Црна хроника
(Видео) МВР со детали за претресите во Скопје, Ресен, Битола и во Кочани: приведени 18 лица, поднесени кривични
Денеска, од страна на Секторот за внатрешни работи Скопје во содејство со Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за специјални полициски операции, во координација со надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, беше спроведена координирана полициска акција насочена кон лица инволвирани во шверцување луксузни моторни возила на подрачјето на СВР Скопје, како и на подрачјата на Битола, Кочани и Ресен. Притоа извршени се претреси на 24 локации кај вкупно 23 лица со цел пронаоѓање и обезбедување дополнителни материјални докази, кои потекнуваат од извршени кривични дела, од слобода се лишени вкупно 18 лица, а по 3 лица се трага.
Од страна на СВР Скопје во текот на денешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за сторени кривични дела шверцување по чл. 278, „Прикривање стоки што се предмет на шверцување и царинска измама“ по чл. 278-б, фалсификување исправа по чл. 378, спречување докажување по чл. 368, злоупотреба на лични податоци од чл. 149, фалсификување службена исправа од чл. 361 и компјутерски фалсификат од чл. 379-а од Кривичниот законик, против 21 лице на возраст од 20 до 49 години, од кои 5 се вработени како референти во Одделението за управни работи – Скопје, и тоа: Д. С. (43), Н. Н. (42), В. И. (48), С. С. (37), А. Л. Т. (29), А. П. (20), З. А. (38), С. А. (49), Н. К. (26), П. М. (41), А. Ј. (38), М. И. (45), Ф. Ф. (31), З. Т. (25), С. К. (39), С. К. (41), И. Ј. (30), М. А. К. (43), Д. Т. (34), М. С. (35), И. В. (46), како и против едно правно лице од Кочани.
Од страна на СВР Скопје при преземањето на мерките и активностите во рамките на спроведено криминалистичко истражување утврдено е дека во период од 2020 до 2022 година пријавените извршувале криминални активности, односно шверцување луксузни моторни возила, така што им ги менувале оригиналните идентификациски броеви на шасијата, потоа изготвувале или обезбедувале фалсификувана документација и ги внесувале преку државната граница со оригинални или со фалсификувани странски регистарски ознаки или со претходно издадени македонски регистерски ознаки. Тие, избегнувајќи ја царинската контрола, ги пренесувале како непријавена стока, без да ги пријават во транзитна постапка за да се почне со царинска постапка. Притоа, искористувајќи фалсификувани документи, како и претходно издадени оригинални македонски регистарски ознаки, кои потоа со употреба на лажни јавни исправи како вистинити, односно со фалсификуван идентификациски број, ги легализирале возилата како оригинални, со цел нивна понатамошна препродажба преку фиктивни продажби како хаварисани и нивни продажби за нереални износи, со цел стекнување противправна имотна корист од приближно 36.329.247 денари, односно над половина милион евра.
Во рамките на истражувањето одземени се 14 патнички возила, кои се предмет на потрага во Србија, БиХ, Белгија, Луксембург, Данска, Германија, Шведска, Велика Британија и во Бугарија, како и џип „ланд ровер“ и 1 мотоцикл.
Инаку, утрово, со судска наредба и во координација со јавен обвинител од ОЈО Скопје, извршени се претреси на дом и други простории во 23 објекти на подрачјето на Скопје, како и во Кочани, Битола, Ресен, при што се пронајдени и одземени еден воздушен хеклер, марихуана, еден пиштол, прашеста материја, над 400 куршуми во калибар од 9 мм, 12 куршуми во калибар од 7,64 мм, куршум во калибар од 7,65 мм, куршуми – 7.62 мм, куршуми – 7.62 x39, 40 куршуми за гасен пиштол, две воздушни пушки, детектор за метал, четири рамки со 25 куршуми, еден топовски удар, една рачно направена бомба, еден панцир со плоча, бејзбол-палки, ножеви, стари полициски амблеми, радиоврски, дрон, сензор за аларм, придушувачи, компјутери и поголем износ на пари во разни валути, осум договори за купопродажба, печати од правно лице и други предмети, како што соопшти Сузана Прањиќ-Талевска од МВР.
Приведените лицата во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Oбвинителство: За насилство во училиште во Сарај, побарана судска постапка спрема пет деца
Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка за вкупно 5 деца во судир со законот, бидејќи презеле дејствија кои се предвидени како кривично дело – Насилство од член 386 од Кривичниот законик.
Сите петмина, на возраст од по 14 и 15 години, заедно со уште едно дете кое не наполнило 14 години и не може кривично да одговара, во група извршиле грубо насилство врз двајца други 14-годишници.
Настанот се случил на 12 декември во дворот на О.У. “Дитурије” во Сарај. Двете деца – жртви на насилството тргнале да си одат дома кога на излезот од училишниот двор ги пресретнале напаѓачите. Започнале да ги удираат со тупаници и клоци по главата и телото. Едното оштетено дете се здобило со површинска рана на главата, додека на другото дете му нанеле тешки телесни повреди – контузија на главата, скршеница на носот и хематоми по целото тело.
Со насилството сторителите предизвикале чувство на несигурност и страв и кај други деца кои во тој момент излегувале од училиштето.
Имајќи ја предвид возраста на децата во судир со законот, но и потребата да се обезбеди непречено водење на постапката, јавниот обвинител на судијата му предложи да определи мерки на претпазливост – јавување во суд, одземање на патната исправа и забрана за приближување и остварување какви било контакти со оштетените деца.
Црна хроника
Трагедија на работното место: 53-годишен скопјанец загина во производствена хала
Работник на 53-годишна возраст загина вчера при извршување работни задачи во производствена хала во фирма кај Новоселски пат.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, на 12 декември 2025 година во 08:40 часот во СВР Скопје било пријавено дека С.А. (53) од Скопје се здобил со тешки повреди од машина, по што починал на самото место.
Смртта била констатирана од лекар од Итната медицинска помош, а на местото на настанот бил извршен увид.
Црна хроника
Два случаи на семејно насилство за два дена: сопруги нападнати во Скопје и Штип
Два одвоени случаи на семејно насилство се пријавени во текот на изминатите денови во Скопје и Штип, информираат од Министерството за внатрешни работи.
На 12 декември 2025 година околу 12:00 часот, во Полициската станица Драчево бил извршен службен разговор со Б.А. (68) од Скопје, по претходна пријава дека на 9 декември физички ја нападнал својата 66-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во вториот случај, на 13 декември 2025 година во 02:00 часот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода К.Д. (71) од Штип, по пријава дека на 12 декември околу 14:30 часот физички ја нападнал својата 77-годишна сопруга и ѝ упатувал закани. И за овој случај, по целосно документирање, ќе следува соодветен поднесок.

