Македонија
Најчевска до Маричиќ: Не бре, дете, не е добро што доаѓа европската мисија да врши мониторинг врз Судскиот совет
Испраќањето оценувачка мисија од Европската Унија за мониторинг на Судскиот совет дочекана со поздрави од Владата и критики од правната фела. Премиерот Димитар Ковачевски порача дека е добредојдена, вицепремиерот Бојан Маричиќ порача дека е добра порака до составот на Судскиот совет, а професорката по право, Мирјана Најчевска, рече дека не е добро што ЕУ праќа мисија оти тоа зборува лошо за нас.
„Не бре, дете, не е добро што доаѓа европската мисија да врши мониторинг врз Судскиот совет. Тоа значи дека сме недоветни, неспособни, шутрачиња, кои некој треба да ги мава по уши за да не си ги јадат мрсулите“, напиша Најчевска.
Зборувајќи за судството, премиерот Ковачевски рече дека Судскиот совет е тело што само се избира, само се оценува и самото дава анализа што направило.
„Од првиот ден кога станав премиер, сметав дека такви системи честопати знаат да имаат подруга слика за себеси од тоа што има јавноста, на која ѝ служат. И, затоа, добро е што во рамките на соработката, што ја имаме со ЕУ, сега ќе може да организираат процес на една таква мисија за да ги проверат сите информации во врска со функционирањето на Судскиот совет и потоа да ги споделат и со Европската комисија и со нашите политички актери, кои немаат субординација врз судството, и врз основа на тоа да бидат предложени соодветни реформи, што ќе ја унапредат работата на правосудните органи во државата“, рече Ковачевски
Евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека со загриженост ги следат случувањата во Судскиот совет и затоа се одлучиле на овој чекор.
Судскиот совет на Република Македонија соопшти дека ја поздравува и ја прифаќа идејата на амбасадорот на Европската Унија во РС Македонија, Дејвид Гир, во која најавува дека веќе ѝ е предложено на Владата да се испрати оценувачка мисија за работата на ова тело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

