Европа
Османи: Мора да ги активираме сите механизми за поддршка на мирот и стабилноста во регионот на ОБСЕ
Летната сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ се одржува во време на големи предизвици за Организацијата, за безбедноста и за соработката – нашите клучни вредности. Во услови на воена агресија на Русија врз Украина, наша цел како Претседавачи со ОБСЕ е да ги почитуваме нашите обврски, да ја зачуваме функционалноста на Организацијата и да бараме начини за враќање на дијалогот.
Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи во денешното видео обраќање на Летната сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ што се одржува во Ванкувер, Канада.
„Нема да правиме компромис со овие принципи. Суштински дијалог може да се води само во линија со овие принципи и во согласност со меѓународното право. Во таа насока, ја повикуваме Руската Федерација веднаш да го прекине огнот. Обединети сме во поддршката на Украина и Украинците кои страдаат и одлучно ги осудуваме руските воени злосторства“, рече Османи.
Се заблагодари за работата на парламентаците и нивната вклученост во застапување за правата на повеќе од една милијарда луѓе од целиот регион за ОБСЕ. „Само преку директно учество и разбирање на потребите на луѓето, можеме да поттикнеме политичка волја за надминување на моменталните предизвици“, потенцираше Османи.
„Војната во Украина останува наш врвен приоритет, но високо на нашата агенда се сите долготрајни конфликти и нестабилност во регионот на ОБСЕ што директно влијаат на животот на луѓето. Затоа од исклучителна важност е да ги активираме сите механизми и капацитети на ОБСЕ со цел да го поддржиме мирот и соработката“, рече Османи.
Тој пред околу триста делегати на Парламентарното собрание на ОБСЕ уште еднаш ги претстави приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со Организацијата и побара политичка посветеност и иницијативи што заеднички ќе придонесат за зајакнување на демократијата и парламентарната дипломатија во регионот на ОБСЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Киев: Убивме најмногу руски војници за еден ден; Русите: Ние уште повеќе Украинци
Русија претрпе рекордни загуби во мај и забележа најголема дневна загуба на персонал од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, според Киев. Руските сили изгубија 38.940 борци во Украина минатиот месец, соопшти во саботата украинското Министерство за одбрана.
Украинската армија редовно известува за дневни руски загуби. Во средината на мај, киевските трупи изјавија дека Москва изгубила 1.740 војници за еден ден, што е најголем број дневни руски жртви од почетокот на сеопфатната војна. Треба да се напомене дека не е многу лесно да се одреди вистинскиот размер на жртви на бојното поле. Затоа аналитичарите повикуваат на претпазливост во однос на бројките што ги презентираат Русија и Украина, пишува „Њузвик“.
Иако западните експерти често проценуваат дека руските загуби на фронтот се помали од бројките наведени од Украина, британското Министерство за одбрана во петокот соопшти дека Москва најверојатно има повеќе од 500.000 борци ранети или убиени од почетокот на 2022 година. Во текот на мај Русија изгуби повеќе од 1.200 војници дневно, што е најмногу од почетокот на инвазијата, објави британската влада.
„Руските загуби најверојатно произлегуваат од континуираните напади на украинските позиции долж линијата на фронтот, без соодветна обука на војниците“, соопшти британското Министерство за одбрана. Москва започна офанзива против североисточниот регион на Украина Харков минатиот месец, отворајќи нов фронт. Во исто време, интензивните борби продолжуваат во источниот регион на Доњецк.
Украинската војска во саботата објави дека Русија извршува тешки напади западно и северозападно од градот Доњецк што е под руска контрола и дека активноста се интензивирала уште на север, кон Харков. Истиот ден Киев објави дека Русија претрпела 1.130 жртви во претходните 24 часа, со што вкупниот број на загинати руски војници, според Украина, достигна 508.780.
Москва последен пат пријави жртви во септември 2022 година, кога поранешниот министер за одбрана Сергеј Шојгу рече дека биле убиени нешто помалку од 6.000 руски војници. Руската Би-Би-Си и руската независна медиумска група Медијазона минатиот месец потврдија дека меѓу февруари 2022 година и 22 мај 2024 година, најмалку 54.185 руски војници ги загубиле животите.
Украина, исто така, претрпе големи загуби и ретко дава ажурирања за бројот на жртви од нејзина страна. Украинскиот претседател Володимир Зеленски на крајот на февруари изјави дека во текот на двете години од војната биле убиени 31.000 украински војници. Од друга страна, Русија наведува дека бројот на загинатите украински сили е многу поголем и дека Киев само во 2023 година загубил 215.000 борци.
Во саботата Русија објави дека во изминатиот ден биле убиени 1.845 украински војници.
Европа
(Видео) „Бредли“ уништи две руски оклопни возила, војниците ползеа низ полето
Американско оклопно возило „Бредли“ уништи два руски оклопни транспортери во источна Украина, соопшти украинското Министерство за одбрана, споделувајќи снимка на која се гледаат нападнати два руски оклопни транспортери додека се движеле низ отворен терен.
Неколку руски војници скокаат од возилата по најмалку една експлозија, паѓајќи на земја додека Украинците продолжуваат да пукаат во нив. Подоцнежната снимка, која се чини дека е снимена со дрон, покажува еден транспортер во пламен.
Од украинската 47 механизирана бригада истакнаа дека нивните извидници откриле руски војници и чекале да излезат на отворено пред да го започнат нападот. Командантот на 47-та механизирана бригада изјави за „Њузвик“ уште во јануари дека руските сили „се плашат“ да започнат операции „кога знаат дека ќе мора да се соочат со Бредли“.
Европа
(Видео) Русите по две години ослободија млада Украинка: „Ја мачеа, ја изгладнуваа“
Во рамките на 52-та размена на воени заробеници, Русите ја ослободија Маријана Чечељук, 24-годишна полицајка на Националната полиција на Украина (НПУ) од Мариупол. Таа беше во заробеништво повеќе од две години. По почетокот на инвазијата на Украина, Маријана и нејзината помлада сестра се сокриле во фабриката за челик Азовстал, пишува Украинска Правда.
Кога цивилите беа евакуирани од фабриката за челик, тие беа однесени во руски филтрационен камп. Русите, откако дознале за нејзината професија, ја пренеле во истражниот затвор во Доњецк. После тоа, извесно време била задржана во затворскиот логор во Оленивка, а потоа испратена во затворите во Таганрог и Мариупол.
„Се обидоа да ја придобијат ќерка ми, и понудија голема плата, ја заплашија. Но таа одби“, изјави мајката на Маријана, Наталија Чечељук за весникот ЗМИНА во јануари. Мајката на приведената полицајка рече дека Маријана била изгладнувана, тепана и малтретирана на различни начини.
Здравјето и се влошило поради затворските услови – респираторните заболувања и болките во грлото се претвориле во хронична форма на бронхитис.
„Маријана ослабе многу, имунитетот ѝ ослабна, косата почна да ѝ опаѓа, менструацијата ја изгуби“, вели мајката.
Наталија постојано и пишувала на ќерката, но Маријана не добивала писма. Долго време таа не знаела што се случува со нејзиното семејство, дали се добро и каде се. Кога Координативниот штаб за воени затвореници објави видео од ослободените воени заробеници, исто така, се гледа како Маријана плаче кога првпат и се јавува на мајка си.
Во рамките на оваа размена беа ослободени 70 мажи и пет жени. Најмалку една третина од воените затвореници имаат повреди, сериозни болести или инвалидитет.