Економија
Битиќи: Компаниите во Скопскиот регион ги поддржавме со една милијарда и 200 милиони денари финансиска поддршка за инвестиции
Само во Скопскиот регион, владата има исплатено околу 1 милијарда и 200 милиони денари финансиска помош за 181 компанија преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите (ЗФПИ) изјави заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи при денешната посета на компанијата „Нехо Исни“ од Скопје.
Во неговата изјава по обиколката на производствените капацитети за производство на сладолед, што ова компанија успешно го прави од 2012-та година, како еден од двата единствени производители на македонскиот пазар, вицепремиерот Битиќи изјави дека компанијата Нехо Исни беше поддржана од Владата каде исплатената помош за „Поддршка за пораст на капитални инвестиции“ и „Поддршка за зголемување на конкурентност на пазарот“, изнесуваше над 6 милиони и триста илјади денари.
„Во оваа прилика сакам да нагласам дека компанијата суровините за производство на сладоледот ги купува исклучиво од домашните компании, при што над 70% од производството е наменето за регионалниот и европскиот пазар, а останатиот дел се пласира на домашниот пазар. Поддржувајќи ги компаниите кои користат домашни суровини ние ја промовираме одржливоста и зајакнувањето на домашната економија, бидејќи преку овој пристап се поддржуваат локалните фармери, производители и добавувачи. Ова активно придонесува за отворање нови работни места и економски раст“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи информираше дека финансиската помош на Владата за „Нехо Исни“, резултираше со 40 нови вработувања.
„Денес компанијата Нехо Исни вработува 90 лица, од кои 40-тина вработувања се креирани за времетраење на инвестицискиот проект од 2018 до 2022 година. Нашата стратегија преку законот за финансиска поддршка на домашните компании е да ги идентификуваме секторите кои можат да имаат додадена вредност за да бидат поконкурентни не само на домашниот пазар туку и во странските пазари“, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека Планот за економски раст поставен во 2017 година, потврдува дека оваа Влада го знае вистинскиот пат за економски раст и развој на нашата земја.
„Само во Скопскиот Регион поддржани се 181 компании кои до денес имаат добиено околу 1 милијарда и 200 милиони денари финансиска помош за нивните инвестициски циклуси, кои креираа нови работни места за нашите граѓани“, изјави Битиќи.
Менаџерот на компанијата, Орхан Шаќири, се заблагодари на Владата за финансиската помош за која рече дека за нив е од особено значење во делот на проширување на капацитетите и нови вработувања, и ги охрабри компаниите да влегуваат во нови инвестициски циклуси кои ќе резултираат со нови работни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Microbalkans 2025: Никола Јошевски за усогласувањето на правните рамки со директивите на ЕУ
Никола Јошевски, генерален менаџер и сопственик на Mint Fintech Group и претседател на Групацијата на финансиски друштва при Стопанската комора на Македонија, учествуваше на престижната регионална конференција Microbalkans 2025, што се одржа во Дубровник, Хрватска, од 5 до 7 ноември 2025 година.
Како панелист на високопрофилната дискусија „Усогласување на правните рамки со директивите на ЕУ“, Јошевски се приклучи на водечки европски партнери и институции кои активно придонесуваат за развојот на социјалните финансии во регионот на Западен Балкан.

Панелот се фокусираше на регулаторната хармонизација, финансиската инклузија, платните системи и усогласувањето со процесот на пристапување кон ЕУ, со посебен акцент на улогата на микрофинансиските институции и финтек решенијата во одржливиот развој и регионалната соработка.
Во своето обраќање, Јошевски ја нагласи потребата од создавање на стабилен и интегриран финансиски систем што ги надминува класичните регулаторни рамки, посочувајќи:
„Главниот предизвик не е само во пренесувањето на директивите на ЕУ во националното законодавство, туку во создавањето на целосен екосистем – таков што нè прави конкурентни, инклузивни и силни дома.“
Панелот поттикна значајна дискусија за иднината на финансиската регулатива во регионот и улогата на микрофинансиските институции во зајакнување на финансиската стабилност, транспарентност и дигитална трансформација.

Конференцијата Microbalkans 2025, поддржана во рамките на соработката со Европската унија, го обедини врвот на експертизата од Европа и Западен Балкан, создавајќи дијалог за унапредување на социјалните финансии, микрокредитирањето и финтек иновациите.
Присуството на Mint Fintech Group на овој настан уште еднаш ја потврди посветеноста на компанијата кон модернизација на финансискиот сектор во Македонија, создавање инклузивна економија и промовирање европски вредности во финансиските услуги.
Со своето учество, Јошевски ја зацврсти позицијата на Македонија како активен партнер во градењето на современ, конкурентен и одржлив финансиски екосистем, кој ја поврзува регионалната соработка со европските стандарди и отвора нови можности за раст и развој.
(ПР)
Економија
СДСМ: Инфлацијата зголемена на 4.5%, граѓаните скапо ги чинат промашените економски политики на власта
Инфлацијата повторно расте и во октомври достигна 4,5 проценти, спротивно на владините уверувања дека ќе се намали и под 3%, велат од СДСМ.
„Овој пораст е јасен показател дека економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и без никаков резултат. Инфлацијата го јаде стандардот на граѓаните, ги јаде платите кои не се покачуваат туку стагнираат, цените на храната и основните производи растат, сметките се повисоки, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите. Платите и пензиите заостануваат далеку зад растот на цените, граѓаните секојдневно плаќаат повисоки цени за леб, млеко, масло, лекови, за сметки а платите не мрдааат. За само година и половина ДПМНЕ донесе економска стагнација, раст на инфлацијата и пад на животниот стандард“, се наведува во соопштението.
Економија
Електродистрибуција го имплементира најновиот систем SIEMENS SCADA за дигитално управување со мрежа – Скопје
Во финална фаза на имплементација е најновиот SIEMENS SCADA систем за дигитално управување со среднонапонска и високонапонска мрежа, со што значително ќе се унапреди дигиталната трансформација и системите за далечинско управување и мониторинг, соопштија од компанијата.
Со помош на најновиот SCADA систем, како што е појаснето, ќе се оствари меѓусебно поврзување на диспечерските центри на ЕВН и МЕПСО со цел поквалитетно водење на целата електроенергетска мрежа во државата.
„Со инвестиција од еден милион евра, најсовремениот SCADA систем овозможува повисоко ниво на автоматизација, сигурност и оперативна контрола, што претставува клучен предуслов за ефикасна енергетска транзиција и поголема диверзификација на изворите на електрична енергија во земјата. Системот има особено значење во периоди кога сѐ поголем број фотонапонски централи се приклучуваат на дистрибутивната мрежа. Досега се регистрирани 2.963 нови приклучоци од обновливи извори, со вкупна инсталирана моќност од 860 MW, што во одредени ситуации може да претставува предизвик за стабилноста на енергетскиот систем. Со ваквите инвестиции во дигитализација на клучните процеси, Електродистрибуција обезбедува поквалитетни, доверливи и поефикасни услуги за своите корисници и ја зацврстува сигурноста и ефикасноста на мрежата, потврдувајќи ја својата заложба за модерна, транспарентна и дигитална енергетска инфраструктура“.

