Македонија
(Видео) Активистка осудена на една година условно оти попречила шинтер да залови куче
На активистката Љубица Гунчева, основач на Здружението за заштита на животните „Анимал лаверс“ од Струмица, пресудена ѝ е кривична одговорност со 3 месеци затвор и алтернативно 1 година условно поради инцидент со заловувач на куче во градот.
За случајот информира здружението „Анима мунди“, од каде што велат дека бил направен невиден преседан врз активист, волонтер, која низа години, дури Општината Струмица воопшто на никаков начин не ги третирала бездомните кучиња, згрижувала, помагала и дуомувала кучиња од улица.
„Шокирани од третманот на градоначалникот Костадин Костадинов да посегне со тужба кон општествено одговорна, емпатична девојка, без трошка срам и почит, што благодарение на неа бројот на бездомните кучиња во неговата општина е намален. Апсурд, срам за Основниот суд во Струмица, што и покрај сите приложени докази, факти дека ЈП ‘Лана’ незаконски постапувало без дозвола за работа, со нерегистрирано возило и никакви обележја и тоа за секој со здрав разум би ја оправдало реакцијата на граѓанин, но е повеќе од очигледно дека за судијата е попречување на службената должност, своевремено незаконска.
Наместо градоначалникот Костадин Костадинов да одговара што издал налог за работа на претпријатие што не смеело да работи, наместо ЈП „Лана“ да одговара што постапило прекршувајќи низа закони бидејќи немало дозвола во ниеден сегмент, пресудена ѝ е кривична одговорност на активистката со 3 месеци затвор и алтернативно 1 година условно“, велат од Здружението.
Во пресудата од судот се наведува дека активистката го попречила шинтерот да го залови кучето и го турнала, по што тој бил каснат од животното, со што извршила кривично дело попречување службено лице во службено дејство.

„На 17.10.2022 година, околу 10 часот, во Струмица, со сериозна закана се обидела да ги спречи службените лица Џоко Иванов и Дејан Ристов од Струмица во вршење службено дејство, така што откако Џоко Иванов – заловувач шинтер при ЈПЗБК стационар ‘Лана’ од Струмица, добиле налог за на улицата Братско единство број 4, по претходна пријава од Општина Струмица, дека таму има кучиња што ја загрозуваат сигурноста на граѓаните, да заловат едно црно куче и едно бело куче со црни дамки, па откако ги виделе кучињата на потегот помеѓу продавницата на ‘Црвена ружа’ и дисконтот ‘Тинекс’, најпрвин им дале храна на кучињата и во моментот кога оштетениот Џоко со специјалниот стап за заловување го фатил кучето и пред да му го стави околувратникот за да го внесе во специјалното возило, обвинетата Љубица почнала да вика ‘остави го кучето, така ли се прави тоа’, почнала да снима со мобилен телефон заканувајќи им се дека ќе ја објави на социјалните мрежи, па го турнала оштетениот Џоко, кој бил каснат со кучето и добил телесни повреди“, велат од судот.
И Гунчева се огласи за инцидентот, која вели дека ѝ е нанесена неправда, а Општина Струмица со години нема ангажирано прифатилиште за хуман третман на бездомните кучиња, односно спроведување на програмата „Залови – стерилизирај – вакцинирај – врати“.
„На 7.10.2022, додека бев на работа ,слушнав силно завивање и цвилење од куче, кое видно ме вознемири и излегов надвор да видам што се случува. Надвор затекнав, во тој момент, за мене целосно непознати лица, облечени во тренирки, без униформа или работни костими, како влечат бездомно куче со сајла, кое неутешно цвили. Се приближив до нив и ги замолив да го ослободат кучето бидејќи тоа е куче што јас го познавам и редовно го хранам. На тоа добив одговор да ги оставам да си ја вршат својата работа. Во близина беше паркирано возило без регистерски таблички, опремено за заловување кучиња. Претпоставив дека можеби се од ЈП ‘Лана’ и покрај тоа што лицата што заловуваа не беа соодветно обележани. Во повеќе наврати им реков да го ослободат кучето, па дури им се понудив да го внесам јас, по што бев одбиена. Поради ова, се вратив на работното место за да го земам телефонот за да ги снимам, со цел да ѝ покажам на јавноста дека вршат заловување на крајно нехуман начин, што е нешто против што ние со години се бориме. Следниот ден поднесов пријава во СВР Струмица поради тоа што се вршеше заловување од страна на непознати и необележани лица во нерегистрирано возило, а тие лица поднесоа против мене кривична пријава по основ спречување службено лице за вршење службена дејност“, раскажа активистката.
Додава дека за време на судењето доставила докази оти стационарот во моментот на заловување немал дозвола за работа, возилата не биле регистрирани. За време на судењето, вели активистката, градоначалникот на општина Струмица даде изјава дека налогот за заловување го има издадено лично тој поради повик на граѓанин, чиј жена била болна од рак и ѝ пречеле кучињата на улицата. Дополнително, вели, иако не ме познава, си даде право да ми дели лични квалификации како сум била проблематична личност. Судот ниту овде не најде проблем или пропуст.
Кога кучето било однесено во стационарот на ЈП „Лана“, АХВ им издало забрана за работење сè додека не добијат дозвола и налог да ги ослободат кучињата што се во стационарот. По овој нало, кучето било преземено од локален активист и донесено во нејзиното здружение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

