Македонија
(Видео) Јанакиески однесен во „Идризово“: Не се чувствувам безбедно, но ќе се издржи

Ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, правосилно осуден за „Титаник“, е однесен во затворот „Идризово“. Тој за „Макфакс“ посочи дека не се чувствува безбедно, а имајќи предвид што се случувало претходно. Јанакиески со торби влезе во полициското возило, кое дојде да го спроведе.
„Земајќи предвид што ми се случи претходно – не, но сè ќе се издржи. Важно е фамилијата да биде здрава и жива“, рече Јанакиески за „Макфакс“.
Со оглед дека рече оти не се чувствува безбедно, а во истражниот затвор „Скопје“ пред четири години беше нападнат од лица поврзани со случајот „Диво Насеље“, тој не сакаше да одговори дали се плаши од ликвидација.
Прашан за здравствената состојба, Јанакиески рече: „Под седативи“.
Тој не знаеше до каде е процедурата за спојување на притворите од 4,6 години за да му се засметаат во казната во „Титаник“.
Јанакиески е осуден на 3,6 години затвор во случајот „Титаник“ и е единствен до сите што поднесоа жалба, а доби затворска казна. На другите казните им беа ублажени во условни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) СДСМ обвинува: Со сомнителен тендер од 4 милиони евра ќе се шијат униформи во МВР, едната од фирмите регистрирана 20 дена пред тендерот

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија обвини дека во Министрството за внатрешни работи бил распишан сомнителен тендер во вредност од речиси 4 милиони евра.
Портпаролката, Богданка Кузеска, вели дека се работи за договори од милионски износи кои им се доделени на фирми без никакви капацитети, без претходно релевантно искуство, па дури и без никаква историја на јавни набавки. Една од двете фирми, според зборовите на Кузеска, била отворена 20 дена пред тендерот, додека другата имала само двајца вработени.
„Фирмата ‘Ле Бранд Дизајн’ од Битола, модно студио со просечен годишен приход од едвај 20.000 евра и само двајца вработени, добива тендер од над 2 милиони евра за шиење специјални полициски униформи. До вчера двајца вработени шиеја фустани, денес со двајца вработени треба да опремат специјални единици! Кој е овде наивен? Фирмата „Памитекс Тим“ е регистрирана само 20 дена пред распишувањето на тендерот, без веб-страница, без историја на набавки, без транспарентност. Ете ваква фирма добива тендер од 1.710.000 евра. МВР ги отстранило сите критериуми што би овозможиле транспарентна и правична конкуренција – нема услов за претходно искуство, нема минимум приходи, нема проверка на реални капацитети“, рече Кузеска.
Партијата упати прашања до министерот Панче Тошковски, кој навистина ќе ги шие униформите? Каде ќе завршат парите на граѓаните? Кој ќе одговара ако униформите не стигнат, не бидат со потребниот квалитет, или ако бидат неупотребливи за полициските специјалци? Кој ќе одговара?
СДСМ повика на итна постапка од Јавното обвинителство за сомнежи за злоупотреба на службена положба, местење тендер и можно перење пари, поништување на тендерот и отворање на нова постапка.
Македонија
ДУИ oбвинува за дискриминација на Албанците во Царинската управа

Демократската унија за интеграција вели дека 26 службеници во Царинската управа од македонска етничка припадност биле унапрдени, без ниту еден Албанец.
Од ДУИ обвинуваат дека се води систематската политика на етничко исклучување, која директно го поткопува соживотот и меѓуетничката рамнотежа во државата.
Повикаа на итна реакција од Владата и одговорност од оние кои, како што велат, со своето молчење или учество овозможуваат враќање кон дискриминаторски практики.
Македонија
Таравари го разреши Арбен Фетаи и уште неколку членови на претседателството на Алијансата за Албанците

Крилото на Арбен Таравари во Алијансата за Албанците, го разреши Арбен Фетаи од функцијата претседател на партиското собрание.
Таравари изјави дека се исклучени и некои членови на Претседателството кои јавно се изјаснуваат против Алијансата за Албанците. Се работи за 8 од 46 членови. За Мимоза Муса, Таравари рече дека не е донесена одлука оти не е јасно дефинирано дали останува со Алијансата за Албанците, или со Влен.
Тој рече дека ќе соработуват и со ДУИ, и со ВЛЕН на локалните избори за да им помогнат на Албанците, говорејќи дека нема функција, нема име или позиција што има вредност како една чесна структура која излегува пред граѓаните со чисто лице.
Состанокот и разрешувањето се случуваат во период кога повеќе високи партиски функционери се спротивставија на одлуката на Таравари да ги напушти Владата и коалицијата. За нов претседател на собранието на Алијансата е избран Назим Таипи.
Фетаи за денес во 14 часот најави прес-конференција.