здравје на децата, но создава и другарства, дисциплина и тимски дух. Со обезбедување бесплатно летување не само што ги наградуваме нивниот труд и посветеност, туку и дополнително ја поттикнуваме спортската култура во училиштата.
Ова е дел од нашата стратегија за поддршка на младите и како општина ќе продолжиме со мерки што ќе овозможат уште поголема афирмација на спортот и негов развој во нашите училишта“, напиша на својот фејсбук профил градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Повикот за доделување награда за младинско учество е отворен

Министерство за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) во соработка со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) ја доделуваат овогодинешната Награда за младинско учество.
Наградата се доделува во три категории:
- индивидуална категорија (млади на возраст 15-29);
- категорија за неформални групи на млади (од најмалку 3 членови) и
- категорија за младински организации, организации за млади и чадор младински организации.
Наградата има за цел да го препознае и валоризира трудот на младите при адресирање на различни општествени прашања. Истата ќе биде доделена за активности и иницијативи што номинираните лица ги реализирале во периодот јуни 2023 – мај 2025.
Висината на Наградата за младинско учество по категории е следната: 1.000 евра за индивидуална категорија; 3.000 евра за неформални групи на млади и 3.000 евра за младински организации.
Рокот за поднесување на номинации е од 16 до 30 јуни, 2025 година.
За условите и критериумите за Наградата за младинско учество повеќе детали на следниот линк: https://shorturl.at/elsC4
Поднесувањето на вашата номинација можете да го направите на следниот линк: